МАРГАРЕТ АТВУД: Пишувајте и преведувајте, ширете ја вашата литература низ светот (ФОТО/ВИДЕО)
Охрабрувачки е што посветувате толку време на поезијата, која е често потценета во однос на прозата. Често во помали земји поезијата е многу побитна отколку во големите земји каде што има издавачки империи, рече Маргарет Атвуд, добитничка на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата
Писателите да пишуваат, но и да се најмат преведувачи и агенти кои ќе ја шират македонската литература низ светот, за и македонското творештво да застане на позавидно место во светската книжевна мапа. Тоа го советуваше Маргарет Атвуд, добитничка на „Златниот венец“ на годинашното 55. издание на Струшките вечери на поезијата.
Таа примерот го даде со канадската литература, при што нагласи дека во ситуација кога се соочуваат со издавачката машинерија на САД, морале да наоѓаат начини за да ги популаризираат своите автори и на другите јазици.
- Ние не сме империјалистички настроени, не се фалиме, кај нас тоа што е сработено го сметаме дека е „доволно“. Сепак, агентите, односно т.н. скаути работат и ја шират литературата. Така и вие. Навистина помага да имате добри преведувачи и интернационални агенти, скаути, кои ќе ги доведат до издавачи – рече Атвуд.
Таа укажа дека не мора да се инсистира преводот да биде на англиски јазик. Според Атвуд, добро е книгите да се преведат и на француски, па индиректно на тој начин да се дојде до издавачи кои ќе се заинтересираат да ги објават делата и на големиот пазар на англиското говорно подрачје.
- Францускиот превод е голем. Некогаш книгата може да добие интернационална публика и преку францускиот јазик – рече Атвуд.
Таа укажа дека сепак мора секоја литература, особено тие малите, да се соочи со суровата комерцијална страна на големите издавачи.
- Парадоксот на уметноста е што мора да помине низ комерцијалната страна за да дојде до читателот. Сепак средишниот пат е тежок. За да го однесете тоа што сте го направиле до консументот, морате да поминете низ темната страна на комерцијалната страна. Во спротивно своите дела ќе ги ставав во шише и ќе бев милионер – рече Атвуд.
Канадската писателка денеска засади дрво во Паркот на поезијата во Струга. Истакна дека во кусиот период колку што е во Струга и во Македонија е одушевена од топлиот пречек и од пријатните разговори со луѓето.
За фестивалот, пак, нагласи дека е особено значаен што на едно место ги доведува авторите од различни јазици и земји да се поврзат едни со други.
- Охрабрувачки е што посветувате толку време на поезијата, која е често потценета во однос на прозата. Често во помали земји поезијата е многу побитна отколку во големите земји каде што има издавачки империи – рече Атвуд.
Таа нагласи дека фестивалот е шанса за литературите да се прошират низ континентите.
- Верувам дека фестивали како овие каде што се сретнуваат поети меѓу себе и преведувачи се многу значајни. Тие секогаш бараат луѓе чии дела би можеле да ги купат и да ги пренесат на друго место. Никој не рече дека ќе биде лесно, никој не рече дека да се биде писател е лесно. Затоа и вашите родители секогаш се против тоа. Тие повеќе би сакале да сте лекар или адвокат – рече добитничката на „Златниот венец“.
Вечерва во катедралната црква „Св.Софија“ во Охрид, во 21 часот, ќе биде презентирано поетското творештво на Атвуд.
Таа во Македонија ќе остане и после фестивалот за, како што им рекла на организаторите на СВП, да го истражи регионот во кој првпат доаѓа.
Атвуд е врвно книжевно име во светски рамки. Во нејзиното портфолио се вброени дел од најзначајните награди што денес се доделуваат за книжевно творештво во светот. За нејзиниот подем и популарност меѓу читателите придонесе и престижната Букерова награда, која ја доби во 2000 година.
СВП - спој меѓу стиховите и перформансот
Спој меѓу поезијата, стиховите, музиката и перформансот се годинешните Струшки вечери на поезијата. Тоа особено се забележува на ноќните поетски читања каде што поети од Македонија и од странство заедно креираат нови стихови и го нагласуваат перформативниот дел на поетското творештво.
На истекот на реката Дрим во Струга на полноќ се одржуваат т.н. Ноќи без интерпункција, на кои микрофонот е достапен за секој што сака да ја прочита, изведе или да ја отпее својата поезија.
https://youtu.be/3QK7IFXSTCM
На јубилејните 55. Струшки вечери на поезијата учествуваат 32 поети од 30 земји. Присутни се автори од соседството, Италија, Австралија, Обединетите Арапски Емирати, Турција, Белгија, Израел, Унгарија, Кина, Калифорнија, Мексико, Шпанија, Франција, Ирска и Индија.
Извор: “Телеграф.мк“
|