Гемиџија засадил дрво во Старата чаршија
Данило Коцевски
Деновиве (март 2018 година) не бев малку изненаден кога шетајќи низ Старата чаршија забележав дека ја нема, дека е исечена старата круша во дворот на една куќа зад Домот на занаетчиите. Тоа е куќата на семејството Шатеви, која и денес постои во чаршијата, иако тој податок е малку познат во јавноста.
За среќа, куќата е сочувана, иако сѐ околу неа полека исчезнува поради новите градби. Во таа куќа живееле најблиските од семејството на славниот гемиџија Павел Шатев, внукот Апостол, кој е син на неговиот роден брат Иван Шатев. Пријателите на Апостол раскажувале дека тој често зборувал за својот чичко Павел, со кого се среќавале кога престојувал во Скопје. Старата куќа своевремено беше претворена во чајџилница, со дебели сенки и прекрасен двор. Со крушата се поврзува една легенда што се раскажува долго време, имено дека неа ја посадил самиот Павел Шатев кога доаѓал во Скопје. Тоа се тие посети за кои раскажувал и внукот Апостол. Легендарна круша имаше неверојатна патина, и само таа, на свој начин, знаеше да раскажува за минатото.
Тајната за оваа куќа прв ми ја откри мојот генерациски другар со кого заедно започнавме во новинарството и во литературата, писателот од турска националност, Алаетин Тахир. Тој во осумдесеттите години, куќата ја купил од семејството Шатеви. Најпрвин со своите живеел во неа, а потоа, во времето кога настана голем „бум“ и заживување на чаршијата, куќата ја претворил во чајџилница. Со неа раководеле неговата сопруга и синовите, Онур и Доган. Кога првпат ме покани да ја видам куќата, Алаетин со гордост ми ја покажа многу старата круша засадена во дворот. Поради многуте приказни и легенди што се раскажуваат за неа, ми велеше тој, ја нарекуваат и „крушата на Шатев“. Крушата на Шатев станала еден вид симбол. Таа легенда Алаетин најпрвин ја слушнал од семејството. За жал, пред неколку години, Алаетин Тахир ненадејно почина, а јас не престанав да се интересирам за историјата на куќата, и за семејството Шатеви, кое живеело тука.
Павел Шатев имал две ќерки од кои едната живеела во Загреб. Апостол, неговиот внук од братот Иван, во куќата во Стара чаршија живеел со сопругата, која работела во болница, и двете ќерки. Едната била лекарка, а со другата ќерка, Павлина, пред повеќе години направив разговор за животот на семејството Шатеви во Скопје. Taa убаво се сеќава за тогашната чаршија и старата куќа со која е интимно поврзана. Во неа Павлина ги минала најубавите години, своето детство и младоста. За тоа убаво се сеќаваа и нејзините соседи и пријателки.
За оваа куќа во чаршијата и воопшто за семејството Шатеви, зборува и една славна љубовна приказна, која е малку позната во јавноста. Таа приказна не заслужува да биде заборавена. Имено, таа љубов е директно поврзана со гемиџиите и личи на приказна од романтичен филм или од љубовен роман. Имено, голема љубов и заемни симпатии се јавиле помеѓу братот на Павел Шатев, Иван, и сестрата на славниот револуционер Ордан Поп Орданов-Орцето. Таа љубов била крунисана со брак, така што славните гемиџии, Павел и Орцето, се ородиле.
„Многу сум горда на тоа свое потекло“, ми раскажуваше Павлина, „бидејќи сум плод на таа љубов, јас сум нивна внука. Знаете ли дека јас го носам името Павлина, според мојата баба, сестрата на Миле и Орце Поп Орданови. Според неа сум крстена. А по дедо ми Иван, и по линијата на татко ми Апостол, јас сум Шатева. Ете така, во нас чука срцето на двајца славни гемиџии. Од едната страна сме велешани, од другата страна кратовци. Сепак, јас сум израснала во Скопје, во куќата во Стара чаршија, која и денес постои, зад Домот на занаетчиите. Го сакам Скопје, а за старо Скопје сум емотивно врзана“.
Така ми раскажуваше славната внука на гемиџиите. Подоцна, во пеколните скопски горештини, почесто седев во ладниот двор, под сенките на старата круша во семејната куќа на Шатеви. А со оглед и на велешкото потекло на Апостол и неговата ќерка Павлина, може да се каже дека е тоа куќа и на Поп Орданови. Во чајџилницата, на пријатен муабет, под дебели сенки, на чај и играње домино, доаѓаа многу гости. Некои од нив биле блиски пријатели со семејството на Апостол Шатев. Секој од нив имаше по нешто да раскаже. Кога во осумдесеттите години ја продале куќата, Шатеви најпрвин купиле стан на улицата Џон Кенеди, а потоа во Ново Лисиче. Улицата во која денес се наоѓа куќата, го носи бројот 190, а според тврдењата на комшиите, станува збор за поранешната улица Вера Циривири. Нивниот прв сосед Тоде Петров, се сеќаваше на убавите мигови и на свадбата на ќерката на Апостол на која присуствувале. Крушата на Шатев веќе не постои, таа е исечена. Единствена утеха ни останува мислењето дека легендите никогаш не умираат. Без оглед на тоа колку тие во себе кријат дел од реалноста и дел од приказните на луѓето.
Легендарната круша во Чаршија која постоеше до неодамна
Поранешниот изглед на чајџилницата во куќата на Шатеви
Крошната на крушата му даваше убавина на амбиентот
Извор: “Нова Македонија“
|