„Браћо Македонци“
Србија треба да ѝ се извини на Македонија за злоделата врз македонскиот народ и да ја врати спомен-плочата на АСНОМ на портите на манастирот Прохор Пчински.
Некаде во средината на шеесетите години еден мој познаник патуваше со воз од Скопје за Белград. Во Ниш во купето влегла една средовечна жена и тие наскоро почнале разговор. Во разговорот меѓу другото жената му рекла на мојот пријател: Вие Mакедонците никогаш нема да ни простите на нас Србите за тоа што ви го направивме за време на бивша Југославија. Мојот пријател на тоа ѝ одговорил: па добро „госпођо“, тоа било поминало на што таа му возвратила – не тоа не се заборава.
На што мислела таа? Што се случило во Вардарска Македонија за време на српското владеење што не може да се заборави? Листата може да биде долга, но да се задржиме само на неколку случаи.
Српската окупација во Вардарска Македонија почнува по Првата балканска војна во 1912 година, по која се спроведува насилна асимилација на населението преку забранување на македонскиот јазик и промена на сите лични имиња во српски. Реакцијата на населението во Македонија се изразува преку кревање на востанија против српската власт. Тука треба да се споменат Охридско/дебарското и Тиквешкото востание. Директниот повод за Тиквешкото востание беше убиството на младинецот Александар Видов кој беше стрелан само заради изјавата дека не се чувствува Србин. Истата судбина ги снајде и свештениците во манастирот Свети Јован Бигорски кои беа погубени само затоа што одбиваа црковната служба да се служи на српски јазик. И двете востанија беа задушени со над две иљади жртви од Македонци, Албанци и Турци. Одмаздата за кревање востанија српските власти ја направија со масакри на цивили. Во месноста Пољани беа стрелани повеќе од 200 души, а во селата Ѓавато и Пласница 40 односно 46.
Но, протестите продолжија и понатаму, посебно по одлуката за колонизација на таканаречената Вардарска бановина со Срби. За одмазда на двајца убиени српски војници на 2 март 1923 година бае фатени и стрелани сите мажи од селото Гарван, Неготинско. Протестите против српскиот терор беа од тие размери што Србија во Вардарска Македонија беше принудена да стационира 35.000 војници и 12.000 жандари.
Со почетокот на Првата светска војна во 1914 година во српската армија се регрутираат илјадници Македонци кои рамо до рамо со српските војници гинеа и ги претрпеа истите маки при повлекувањето низ Албанија. Во српската историја често се наведува дека македонската земја е натопена со српска крв, мислејќи на Балканските војни и Првата светска војна. Тоа што не се споменува е дека Балканските војни беа освојувачки војни, а борбите на Солунскиот фронт беа делимично за враќање на речиси освоените територии. Но никаде во српската историја не можат да се најдат податоци за Македонците кои загинаа како војници во српската армија.
При мојата посета на српскиот музеј за Првата светска војна на грчкиот остров Крф во 2001 година бев застанат пред фотографијата каде беа сликани војниците од Вардарската дивизија. На српскиот кустос му го поставив прашањето дали не би било коректно да стои дека војниците беа Македонци, на што тој ми го сврти грбот.
Репресалиите продолжија и во триесетите години од минатиот век со лишување од слобода на борците за правата на Македонците. Тука ќе споменеме само двајца - Коста Рацин осуден на четири години затвор во 1934 година, а неговата збирка песни Бели Мугри отпечатена во 1939 година во Загреб беше забранета само затоа што песните беа на македонски јазик.
Во 1940 година првиот претседател на слободна Македонија, Методија Ченто, е на робија во Велика Кикинда заради организација на прослава на Илинден. Истата година е осуден на смрт заради напорите за спроведување на настава на македонски јазик. На 15 април 1941 година Ченто е однесен на стрелање, но спасен во последен час благодарејќи на протестите од напредни Срби.
По формирањето на СФРЈ во 1945 година, односите меѓу Србија и Македонија, во името на братство-единството, нагло се подобруваат. И не само тоа, туку преку ноќ Македонците стануваат „браћо Македонци“. Нешто во што жителите во Македонија веруваат, се до 1991 година, односно до распадот на Југославија. При тој распад работите се појаснуваат и се покажува дека српската политика спрема Македонија во многу нешта не се промени. При повлекувањето на ЈНА, односно српската армија, беше повлечено и речиси цело наоружување од Македонија со што земјата беше оставена без одбрана, а српските офицери на границита заминаа со пораката: заминуваме, но ќе се вратиме.
Ризикот да се вратат беше веќе следната година кога Слободан Милошевиќ и грчкиот премиер Константин Мицотакис на тајна средба се договорија за поделба на Република Македонија. На средбата бил поканет и тогашниот председател на Бугарија Жељу Жељев, но тој според сопствена изјава, одбил да учествува на состанокот. Плановите за поделбата наводно ги стопирал тогашниот председател на Грција Константин Караманлис. Ова не беше прва средба меѓу Грција и Србија околу Македонија, а можеби нема да биди ни последна. Седумдесет години пред тоа тогашниот премиер на Грција Елефтериос Венизелос му ја понуди скоро освоената Егејска Македонија на српскиот премиер Никола Пашиќ доколку Србија земе учество на грчката страна во војната против Турција. Србија истоштена од Првата светска војна ја одби понудата. Гледаме како денес светата Македонија за Грција во тоа време не значеше ништо друго освен средство за трампа.
Српската негативна политика кон Македонија продолжува за време на војната во Косово во 1999 година кога 300.000 косовски Албанци беа протерани во Македонија. Целта на тоа беше многу јасна: проширување на кофликтот и дестабилизација на Македонија. Ако се земе предвид дека многу од учесниците во војната од 2001 година како и настаните во Куманово 2015 година беа косовски Албанци и поранешни членови на УЧК, Србија делимично има успеано со своите цели.
Повеќе српски социолози и политиколози сметаат дека не се знае каде завршува српската црква и каде почнува српската држава и обратно. Непризнавањето на Македонската православна црква од страна на Српската патријаршија е затоа и делимично непризнавање од српските политички врвови кои нигогаш не се имаат дистанцирано по тоа прашање. Формирањето на таканаречената српска охридска архиепископија не е ништо друго туку давање на знаење дека не постои такво нешто како македонска црква, а со ни Македонци или Република Македонија. Тоа сваќање всушност и го потврдија врвни српски свештеници неодамна во Австралија каде изјавија: Грција и Србија имаат заедничка граница.
Како српската црква ги сфаќа своите граници
Во 2012 година македонскиот државен врв ѝ дозволи на Србија прослава на стогодишнината од Кумановската битка. Одлука која Владата ја оправда како израз на тоа како треба да се негуваат релациите меѓу земјите и покрај тоа што Кумановската битка беше почетокот на распарчувањето на Македонија и почетокот на повеќедецениската српска окупација на Вардарска Македонија. На прославата, покрај највисоките црквени поглавари, беа и речиси сите претставници на српскиот политички врв на чело со претседателот Томислав Николиќ. Таму беше и тогашниот премиер Ивица Дациќ, сегашниот министер за надворешни работи кој неодамна со ненадминлива дипломатска финеса испрати порака до Македонците: Не ве сакаме!
При посетата на бившиот претседател на Србија Борис Тадиќ на Македонија во 2014 година тој имаше можност да го посети Македонскиот институт за национална историја и во таа прилика да се запознае со злоделата направени од српските власти во периодот од 1912 до 1941 година. По посетата Тадиќ, од името на неговата партија, се извини за злоделата и истовремено се каеше што тоа не му беше познато додека беше претседател за да може да се извини од името на српската држава.
Република Србија е важен партнер на Република Македонија на повеќе полиња - деловен партнер, развивање на регионалната економија и зачувување на мирот на Балканот. Република Македонија треба и мора, од сопствени потреби, да работи на развивање на соработката со Република Србија. Но тие напори не смеат да бидат еднострани. За нормализација на односите со Македонија, Србија треба да покаже дека е една широкограда нација, онаква како што сака да биде и разбрана. А тоа најдобро може да го направи преку извинување за злоделата, признавање на автокефалноста на македонската црква и преку важното симболично прашање - враќање на спомен-плочата за состанокот на АСНОМ на 2 август 1944 година на портите на манастирот Прохор Пчински.
Јован Христовски
Извор: “МКД“
|