Самуел Жбогар ќе биде новиот евроамбасадор во Македонија
Актуелниот специјален претставник на ЕУ на Косово и поранешен шеф на словенечката дипломатија, Самуел Жбогар, ќе биде новиот шеф на делегацијата на Европската унија во Македонија, пренесува МИА.
Од Европската комисија и од Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) се уште не ја потврдиле официјално оваа информација, поради тоа што подготвуваат соопштение во кое ќе ги објават сите 15 нови ЕУ-амбасадори во земјите од Балканот и поширокиот регион, но според информациите на МИА, Словенецот веќе минатата недела поминал успешно на сослушувањето пред Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент и доби дозвола од 1-ви септември да ја превземе функцијата од Аиво Орав во Скопје.
Жбогар нема да ја има двојната функција шеф на ЕУ делегација и специјален претставник на Косово, туку ќе биде само амбасадор на Унијата во Република Македонија. Покрај доаѓањето на Жбогар за нов ЕУ-амбасадор во Македонија, од сослушувањето во ЕП е познато и дека актуелниот шеф на делегацијата на Унијата во Македонија, Аиво Орав, заминува за амбасадор на ЕУ во Подгорица, Црна Гора.
Во неговата 22-годишна кариера како дипломат, 54-годишниот Самуел Жбогар е вклучен во сите поголеми политички проекти на словенечката надворешна политика. Во 1993 година, тој ја отвори словенечката амбасада во Пекинг каде што работел до 1995 година. Во периодот меѓу 1997 и 2001 година, тој беше заменик-амбасадор на Словенија во Обединетите нации (ОН) во Њујорк и заменик на Постојаниот претставник на Словенија во Советот за безбедност на ОН кога Словенија беше привремена членка во 1998 и 1999 година. Во тоа време, претставник на Словенија беше Данило Тирк, кој подоцна стана словенечки претседател.
Меѓу 2001 и 2004 година, Жбогар беше државен секретар во Министерството за надворешни работи на Слoвенија, во кабинетите на Јанез Дрновшек и на Антон Роп. Во овој период, тој го поддржува зајакнувањето на хуманитарниот аспект на надворешната политика и ја предводеше проект-групата за подготовка на словенечката организација на Советот за безбедност и соработка на Европа. Во 2004 година, тој беше назначен за амбасадор на Словенија во Соединетите Американски Држави, а исто така бил дел и од групата за преговори за членство на Словенија во ЕУ и главен преговарач за членство на оваа поранешна југословенска република во НАТО.
По враќањето од Вашингтон, во октомври 2008 година Жбогар станува директор на Институтот за стратешки студии во Љубљана. Во ноември 2008 година, тој е именуван за министер за надворешни работи во централно-левичарската влада на Борут Пахор со кого е другар од школски денови. Во декември 2011 година, Кетрин Ештон, тогашна Висока претставничка за надворешна и безбедносна политика на Унијата го именува Жбогар за шеф на канцеларијата на ЕУ во Косово, како специјален претставник на Унијата.
Извор: “Макфакс“
|