2016 – година на пресвртница? Олег Шчербак
Годината што изминува не беше лесна за светската дипломатија. Kлучните фактори што ја комплицираа ситуацијата на меѓународната сцена беа зголемената поларизација на силите и обидите на светот повторно да му биде наметната логиката на „студена војна“. Притоа, сите предлози на Русија за воспоставување конструктивен и обострано полезен дијалог врз основа на рамноправност, еднаква безбедност за сите и водење сметка за заемните интереси наидуваа на непробивен ѕид на неприфаќање, па дури и на отворени непријателски дејства од западните партнери. Таквите активности на земјите-членки на НАТО и на ЕУ, како што и предупредувавме, не ја постигнаа, па и не можеа да ја постигнат својата цел, односно да ја поколебаат вербата на Русија дека нејзината надворешна политика е исправна. Во исто време, тие дејства негативно влијаеја врз и онака тензичната атмосфера во светот, спречуваа решавање на веќе постојни конфликти и провоцираа нови. Токму од тие причини стагнираше политичкото решавање на двете најостри кризи на сегашноста, во Сирија и во Украина. И во двете, Русија и Западот би можеле да постигнат компромис доколку нашите партнери вистински би го сакале тоа. Но, отворената поддршка од Вашингтон и Брисел на екстремистите, било на нацистичките банди во Украина било на исламистичките во Сирија, отсуството на нивна волја за исполнување на веќе договореното (како што беше случајот со договорите на Лавров-Kери околу прекинот на огнот меѓу сириската влада и опозицијата, обидите за ревизија на „Минските договори” за Украина) оневозможија воспоставување мир во тие жаришта. Ваквата дволична политика раѓаше сомнежи за искреноста и способноста на западните партнери за договарање, торпедираше координирани пристапи и кон други глобални предизвици и закани што бараа заеднички напор од светската заедница. На крајот на 2016 година мораме со жал да констатираме дека и покрај сите апели на Русија, не беше создаден единствен светски фронт за борба против ИСИЛ и други терористички групации. Драматичните настани во Сирија и пошироко покажаа дека водечките западни земји сѐ уште не се подготвени за вистинската борба против терористите и само имитираат активна дејност со бомбастични пиар-акции од типот на т.н. офанзива во ирачкиот Мосул, од каде што на терористите деновиве им беше овозможено да префрлат свои единици и оклопни возила во Сирија за да ја освојат Палмира. Продолжуваа обидите за користење терористи за соборување непожелни политички лидери, настојувањата за поделба на терористите на „лоши“ и „умерени“, со вооружувања на овие последните. Не би сакале да помислиме дека нашите колеги се водат од мазохистички побуди, но изгледа дека од трагичните последици од создавањето на „Ал Kаеда“, вклучително и за самите Американци, која тие самите ја „одгледаа”, за потоа да стане темел на сегашниот терористички интернационализам, ниту САД ниту нивните сојузници не научија никаква лекција. Kолку и да е жално, но ехото на војната на Блискиот Исток во 2016 година одекна и низ Европа во вид на нови страшни терористички напади, како и со мигрантската криза, чие решение, без оглед на намалување на миграцискиот бран од Сирија, Авганистан, Либија и од другите земји на регионот, не е на повидок. Овие проблеми сѐ уште се актуелни и не можат да бидат решени без отстранување на нивните изворни причини. Сега веќе на сите им е јасно дека тие се темелат врз политиката на „контролиран хаос” на Блискиот Исток што ја спроведува Вашингтон и која веќе резултира со уништување на државноста на повеќе земји, уривање на нивните економии и социјални сфери, со дестабилизација на тој голем регион. Терористичката закана, милионите бегалци и дебаклот на концептот за мултикултурализмот проследени со економските тешкотии, нееднаквоста во глобализацијата и со социјалните контроверзии, кои се во пораст, ја влошуваа системската криза на западниот свет, која има очигледен идеолошки контекст. Тоа особено се забележува кај Европската Унија, каде што самоименуваната бриселска бирократија, транснационалните олигарси, владејачките елити, кои ја изгубија врската со општеството, дејствуваат наспроти традиционалните вредности и природните интереси на „Европа на нациите“, чиишто столбови од одамна се суверенитетот, културниот и националниот идентитет. Меѓутоа, наместо објективна анализа на вистинските причини на оваа егзистенцијална криза, западните лидери во текот на целата 2016 година се обидуваа да го оттргнат вниманието од неа по пат на таргетирање заеднички непријател, страшен светски злосторник, за кој, по својата одамнешна русофобична навика, ја назначија Русија. И колку повеќе владејачките елити на САД и на европските земји ја губеа популарноста, толку поагресивно се обидуваа да ја претворат Москва во плашило за целиот свет. Навистина е жално што угледни евро-атлантски медиуми, кои сѐ уште себе се нарекуваат независни, откако се уверија во својата монополска позиција во глобалниот медиумски простор, во својата тотална информациска војна против Русија и нејзините граѓани ги преминаа сите етички „црвени линии”, а лагите, фалсификатите и двојните стандарди ги претворија во норма. Со тоа, како што понекогаш им се случува на неумешни ловџии, самите си пукаа во нога и во суштина целосно го дискредитираа западниот систем на корпоративни медиуми. И тоа не е вина на „сѐприсутната руска пропаганда“, туку луѓето, едноставно, се уморија од реките од кал и лаги на „мејнстримот” и мораа сѐ почесто да бараат алтернативни извори на информација кои, за среќа, сѐ уште не се забранети на Западот. И, ете така, непристрасен набљудувач зачудено ќе открие дека Русија која „со варварски бомбардирања го поддржува крвавиот режим на Асад”, всушност, е единствена земја што не на збор, туку на дело се бори против тероризмот и по цена на животите на своите лекари, им носи хуманитарна помош на десетици илјади старци, жени и деца во Алепо, а модернизирањето на руската војска не е подготовка за „окупација на балтичките земји, на Балканот и на цела Европа“, туку само принуден одговор на повеќекратното засилување на силите на НАТО покрај руските граници; дека политиката на Вашингтон за изолирање и санкционирање на Русија доживеа дебакл, а Барак Обама доживува некаква подвоеност на личноста и никако не може да се реши, дали Русија е споредна „регионална држава, чија економија е распарчена“ или е семоќен монструм што со едно кликнување може да смени исход од претседателски избори во најмоќната држава во светот. Историјата нѐ учи дека борбата против правдата и вистината е бесмислена. Меѓутоа во сите времиња се наоѓале лудаци што се обидуваа да ја водат таа борба. Ете и сега гледаме обиди за ограничување на граѓанските слободи, за замолчување независни медиуми со сила и бирократски бариери. Од неодамнешната резолуција на Европарламентот за борба против непријателската пропаганда и од практично истата одлука на американскиот Kонгрес произлегува дека во овие две „упоришта на слободата” информацијата ќе се дели на „правилна” и на „проруска”. Притоа, ширење на последната, вклучително и преку интернет, се прогласува за закана за Западот, небаре е ИСИЛ. И покрај некои стручни психијатриски мислења дека ваквите делирични одлуки се резултат на колективно лудило поради антируската хистерија, сериозни аналитичари во овој „театар на апсурдот” гледаат мошне алармантен тренд на движење на западните демократии во насока на тоталитаризам, на времето на мекартизмот, политички мотивирана цензура и забрана на поинакво размислување. Верувам дека сите ние треба да бидеме сосема свесни за последици од таквата реинкарнација на „ловот на вештерки”. Kрајно време е исто така да разбереме дека ваквите иницијативи, исто како и обидите со уцени и закани да им наметнуваш на другите земји свој модел на демократија, свои вредности, ја разурнуваат суштината на самата демократија, ги поткопуваат нејзините институции и создаваат идеолошки вакуум, кој можат лесно да го пополнат радикални и екстремистички сили. Kолкава ќе биде тогаш цената на овие нови трагични западни авантури за целата меѓународна заедница? За среќа, 2016 година во заминување нѝ дава поводи не само за тажни размислувања, туку и за надеж за промени на подобро. Значајните политички настани како што се „брегзитот”, победата на Доналд Трамп, пропаѓањето на референдумот за уставна реформа во Италија, сведочат за сериозна пресвртница во расположението на западнато општество, каде што е постигната критична маса на заморот од политички и информациски „мејнстрим“. Во тие услови, во пораст е побарувачката на поздрави сили способни да спроведуваат одговорен и самостоен политички и економски курс. Гласањата во Молдавија, Бугарија, Естонија ја потврдија оваа тенденција и тоа е само почеток. Во 2017 година претстојат избори и референдуми во Франција, Германија, Шпанија… Сѐ посилниот „ветер на промени“ е одговор на очекувањата на мнозинството европски и балкански држави, меѓу кои е и Македонија, и ги проширува нивните можности за спроведување избалансирана повеќевекторска политика, слободна од манипулирања и притисок од надвор, за заштита на своите национални интереси, зацврстување на суверенитетот, зачувување на културниот и националниот идентитет. Во поширок контекст формирањето нов баланс на силите создава предуслови за рестартирање на дијалогот меѓу Западот и Русија, сѐ со цел надминување на конфронтациите и решавање на наталожените проблеми, меѓу кои се и обновување на заемната доверба, гарантирање еднаква и неделива безбедност, но и поврзување на глобалните и регионалните интеграциски процеси, вклучително меѓу Евроазискиот економски сојуз и Европската Унија. Нашата земја секогаш е подготвена за фер, резултативен разговор врз основа на заемно почитување со сите заинтересирани партнери и е убедена дека од тоа ќе добијат сите. Спроти новата 2017 година, сѐ појасно е дека униполарниот систем во кој „сонцето мора да изгрева на Запад“ чекор по чекор заминува во историјата. Доаѓа ерата на мултиполарниот свет, во кој секоја држава, голема или мала, има право на глас на меѓународната сцена, на своја сопствена политика, на свој удел во решавањето на глобални и регионални проблеми од кои зависат сегашноста и иднината на планетата. Русија силно го поддржува овој позитивен тренд, се залага за конструктивна соработка, за зачувување на диверзитетот во светот, за зацврстување на неговите цивилизациски темели и токму затоа е на вистинската страна на историјата. Сега топката е на кај Западот. Останува да видиме дали тој ќе успее да се адаптира кон реалноста и да се откаже од аспирациите за светското доминирање за да не се анахронизира. Денес вистинско лидерство не е давање изјави за својата „исклучителност“ во секоја прилика и неприлика, ниту се распоредување секаде воени бази и мешање во внатрешните работи на други држави, ниту е измислување непостојни закани за преку нив да се обидуваш да ги потчиниш другите. Вистинско лидерство е способноста да ги согледаш вистинските проблеми и да ги обединуваш напорите на државите за нивното решавање. Токму во тоа Русија ја гледа својата улога во светските рамки.
Олег Шчербак – Aмбасадор на Русија во Македонија
Извор: “macedoniatoday.ru“