А СЕГА, ГОЛЕМАТА РАЗВРСКА!
А СЕГА, ГОЛЕМАТА РАЗВРСКА!
......................................................................................................
Ова лето ќе остане запаметено во историјата по неколку настани кои ќе имаат судбоносно значање за иднината на светот. Без да ги рангираме по важност, ќе ги наведеме како претходница на уште поголемите настани кои ќе уследат во наредниов краткорочен (до среднорочен) период. Основната констатација е дека т.н. Нов светски поредок е расклатен до темел.
Геополитичкиот евроатлантски земјотрес наречен Брегзит, колку и да изгледа сега тоа ублажено, на подолг рок ја осуди ЕУ, таква каква што е, на пропаст, или поточно на постепено одумирање. Англичаните имаат доволно историско искуство и лукавост за да намирисаат дека проектот за Нов светски поредок доминиран од Западот, во кој тие жестоко и крваво партиципираа, доживува еклатантен пораз ширум светот. И избегаа.
Се разбира, тоа наликува на сликата за стаорците кои први го напуштаат бродот кој тоне, но шокантниот исход од референдумот во Британија всушност на цел свет најдиректно му покажа во која насока се движат работите. Крајниот исход од овој настан ќе биде тоа што ЕУ во најмала рака ќе се расформира/трансформира и, со оглед на се позасилените тенденции на европските народи, пред се во Германија и Франција, ќе се ослободи од американската доминација која Европа ја направи геополитичка периферија и плац д арм (особено Источна Европа) за континуирана пресметка со Русија.
Вториот шок дојде од Турција. Кој можеше да замисли дека за толку кусо време оваа земја ќе се сврти од Запад кон Исток, од НАТО (излегувањето е само прашање на време) кон Евроазискиот сојуз, од Америка кон Русија. Неуспешниот воен удар во јули и справувањето со него претставува историска пресвртница не само за Турција, туку и за целиот Блиски Исток, а истовремено евроазискиот геополитички вектор добива голем позитивен импулс и првостепено значење. Најавената алијанса меѓу Русија, Турција и Иран не значи ништо друго освен тоа дека регионот со најдолги и најкрвави конфликти во релативно кусо време може да биде стабилизиран, исчистен од отровното американско/западно влијание и дестабилизација и негово придружување кон силите кои се залагаат за мултиполарен свет, без хегемонистичка доминација на една сила како што се тоа САД денес или, како што некои го нарекуваат, за новиот Нов светски поредок.
Кој би бил тој поредок? Па, пред само недела или две, кинескиот претседател, сосема нетипично за воздржаниот манир на кинеската стратегиска политика и државничка мудрост, го изјави следново: Новиот светски поредок доминиран од Америка и Западот е минато. Новиот поредок ќе се гради околу стратегискиот сојуз меѓу Русија и Кина. Кога кинските раководители кажуваат вакви нешта на ваков начин, тука нема место за дилеми. Ваква директна директна изјава никој не очекуваше, но токму тоа укажува на фактот колку се нештата длабоко отидени во глобалната геополитичка поларизација.
Всушност, ова е втор ваков директен кинески истап за кусо време. Неодамна, кинеското раководство и предложи на Русија создавање на директен воен сојуз со цел да се спротивстават на агресивните американскивоени притисоци. Сето ова укажува дека Кина не само што нема намера да влезе во некаков таен сојуз со САД, за што овие одамна мечтаат, со што Русија би била оставена сама, туку и дека имаат намера активно да се спротивстават со крајни средства доколку биде потребно. Провокациите на Американците во Јужното кинеско море не само што не успеваат, туку даваат и контраефекти. Трпат пораз по пораз на глобалната сцена.
Во меѓувреме, Русија ги дотолчува остатоците на ИСИС во Сирија, при што опстојувањето на оваа земја ќе ја направи верен сојузник на Путин и обезбедена стратегиска безбедност на главниот сојузник – Иран – бидејќи целта на војната во Сирија е всушност стратегиско опкружување на регионалниот хертленд, Иран, кој долго се спротивставува на САД. Самата руска воена интервенција, прва на меѓународно ниво од времето на СССР, всушност го означи почетокот на крајот на Новиот светски поредок, но и почеток на почетокот на мултиполарниот свет. Америка веќе не може да контролира се, а и таму каде што го прави тоа, го прави неуспешно и по цена на огромни страдања на луѓето.
Од друга страна, интензивирањето на европската криза со имигрантите и бегалците и особено серијата ужасни терористички напади на европско тло, забрзано ги отрезнува европејците за тоа дека крвавите напади се само последица на она што (и) нивните влади го предизвикуваа на Блискиот Исток со непроменетиот менталитет за експлоатирање на тамошните нафтени ресурси, учествувајќи во коалиција со Америка во девастирањето практично на сите попристојни земји во регионот. Сега, тоа се враќа како бумеранг, а граѓаните на ЕУ се погласно бараат (и се организираат) во политички протести против американската доминација врз Европа и нејзиното жртвување. Во еден миг, тоа може да доведе до голем пресврт на политиката на ЕУ кон Русија и до еден нов, стратегиски сојуз. Тогаш, се би било готово.
Се разбира, сето ова се факти кои само потврдуваат дека Новиот светски поредок, предводен од глобалниот тоталитаризам на САД не функционира според нивните желби. До негово конечно уривање ќе почекаме уште малку, притоа воопшто не навлегувајќи во тоа кој ќе победи на изборите во САД во ноември. Попозитивниот, иако помалку веројатен проспект во смисла на негова победа е дека со Доналд Трамп тоа би било изведена без поголеми потреси, со оглед на тоа дека тој се залага за крај на американскиот интервенционизам, додека востоличувањето на Хилари Клинтон, која е директен кандидат на елитата/олигархијата која сака да го воспостави НСП по секоја цена, ги зголемува шансите за глобална војна. Самиот факт дека и во самата Америка има толку многу противници на досегашната американска (гео)политика, сега означени како приврзаници, макар и само условно на Трамп, доволно зборува.
Во меѓувреме, американските провокации продолжуваат во Украина. Пред само две недели, руските безбедносни сили спречија поголем упад на украински диверзанти на Крим, под директна патронажа на марионетскиот режим во Киев. Имаше жртви, а Путин најави соодветен одговор. Со оглед на фактот дека стратегиска цел на американците е да ја вовлечат Русија во отворена војна со Украина, со што би ја ослабнале и би го свртеле светското јавно мислење против неа, за очекување е дека Путин нема да преземе директна воена акција, туку дека значително ќе ги засили проруските сили во Донбас и Луганск. А тие одвај чекаат да тргнат на Киев. Ситуацијата во Украина е едноставно неодржлива на подолг период, ваква каква што е, и тоа би можело да биде иницијална каписла за поголем судир. Но, искуството со Турција говори дека плановите на западните хегемонисти не секогашсе остварливи.
Сепак, да, глобална војна е можна, многу историски совпаѓања укажуваат на тоа и многу потези имплицираат конфликт, но вака или овака, човештвото се разбуди и е подготвено да им се спротивстави на безмилосните експлоататори, кои предизвикаа страдања кои на оваа планета немаат историски пандан. Премногу непотребна смрт и болка има на оваа планета. На луѓето, на народите им е доста. Затоа, следи големата разврска.
Извор: “ЗАД ПОЛИТИКАТА“
|