Илинден #4 –Граѓанска иницијатива за Заедничка Македонија
ДЕН ДВАНАЕСЕТТИ
10 март 2017 година
За кого сме овде? Македонија е мајка на сите граѓани, кои живеат во неа. Туѓо не сакаме, ниту бараме. Не може некој што го негира малцинството во својата држава да бара многу повеќе за истото во туѓа држава. Никој нема морално право да му го одземе на еден народ јазикот, идентитетот, сето она што длабоко е втиснато во неговиот дух и претставува животен крвоток и го одржал низ вековите. Ниту јазикот ни го подариле, па сега да го вратиме ниту името сме го добиле на референдум, за да се решава на референдум. Со раѓање име добиваме. Во смрт со истото заминуваме. Без името ни смртта не може да не пронајде. Нема да дозволиме на други да прават политика со Македонија. Зарем ќе дозволиме други однадвор да ни решаваат кога да умреме, кога да живееме, зашто без јазикот ние сме живи погребани. Јазикот е клучот на нашето срце. Го губиме клучот, го губиме срцето. Земја и држава не се освојува само со мечеви туку и со јазици. Два народи можат да се тепаат и да се мират, два јазика никогаш не можат да се смират. Два народи можат да живеат во љубов и мир, но нивните јазици можат само да војуваат. Секогаш кога два јазика ќе се сретнат и измешаат, тие се како две војски во борба на живот и смрт. Се додека во таа борба се слушаат и едниот и другиот јазик, борбата е рамноправна. Кога ќе почне да се слуша само еден, борбата е завршена. Исчезна еден јазик, исчезна еден народ. Таму каде што одѕвонува нашиот збор како стар златник, се врти нашето слово, знај дека тоа е уште наша држава без оглед кој во неа владее. Народот е траен и од најтрајното, потраен и од секоја држава. Кога тогаш народот ќе се спои како вода штом пукнат браните, кои го раздвојуваат. А јазикот, мили мои Македонци, јазикот е таа вода, секогаш чиста од двете страни на браната, која како тиха и моќна сила, која брегови рони, пак ќе го спои народот во една татковина. Македонскиот јазик преживува кога силите на самиот ѓавол ќе се нафрлат врз него. Со јазикот, Македонецу, живееш и ти! Затоа ние сами ќе се грижиме за себе. Затоа што овде, на оваа територија, има живи Македонци. Постоеле и ќе постојат, колку некому тоа да не му е драго. Да ни е вечна Македонија!
Виолета Сековска – поетеса, пред Собранието на Република Македонија
|