Олег Шчербак: НАТО не е училиште за миротворци, туку агресивен воено-политички блок виновен за многу воени интервенции
Проширувањето на НАТО, спротивно на претходните договори, меѓу другото и со вовлекувањето на Македонија во овој процес, не им одговара на интересите на создавањето на еднаков и единствен за сите систем на колективна безбедност. Напротив, вели Олег Шчербак, амбасадорот на Русија во Македонија во разговорот за МКД.мк.
Во последно време сѐ почесто може да се слушнат тврдењата дека политиката на Русија на Балканот традиционално има агресивен карактер и дека е насочена кон создавање зона на свое влијание. Што мислите Вие за ваквите тврдења?
- Тие кои ја прекоруваат нашата земја за „агресивноста“ на Балканот веројатно лошо ја знаат историјата. Русија никогаш не ја напаѓаше и не планира да ја нападне ниту Македонија, ни Албанија, Србија, Грција, ни која било друга земја од регионот. Напротив. Секогаш бевме бранители на балканските земји и народи, понекогаш и по цена на животи на илјадници наши граѓани. Само да потсетам дека во ослободувањето на Бугарија од петстогодишното османлиско ропство и заради конечното осамостојување на Србија, Црна Гора и на Романија во руско-турската војна во 1877-1878 година загинаа десетици илјади руски војници. Еден век подоцна наши војници учествуваа во ослободувањето на Балканот од „кафеавата чума“ и за победата над фашизмот платија не помала цена отколку што нивните предци. И покрај овој огромен и жртвен придонес за обезбедување на слободата и независноста на народите на Балканот, Русија, за разлика од западните држави, не претендира тука на некакви исклучителни права, на балканските земји не им диктира во кој правец да се развиваат, не им наметнува со кого да бидат пријатели, а со кого не. Русија, со државите од овој дел на Европа, гради односи како и со другите членки на меѓународната заедница врз основа на рамноправното и за двете страни корисно партнерство, заемното немешање во внатрешните работи. Се залагаме против пумпање на конфронтацијата во регионот, за Балканот да биде зона на пријателството, мирот и соработката.
Кој е Вашиот коментар во однос на обвинувањата на адреса на Русија за нејзино заканувачко мешање во внатрешните работи на Македонија, а и на другите држави од регионот, со цел да ја блокира нивната евроинтеграција?
- Многубројните измислици за „руската закана“, за подмолните „поларни мечки“, не се основани на реални факти и претставуваат примитивен пропагандистички фејк њуз што сведочи за ниското ниво на одговорноста и политичката култура на нивните автори. Смешни се и тврдењата за негативен однос на Русија кон интегративните процеси. Заинтересирани сме за проширување и продлабочување на соработката на целиот европски простор, но сметаме дека се недозволиви обидите селективната интеграција да се користи како инструмент на „задржување“ на нашата земја, на изолирање на балканските народи од Русија. Таквите дејства нема да доведат до нешто добро бидејќи им се спротивни на темелните интереси на самите балкански народи, на суштината и логиката на глобалната, сеевропска и регионална интеграција. Како што е познато силата и атрактивноста на интегративните процеси се темели токму врз одржлива позитивна агенда, зголемување на политичката, економската и хуманитарната соработка, зацврстување на заемната доверба. Со други зборови, вистинската интеграција мора да ги зближува земјите и народите, да ги отстранува бариерите и линиите на поделба, а не да создава коалиции против некои измислени непријатели, дали е тоа „руска“ или која било друга митска закана. Во спротивно интеграцијата се претвора во деструктивен процес кој доведува до изолација на едните региони од другите, а како последица на тоа и до влошување на безбедноста и намалување на конкурентноста на целиот континент.
Во последно време и во Македонија, и особено надвор од неа, се даваат многу изјави за неопходноста на забрзано зачленување на Македонија во НАТО и за безалтернативноста на таквата одлука. Каков е односот на Русија кон таквата перспектива?
- Повеќе пати имам кажано дека интеграцијата на Република Македонија во меѓународни структури претставува нејзино суверено право и ние на македонската страна во никој случај не ѝ наметнуваме свои ставови ниту по ова, ниту по било кое друго прашање. Во Русија ги ценат повеќевековните пријателски односи со духовно блискиот народ на Македонија и посакуваат истите и понатаму да се унапредуваат во интерес на двете наши земји, за доброто на мирот и на стабилноста во регионот и во целата Европа. Убедени сме дека проширувањето на НАТО, спротивно на претходните договори, меѓу другото и со вовлекувањето на Македонија во овој процес, не им одговара на интересите на создавањето на еднаков и единствен за сите систем на колективна безбедност. Напротив. Тоа води кон создавање нови линии на поделба во Европа, фрагментирање на континентот, пораст на заемната недоверба и тензичност. Во тој контекст со загриженост го забележуваме политичкиот и пропагандистичкиот притисок врз Македонија кој во изминатите неколку години само се засилува, како и наметливите тврдења за наводна исклучителна корист и безалтернативност на интеграцијата на Македонија и на другите балкански држави во НАТО, како и за неопходноста тоа да биде изведено “по секоја цена”. Ваквите аргументи ги сметаме за измислени. Во тој контекст би сакал да истакнам дека и во политиката и во обичниот живот секој човек секогаш има варијанти како да постапи и има слобода на избор. Да се негира тоа, значи да нема самопочитување, особено кога станува збор за судбина на земјата. Треба да се разбира дека НАТО не е елитистички голф-клуб, не е хуманитарна организација или училиште за миротворци, туку производ и инструмент на студената војна, агресивен воено-политички блок кој е виновен за многу воени интервенции кои веќе доведоа до смртта на стотици илјади цивили во поранешната Југославија, Ирак, Либија, Авганистан и во другите земји, кон распадот и дезинтеграцијата на целата низа држави. Зачленувањето во ваквата Алијанса силно ги ограничува суверенитетот на државите кои се интегрираат во истата и носи големи ризици. Во таквите случаи и политичарите, и општеството треба да ја разбираат сета таа мерка на одговорноста, треба да ги измерат сите можни последици од своите дејства не само од аспект на актуелната политичка ситуација, туку и од перспективата. Тоа е таа ситуација кога треба да се памти познатата поговорка: Три пати мери, еднаш сечи.
Вчера Русија јавно го сврте вниманието на македонската јавност кон „негативните последици од плановите за вовлекување на Република Македонија во НАТО врз регионалната безбедност и за билатералните односи”. Зошто беше преземен таков чекор?
- Спротивно на шпекулациите, во овој наш став нема ништо ново. Повеќе пати имаме истакнато дека вовлекувањето на Македонија, а и на другите балкански земји во НАТО од аспект на зацврстување на безбедноста на регионот и на самата Македонија е бесмислено и контрапродуктивно. Видете, според член 5 од Повелбата на НАТО Северноатлантската алијанса се обврзува да ги брани своите членки само во случај на надворешна агресија. Кој може да ја нападне Македонија од надвор во услови кога истата речиси од сите страни е опкружена со земјите-членки на истото НАТО односно Албанија, Бугарија, Грција, како и Косово каде се наоѓа најголемата воена база на САД во регионот „Бондстил”. Како што е познато, Србија исто така има посебни партнерски односи со НАТО. Кој ѝ се заканува на Македонија? Само што вонземјани или самото НАТО? Тоа не е јасно. Истовремено јасно е дека зачленувањето на вашата земја во НАТО води кон тоа што тука ќе се појават нови воени бази и ќе се зголеми инфраструктурата на Алијансата чие воено раководство спроведува конфронтациска политика и не крие дека ја смета Русија за свој непријател. Со оглед на цврстата блокова дисциплина во НАТО, таквата агресивна линија може за жал да доведе до сериозни компликации и во нашите билатерални односи.
Каков е Вашиот коментар за одлуката донесена пред некој ден од Советот на ЕУ за уште едно продолжување на полугодишниот период на санкциите против руските државјани и правни лица?
- Ние можеме само уште еднаш да изразиме жалење поради оваа кусогледа одлука на ЕУ и англосаксонците. Нашата земја повеќе пати истакнуваше дека таквите незаконски санкции, односно тие што се воведуваат без согласност од Советот за безбедност на ОН, се бесмислени и штетни. Згора на тоа таквите конфронтациски чекори само ја засилуваат меѓународната тензичност, го стеснуваат просторот за дијалогот и соработката, водат кон неизбежни руски контрамерки и нанесуваат заемна штета. Констатираме дека како резултатот на оваа самоубиствена политика на Брисел трговската размена меѓу Русија и ЕУ се намалува, а местото на европски производи на рускиот пазар сѐ поактивно го заземаат другите партнери, тие што се поразумни и попрагматични. Гледаме дека низа земји-членки на ЕУ ваквиот негативен за нивните економии тренд веќе го сфатија.
Русија пак и покрај предизвиците кои се појавуваат поради притисокот од санкциите генерално успешно се унапредува и дури успеа да ја искористи оваа ситуација во својство на поттик кон пробив во низа клучни гранки на економијата. Сепак заинтересирани сме за престанок на војните на санкциите и за обновување на целосната економска соработка со ЕУ врз чесна, рамноправна и заемно корисна основа. Нашиот народ не може да се исплаши од санкциите, заканите, ултиматумите или насилниот притисок. Русија е самоодржлива земја во сите смисли, со чувството на сопственото достоинство, и ние принципиелно поаѓаме од тоа што први од санкциите треба да се откажат тие кои ги иницираа. Меѓу другото, тоа се однесува и на нашите британски колеги кои користејќи ја и трагедијата во Солсбери, се обидуваат да создаваат сѐ нови и нови провокации и поводи за продолжување и дури проширување на политиката на санкциите. Но тие нема да успеат. Луѓето не се толку глупави и имаат многу добра меморија. Сите ние добро ја памтиме епруветата во рацете на државниот секретар на САД Колин Пауел и заклетвите на премиерот на Велика Британија Тони Блер дека Садам Хусеин е подготвен на најможно широк начин да го употреби хемиското оружје за масовно уништување. Резултатите на таа лага се добро познати. Ирак е уништен, милиони луѓе загинаа, а оружјето за масовно уништување не беше пронајдено. Се сеќавам на една изрека на претседателот на САД Абрахам Линколн кој кажа: „Може цело време да лажеш некој, може некое време да ги лажеш сите, но не можеш цело време да ги лажеш сите”.
Каков е Вашиот однос кон македонско-грчките преговори за името на нашата земја?
- За Русија Република Македонија и Република Грција се две суверени и независни држави. Ние сметаме дека тие, како и сите други членки на светската заедница, имаат право своите билатерални проблеми да ги решаваат без мешање и притисок од надвор.
Со оглед на тоа што во овој случај станува збор за комплицирани и многу сензитивни прашања за двете страни, битно е овој процес на надминување на постојните разлики да се одвива без многу брзање, без обидите на овие држави да им се наметнат вештачки временски рамки, да се одвива врз основа на принципите на меѓународното право, меѓу другото на резолуцијата 817 (1993) на Советот на безбедноста на ОН, како и на демократските норми што подразбира безусловно почитување на мислење на граѓаните на двете држави.
Само на тој начин може да се обезбеди заемно прифатливо и долгорочно решение на таквите стари и комплексни проблеми, кое би им одговарало на интересите на унапредување на добрососедските односи меѓу Скопје и Атина, би придонесувало за зацврстување на мирот и на стабилноста во регионот.
Која е Вашата оцена на сегашната состојба на односите меѓу Македонија и Русија и кои се перспективите на нивно унапредување?
- Односите меѓу Руската Федерација и Република Македонија имаат длабоки историски и духовни корени, се градат врз принципите на заемното почитување и немешање во внатрешните работи, наизменично имаат пријателски карактер.
Со задоволство ја забележуваме позитивната динамика на развојот на односите со Македонија, во нашето билатерално партнерство гледаме голем потенцијал и имаме намера да правиме сѐ што е можно за ефикасна реализација на истиот. Во Русија сме расположени за сеопфатно и комплексно унапредување на нашите односи во политичка, трговско-економска, инвестициска, хуманитарна и друга сфера. Подготвени сме да се движиме во таа насока толку длабоко и широко колку за тоа е подготвена македонската страна. Сметаме дека ориентацијата на раководството на Македонија за интеграција во ЕУ на никој начин не мора да му смета на унапредувањето на заемно корисните односи со Русија. Длабоко сме убедени дека колку повеќе пријатели и партнери ќе има вашата земја и колку пошироки ќе бидат хоризонтите на соработката, толку поцврсти ќе бидат нејзините економија и безбедност, толку подобро ќе живеат граѓаните на Македонија.
А.Д.
Извор: “МКД“
|