Китино кале во Кичево може крие и ранохристијанска базилика
Завршија археолошките истражувања на локалитетот Китино кале кај Кичево, каде се најдени многубројни наоди на садова и кујнска керамика, накит, алатки, делови од коњска опрема, византиски и венецијански монети.
Според одредени наоди вградени во средновековни објекти, постојат индикации за постоење на ранохристијанска базилика во близина.
Во текот на минатиот месец на локалитетот Китино кале беа извршени сондажни археолошки истражувања со цел одредување на границите, контактните зони, стратиграфијата и карактерот на локалитетот. За време на истражувањата, во кои учествуваа археолози од Археолошкиот музеј на Македонија и од Институтот за старословенска култура – Прилеп, вработени во Музејот на Западна Македонија во НОВ – Кичево, како и студенти и постдипломци по археологија, беа откриени културни слоеви коишто датираат од бронзеното време сè до турското средновековие, со посебен акцент на живеењето на овој простор во доцната антика, развиениот и доцниот среден век.
На локалитетот се откриени многубројни наоди на садова и кујнска керамика, накит, алатки, делови од коњска опрема, византиски и венецијански монети. Според одредени наоди вградени во средновековни објекти, постојат индикации за постоење на ранохристијанска базилика во близина.
Според архитектонските остатоци, техниката на градење и наодите, тврдината е подигната во текот на 6 век како кастел каде што се вршела контрола на патните правци што минуваат низ Кичевската Котлина. Обновена е во 11 век како византиски кастрон, време кога градот Кичево за првпат се споменува во пишаните извори. Во 13 и 14 век век градот доживеал подем. По турските освојувања и администрирањето на тврдината, таа имала само улога на касарна, а цивилното население се населило во рамницата, на просторот на денешниот град Кичево.
Носител на проектот за археолошки истражувања на локалитетот Китино кале – Кичево, кој за прв пат се спроведе во 2015 година, е Националната установа Археолошки музеј на Македонија, а е координиран од Управата за заштита на културното наследство.
Проект е поддржан во Програмата за заштита на културното наследство на Владата на Република Македонија и на Министерството за култура.
Извор: “Макфакс“
|