Кремљ сѐ уште предлага назначување нов руски амбасадор во Киев
Русија сѐ уште предлага да се назначи нов амбасадор во Украина, изјави портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.
„Тоа е нашиот пристап кон билатералните односи. Истовремено, ако украинската страна донесе одлука за снижување на нивото на нашите дипломатски односи и го смета за соодветен таквиот снижен режим на дипломатска комуникација, тоа е избор на украинската страна. Ние сѐ уште сме приврзаници на тоа и предлагаме сепак да има амбасадор на Русија во Киев“, изјави Песков, пренесува „Взгљад“.
Тој истакна дека прашањата за именување на шефови на дипломатските мисии, како и прашањата кои се однесуваат на нивото на дипломатските односи „како прво – се решаваат врз основа на меѓусебен консензус, а како второ – се решаваат во тишина“.
Одговарајќи на прашањето дали Русија ќе предложи други кандидатури за должноста амбасадор поради одбивање да му се даде агреман на Михаил Бабич (предложениот кандидат за амбасадор на РФ во Украина), Песков изјави дека тоа е некоректно поставено прашање.
„Не, не би можел да прецизирам. Некоректно е и да се постави прашањето за одбивањето на агреманот на Бабич. Различни се дипломатските процедури на времените спогодби кои, уште еднаш ќе повторам, се исполнуваат во режим на тишина. Затоа руската страна предлагаше и сѐ уште ја предлага познатата опција“, рече Песков.
Како што претходно изјави тој, Русија има право да предложи кандидат за амбасадор во Украина, како што и Киев има суверено право да не се согласи со таа кандидатура. Во таков случај е можен предлог за алтернативен кандидат.
Извор: “Руска реч на македонски“
|