ПОТПИШАН МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА ПОМЕЃУ ЛГБТИ ЦЕНТАРОТ ЗА ПОДДРШКА И НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ
Денес, во просториите на Народниот правобранител на Република Македонија, беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија – ЛГБТИ Центарот за поддршка и Народниот правобранител на Република Македонија.
Целта на соработката помеѓу Народниот правобранител и ЛГБТИ Центарот за поддршка е зајакнувањето на регионалните капацитети на Народниот правобранител во областа на човековите права и слободи на ЛГБТИ луѓето, како и зголемувањето на правната сигурност и механизмите за заштита на правата на ЛГБТИ заедницата на територијата на Република Македонија.
Оваа соработка е дел од проектот за подобрување на статусот на ЛГБТИ луѓето во Република Македонија, поддржан од УСАИД, преку кој се настојува да се вклучат ЛГБТИ луѓето во македонското општество, како и да се унапредат нивните права со имплементацијата на националното и меѓународното законодавство. Проектот започна во септември оваа година и ќе трае се до март, 2018.
На свеченото потпишување на Меморандумот за соработка беа присутни претставници на здруженија на граѓани кои работат во областа на заштитата и промоцијата на човековите права, како и претставници на медиуми. Пригодни говори одржаа извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска, програмскиот директор на ЛГБТИ Центарот за поддршка, Кочо Андоновски и Народниот правобранител на Република Македонија, Иџет Мемети. На свеченото потпишување присуствуваше и американскиот амбасадор во Република Македонија, неговата екселенција Џес Бејли, кој исто така имаше кратко обраќање во врска со Меморандумот за соработка.
Неговата екселенција, Џес Бејли, смета дека е неопходно да се создаде амбиент на толеранција и почит за сите луѓе подеднакво, вклучувајќи ги и ЛГБТИ луѓето, како и оние кои ги застапуваат нивните права. „Ние мораме да ја осигураме партиципацијата во општеството на оние кои традиционално биле жртви на дискриминаторски практики или полицијата. Во Македонија, Омбдусманот игра важна улога во промоцијата и заштитата на човековите права на сите македонски граѓани. Потпишувањето на овој Меморандум за соработка со проектот на УСАИД за Подобрување на статусот на ЛГБТИ луѓето е уште еден пример за вашата заложба за поддршка на имплементацијата на меѓународните стандарди за човекови права во Македонија, како и Националната стратегија за еднаквост и недискриминација“ – истакнува Џес Бејли.
Во врска со потпишувањето на Меморандумот за соработка, Народниот правобранител Иџет Мемети посочи дека: „За да се постигне еднаквост и и вклучување на сите форми на различностите, потребно е редефинирање на правна рамка, затоа што законите кои повикуваат на еднаква заштита го зајакнуваат моралниот императив на еднаквоста“. Сето тоа, во насока на тоа дека „Луѓето имаат право да живеат во општество кое го поддржува и целосного почитува правото на различноста, а слободата се изразува преку правото да се биде различен. Ова право ја опфаќа и слободата сексуалноста да се изразува и да се остварува на различни начини, без лицата да бидат маргинализирани и подложни на поинаков третман“ - како што потенцираше Народниот правобранител, г-нот Мемети.
Извор: “ЛГБТ.мк“
|