Празнина КОЈА сјае: Македонија Wednesday, 2024-12-25, 9:42 PM
Welcome Guest | RSS
Main | Publisher | Sign Up | Login
Main Menu
Main Menu
My articles [58]
Main Menu
Statistics
Rate my site
Total of answers: 5
Statistics
Login form
Search
Site friends
  • Create a free website
  • Online Desktop
  • Free Online Games
  • Video Tutorials
  • All HTML Tags
  • Browser Kits
  • Main » Articles » My articles

    Празнина КОЈА сјае: Македонија-Белешки-ГЛИГОР ПРЛИЧЕВ

    ГРИГОР ПРЛИЧЕВ

    July 2, 2012 at 5:19pm

    Григор Ставрев Прличев (Охрид, 18 јануари 1829 - Охрид, 6 февруари 1893) бил македонски писател и значаен претставник на македонската литература од XIX век. Овој генијален литерат според јазичната припадност е тродомен автор: грчки, бугарски и македонски, и ги обединува во себе нивните специфични карактеристики и епохата во која живее и работи, класицизмот и романтизмот, како стилски белези. Тој е писател кому Македонија му е и љубов и судба и болка и очај и неопходност и тага и лулка и гроб.

    Ученик на Димитриј Миладинов, кој во тоа време учителствува во Охрид. Извесно време се вработува како терзија, а подоцна станува учител во Тирана, Албанија. Во 1849 г. се запишува како студент по медицина на Атинскиот универзитет. Во текот на 1850/59 г. повторно се враќа во Македонија и учителствува на повеќе места: Долна Белица, Струшко, Битола, Прилеп и Охрид, за да си обезбеди услови за продолжување на студиите.

    Во 1859 година повторно доаѓа во Атина, како студент на втора година по медицина. Во овој период ја пишува поемата „Ο ΑΡΜΑΤΩΛΟΣ (Сердарот). Во 1860 ја добива наградата на големиот атински конкурс за најдобра поема на грчки јазик, паричен дел и лаворов венец. Истата година делото излегува од печат.

    Вратен во Охрид веднаш ја започнува работата врз новиот поетски проект поемата Скендербег, далеку попретенциозен творечки зафат. Работи како учител во Охрид. Со Јаким Сапунџиев го започнуваат народниот подвиг во Охрид, борба за воведување на народниот јазик во училиштата, односно борба против Цариградската патријаршија и нејзиното влијание.

    Извесно време престојува во Цариград. Има постојани контакти со бугарските културни дејци, а по враќањето во Охрид уште поинтензивно се ангажира за популаризирање на словенското писмо во Македонија. Во 1868 г. турската власт го затвора и го депортира во дебарската зандана, поради клевета од страна на грчкиот охридски владика. По затворскиот период го посетува манастирот Св. Јован Бигорски и е восхитен што во него се служи на старословенски јазик. Во следната 1869 г. во Охрид масовно се воведува народниот јазик во училиштата.

    По покана од Редакцијата на цариградското Читалиште се зафаќа со препев на Хомеровата Илијада. Почнува да соработува во бугарските цариградски весници и списанија. Во Белград, а потоа во Читалиште во 1872 г. ја објавува песната Во илјада седумстотин шездесет и второ лето, подоцна преобјавена и во неговата Автобиографија. Во цариградскиот весник Право во 1872 година е објавена вест дека Прличев подготвил за печат книга песни за деца под наслов Воспитание или 12 наравствени песни. Со заштедени пари од своето учителствување во Струга, заминува во Софија, поканет од многумина родољупци, го канеле да се зафати со каква и да е литературна работа и му ветувале секакви олеснувања и помош. Во периодот меѓу 1883-1890 г. учителствувал во бугарската машка гимназија во Солун. Во овој период ја пишува својата Автобиографија, објавена по неговата смрт во Зборник за народни умотворенија, наука и книжнина.

    Прличев живее и работи во повеќе балкански културни центри (Охрид, Струга, Битола, Прилеп, Солун, Атина, Тирана, Цариград, Софија). Коректно владее повеќе балкански и европски јазици. Во одреден период бил под влијание на словенофилството и прави обид да создаде граматика на словенско есперанто.

    Поетската творба Сердарот се смета за апсолутен врв на сиот влог што во уметноста на зборот овој творец го дал. За книжевната наука оваа поема треба да се разгледува во контекстот на европската теорија на романтизмот. За неа авторот во Атина го добива од критиката прозвиштето Втор Хомер. Други позабележителни негови творби се Автобиографијата и словото-есеј "Чувај се себеси". Тоа се комплементарни литературни дела и ја доречуваат на директен начин основната порака на Сердарот.

     

    Биографија

     

    Првите години

     

    Прличев се родил во Охрид и потекнувал од сиромашно семејство. Уште како мал останал без татко му Ставре, а за фамилијата која се состоела од три машки и едно девојче се грижеле неговата мајка Марија и неговиот дедо. Бедата на неговото семејство била толку голема што поради немање обувки дедо му на грб го носел до училиште. Мајката на Прличев за да го прехрани семејството работела како аргатка по туѓи куќи и од неа ја слушнал поговорката: Работата е здравје и чест. Но, во својата Автобиографија со тага истакнува дека кога ја видел мајка си како го носи тешкиот ќилим на глава и кога никој не сакал да и помогне:

    ... јас плачев, како некој да беше ја убил мајка... Како ќе се живеј? - си мислев јас и таа мисла остана царица на сите мои мисли.

     

    Школувањето во Охрид

     

    Првата писменост ја добил од својот дедо и од него научил да чита грчко писмо. Грчкото писмо, култура, јазик и просвета од тогаш ќе бидат повеќе од четвртина век постојано присутни во животот на Прличев и под нивно влијание се развил како интелектуална и поетска личност. Откако го совладал основното читање неговиот дедо го запишал во грчкокелијно училиште и го помагал сè додека можел. За своето прво образование Прличев истакнува:

    Бев едвај четриригодишен, кога дедо ми достави еден грчки буквар по најстарата метода и ме изучи на имињата од буквите алфа, вита и др., што ги распознав за неколку дена. Но кога почна да ме учи на срицање вита - алфа = ва, вита - епсилон = ве, таквото учење ми се виде сосема чудно и си мислев со слабиот мозок како е можно два цели збора да се рамни на еден слог?

    Пред да умре дедото на Прличев целиот свој имот го оставил на неговата мајка која морала да даде заклетва дека нема да му дозволи на Прличев да работи и дека ќе го школува. Така Прличев сè до својата осумнаеста година е во Охрид и се школува кај неколку учители. Школувањето во Охрид неколкупати го прекинувал за да ѝ помага на својата мајка така што тој продаваал муренки, препишуваал грчки ракописи за богатите

    гркомански чорбаџии и им помагал на богатите деца во учењето. Во последните годинии од школувањето во Охрид негов учител станува Димитриј Миладинов.

     

    Во Тирана

     

    Откако го завршил школувањето тој се вработил како терзија, а малку потоа се нашол како учител во Тирана. Тогаш веќе совршено го владеел грчкиот јазик и го читал Хомер. Меѓутоа, во Албанија се задржал краток период и со заштедените пари се вратил во Охрид сакајќи да го продолжи образованието. Таму од блиските и роднините бил советуван да замине во Атина и да студира медицина. За тој судбоносен момент тој истакнува:

    Тогаш ми се решаваше судбината... Не се најде ниеден да ме посоветува да одам во Русија... А пак тогаш само името на Атина и Јанино звучеше у нас.

     

    Грчкиот период (1840 - 1861)

     

    Овој период од животот и делото на Прличев е карактеристичен по тоа што поетот е приврзаник на хеленската култура и јазик, период во кој ги создал своите ремек дела Сердарот и Скендербег, а со нив станал еден од најголемите преставници на новогрчката книжевност.

     

    Во Атина

     

    Медицината не го интересирала, а најомразен од сите предмети му бил анатомија. Затоа најголемиот дел од времето го поминувал следејќи ги литературните манифестации и во читање на Хомер, како што самиот вели:

    ... често пишував стихови и ги изложував на црните табли на Универзитетот и со благодарност слушав пофалби.

    Сиромаштијата го следела и во Атина. Еден угледен охриѓанец и весникар, Јоан Сапунџиев го видел во сиромашна облека и со бледо лице и му ветил дека ќе се заземе да добие стипендија од едно богато завештение на еден Македонец, наместо исклучиво за сиромашните Македончиња. Но обидот останал неуспешен, а тој разбрал дека местата биле зафатени од тамошните и започнал да ги користи сопствените интелектуални способности за да се издржува. Поради таквата состојба поетот истакнува:

    Му ја препишав целата философија на Јоан Филипов за два талира.

    За оваа плата Прличев изјавува дека сакал од мачнина да му ја фрли во лице, а кога му ја дале најмрачната соба во куќата, сопственикот го прашал да не е болен, на што Прличев за себе заклучил: „И имаше право, јас бев болен од сиромаштија". Прличев по совет на Ангеле Групче се запишал на медицина и тоа поради благородна цел:

    Зашто бев страдал и сакав да лечам човечки страдања.

    Тогаш во Атина најталентираниот грчки поет бил награден и овенчан со ловоров венец, а тоа предизвикало воодушевување кај Прличев и се јавила желба да напише поема со која тој ќе го освои венецот. Но поради недостиг на пари и поради болест бил принуден да се врати во Македонија.

     

    Учителствувањето во Македонија (1849 - 1859)

     

    За овој период од својот живот Прличев имал малку напишано. Откако закрепнал во Охрид, решил да собере пари за да се врати во Атина и работел како учител во Долна Белица за плата од 3.000 гроша годишно. Од Долна Белица заминал за Прилеп како учител, а потоа станал учител во родниот град Охрид и таму останал шест години. Прличев успеал да собере 5.000 гроша и во август 1859 година повторно заминал за Атина каде, покрај студиите по медицина, продолжил да пишува и стихови.

     

    Сердарот

     

    Пискотници се слушаат од Галичник во Река. Што тешка несреќа ги збра, и мажите и жените та гласи тажна ека и навева сал коб и зла?

    ПрличевСердарот

     

    Земајќи ја предвид одбивноста на Прличев кон медицината, тој најверојатно во Атина се вратил за да се афирмира на литературен план. Тогаш во Атина за кратко време ја напишал поемата Сердарот и ја предал на конкурсната комисија во февруари 1860 година. Според автобиографијата, 25 март 1860 година во Атина се случил највозвишениот миг во творечкиот живот на Прличев. Пред многубројната публика грчкиот критичар Александар Ризос Рангавис објавил дека на анонимниот конкурс венецот се доделува на поемата Сердарот (грчки: Ο Αρμάτωλος). За тој момент Прличев тврди:

    ... Почувствував едно неописиво волнение какво никогаш не усетувал... Прекумерната радост е поубиствена од жалта.

    Гиманазијархот П. Псарас ги искажал следните зборови: Општа радост е во Атина што ни се јавил Втор Хомер. Додека пак главниот критичар Александар Ризос Рангавис исткнува дека Арматолос е: творба на чудотворно длето... секој стих светка како чист бисер.

    Меѓутоа, според некои толкувачи на Прличевото дело, во тој момент на триумф започнува творечката трагична драма на поетот Григор Прличев. Самиот Прличев со горчина забележува:

    Венецот стоеше на великолепно украсена маса пред Рангависа, но тој не ме повика да ми го даде пред публиката, како што стануваше другите години. Зошто? Главната причина е што не му мирисаа на грчки имињата што звучеа во поемата Стан, Раде, Неда, Галичник, Река.

    Таквиот однос најверојатно предизвикал траума кај младиот и горд поет. Тој не ѝ се обратил на публиката дека е автор на поемата и си заминал уште пред да се растури собранието кое било собрано во чест на венцоносецот. Во својата автобиографија Прличев го опишува и своето второто понижување. Тој заминал во станот на Рангавис и му кажал дека тој е авторот на поемата, а Рангавис тогаш сфатил дека Прличев не е грк.

    По три дена Прличев бил повикан од универзитетските власти и пред нив бил принуден да ја рецитира поемата за да докаже дека е нејзин автор. Откако увиделе дека тој е автор на поемата му била дадена наградата која била во сребро, а требала да биде во злато. Тој се откажал од половина од наградата за благородни цели и од месечната пензија која му била доделена од грчкиот крал Отон. Понатаму во својата автобиографија самиот поет заклучува дека тие сакале да го посветат на грчка служба и поради тоа го одбил студирањето во Оксфорд или Берлин.

     

    Скендербег

     

    Како што бура студена облаците ги носи или пак морски бранови, еден на друг валајќи потејќи се пак пред него, растурени и без ред бегале муслиманите, трештени во умот

    ПрличевСкендербег

    И покрај сета преданост кон грчката култура, при сиот творечки успех во поезијата на грчки јазик и пофалните зборови на Рангавис, Прличев бил понижен и тоа кај него предизвикало презир и раскинување со Грција. Меѓутоа, пред целосно да раскине со Грција, тој ја создал поемата Скендербег, поема која ја работел речиси цела година и со неа се јавил на конкурсот за најдобар поет за 1861 година. Конкурсот требало повторно да се одржи во Атина. Рангавис повторно бил главен критичар и повторно дал највисока оценка за новото дело на Прличев. Меѓутоа конкурсот во 1861 година не се одржал, а самиот поет заклучува дека конкурсот бил откажан за да не му биде даден венецот. Сите овие околности допринеле Прличев да се откаже од грчкиот јазик, култура и дух, а дополнително кај него огорченоста била зголемена поради натписот во весникот Балкански лебед каде пишувало за смртта на Браќата Миладиновци. За овој настан самиот поет истакнува:

    Останав како статуа недвижен и безодветен, но моето срце го колнеше грчкото духовенство... Си ги прибрав рабокиве... и тргнав со цврсто решение да гинам или да одмаздам за Миладиновци.

    По овие настани Прличев се вратил во Охрид, го напуштил својот поетски сон и се посветил на будење на народот низ просветување и со тоа завршува неговиот приод во кој стекнува полна афирмација во грчката книжевност.

     

    Бугарскиот период (1861 - 1883)

     

    Смртта на Браќата Миладиновци преставувала нова етапа од животот и творешвото на поетот. Прличев раскинува со грчкиот јазик и воопшто со грцизмот и почнува да се наклонува кон бугарската идеја. Тој ќе се најде меѓу оние македонски дејци кои зеле учество во борбата против Цариградската патријаршија и постепено почнале да се преореиентираат кон бугаризмот, односно кон словенизмот и станале идејни носители на македонското преродбеничко движење. Прличев ќе биде меѓу оние кои ќе се залага за создавање на еден општ јазик за Македонците и Бугарите кога ќе настане спорот за обликот на македонскиот литературен јазик.

    Од почетокот на овој период па се до крајот на својот живот, поетот ќе се носи со бугарската идеја, но не целосно сплотувајќи се со неа. Односно Прличев себеси ќе се произнесува за Бугарин, секако под влијание на бугарската пропаганда, но никогаш нема да се откаже од својот мајчин јазик, односно македонскиот народен јазик, а поради тоа ќе биде жигосан од страна на тогашните бугарски критичари и интелегенција.

    Ова е период на борба против Цариградската патријаршија и воопшто борба против грцизмот во Македонија. Во творечка конотација, ова е период кога Прличев целосно раскинува со грчката идеја, тогаш ја испева Хилјада и седемстотин шестдесет и второ лето, ја преведува Илијадата, го препевува Сердарот, а кулминација на овој период е обидот за создавање на еден општ јазик, кој се гледа во одата Рабов освободитељу посветена на рускиот цар Александар. Влијанието на бугарската идеја кај поетот се гледа во песната По възражданьето в град Охрид:

    До кога, братя мили българи, до кога гърците ще ни тъпчат,чрез своето фенерско духовенство, милото наше отечество? 

     

    Борба против Цариградската Патријаршија

     

    Во тој период влијанието на митрополитот Мелетиј и фанариотите сѐ уште било силно, но охридското граѓанство ја започнало борбата за ослободување од црковната власт на Цариградската патријаршија.

    Борбата против Цариградската патријаршија била водена заеднички од страна на неселението во Македонија и Бугарија, а меѓу главните барања кои биле поставувани во оваа борба е обнова на Охридската архиепископија. Спомените за Архиепископијата биле особено силни во Охрид и неговата околија, отука охриѓани биле едни од најжестоките противници на Патријаршијата и погрчувањето кое таа го носела со себе.

    Оваа борба со текот на годините се повеќе се разгорувала и самиот поет зел учество во неа. Во летото 1866 година Прличев успеал да ги убеди ќурчиските трговци и занаетчии да создадат финансиска каса за подршка на борбата против фанариотите.

    Од овој период е и необјавена песна Охридски џган насочена против фанариотите:

    ...Оној што целиот (град) го управува...Не прифаќа одлични совети,

     

    Tуку од страв си ја затворил устата,Изгледа дека е најлошиот и сега и порано,

     

    И поголем пријател го смета оној Кој место својата татковина...

    Меѓу другото поетот се обраќал на народот и го повикувал на борба против Патријаршијата. Кога зборува усно пред своите сограѓани Прличев се користел со народниот говор, односно македонскиот народен јазик.

    А ние бедни, само името го слушаме оти викает светено писание, а што пишит во него, баре хабер немаме. Се пеет, а ние не разбираме, туку стојме како зграгорени, јазик, јазик свој си имавме и го погазивме, сите народи си учат свој јазик, а само ние учиме јазик чужди најм’чен. Децата пеет на училиште и не рзабирает, затова учет без севда и слепи останвет.

     

    Едно од тие слова е онаа и за св. Климент кое било објавено во цариградскиот весник Македонија на 22 јули 1867 година. Следната година во истиот весник на 24 мај зедно со Јаким Сапунџиев ја објавува статијата за состојбата на школството во Македонија.

    Прличев увидувајќи дека слабо го владее писмениот јазикот што преку цариградските бугарски весници бил ширен во Македонија решил да замине за Цариград и таму да се поучи на словенски. Таму пет месеци учи кај бугарскиот учител и журналист Иван Најденов, а потоа се враќа во Македонија. Тогаш во Охрид веќе се започнало со воведување на бугарскиот јазик во црквите и училиштата. Сета оваа дејност била на штета на Патријаршијата и затоа митрополитот Мелетиј го наклеветил Прличев пред турската власт и таа го затворила.

    Потоа некое време Прличев бил затворен во дебарската зандана, а потоа кај дебарскиот владика и во април 1869 година се вратил во Охрид. Во овој период поетот ја твори Хилјада и седемстотин шестдесет и второ лето. Поемата која и денес е актуелна и со задоволство се изведува и се пее ширум Македонија, зборува за судбината на последниот архиепископ на Охридска архиепископија, Арсениј, кој во таа далечна година со ираде, т.е. со указ на турскиот султан, е разрешен од духовната функција, а Црквата е укината.

    Според историските записи и народни сведоштва со кои располагал и Прличев, секако, овој настан не е случаен и се должи на големо инволвирање на тогашните грчки владици од Цариград. Имено, Цариградската патријаршија не можела да се помири со фактот дека и покрај вековното ропство македонскиот народ со помош на својата црква опстојува, и со свој јазик и писмо, посветено Го слави Господа, мечтаејќи истовремено за своја слобода. Во песната, Прличев не зборувал за обичните грци, туку за расипаноста на грчките духовници, кои сакале да ја исползуваат својата група во Цариград, на дворот на султанот, за да може преку клевети и лаги да уништат еден свој црковен противник. Целта и последиците од таквата политика, еден век подоцна, Прличев ги опеал во следните стихови од 1762 лето:

    ...Ќе пратит владици Грци, лицем светци, срцем в, лци, ќе ве дават ќе ве стрижат, ќе млзат до крв. Меѓу народа ќе сејат несогласје и раздори, Да се мрази син со татка и со брата брат. И ќе викнете до бога и крило не ќе најдете. Смирени ќе наведнете глави доземи, ќе ми бидете сираци, така било записано. Елате ми да ве гушна за последен п,т...

    Оваа песна покрај македонската јазична основа има и бугарски и црковнословенски елементи.

     

    Препевот на Илијада

     

    На повик на цариградското бугарското спиание Читалиште Прличев се нафатил со препејување на Хомеровата Илијада. До списанието испратил дел од препевот и истакнал:

    Да се преведе Хомер е едно од најзнаменитите дела што би докажало дека нашиот народ напредува... Но знаете дека Хомер е долгословец и многупати дреме. Ќе се потрудам, по возмножност, да ги одбегнувам неговите недостатоци. Ќе бидам строг кон се што е излишно... Не ќе напишам ниеден стих излишен или студен, така што дејството да врви со исполински чекори... Би било безумно да преведувам точно, буквално. Тогаш мојата цел никако не е постигната. И така, преводот ќе биде слободен.

    Списанието уште во почетокот препевот на Прличев го поздравило како книжевно дело што ќе направи епоха во нашата народна книжнина. Меѓутоа Нешо Бончев кој бил прв литертурен критичар кај Бугарите во Периодично списание го критикува и иронизира препевот на Прличев. И според него Прличев:

    не го преведувал Омира, туку острижен им го предложил на Бугарите и го дополнил и украсил по свој вкус.

    Бончев во својата критика особено го нападнал јазикот на Прличев, начинот на препевање и произволните скратувања на Илијадата. Оваа критика силно го погодила Прличев и за тоа случување самиот тој во својата автобиографија пишува:

    Критикот пишуваше долго против мене. Не требаше толку. Бидејќи скаше да ме порази и да препорача свој превод, можеше да го каже само ова, Прличев не знае бугарски, и тогаш јас навистина би бил поразен.

    Ваквото случување ќе го натера да се откаже од печатење на препевот, а самото дело го фрлил во оган.

     

    Препевот на Сердарот и Скендербег

     

    Прличев бил длабоко разочаран од приемот на бугарскиот литературен круг во кој меѓу другите влегувале Христо Ботев и Љубен Каравелов. Тие двајца во еден фељтон го исмевале и велеле дека е неспособен писател, а самиот Прличев ќе создаде една творба под наслов Гр. С. Прличев, убитиј б’лгарами. Сето тоа допринело да се повлече во себе и опкружен со книги да се нафати со препевање на своите поеми Сердарот и Скендербег.

    Првата поема ја препејувал неколкупати и во овие препејувања се чувствува родниот јазик на Прличев, но постепено ќе еволуира во општословенскиот есперанто кој сакал да го создаде.

     

    Конфликтот со митрополитот Натанаил Кучевишки

     

    Борбата против елинизмот во Македонија прв ја повел Димитар Миладинов, а Прличев ја прифатил и ја водел од 1861 година.

    Во 1874 година верниците на Охридската епархија со гласање решиле да се потчинат на Бугарската егзархија. Македонците бегајќи од Цариградската Патријаршија која со себе го носела погрчувањето се приклонувале кон Егзархијата, но наишле на егзархиска стапица која била поставена врз словенска основа, но со тенденција да бугаризира, а подоцна на таквата егзархиска црковно-просветна пропагнада Македонците се спротиставиле. Така во Охрид доаѓа Натанаил од Бугарската Егзархија, која охриѓани ја прифатиле како словенска црква. Прличев дури напишал и песна во негова чест:

    Бога вишњaго да славим и честитаго Царјаи с’с радост да посрештнем добраго ни пастирја. Како прежде богом пратен Моисеј за Израил,така сега царем пратен пастир наш Натанаил. Окајанному народу врата раја отворил,горки с’лзи стогодишни во веселје е претворил. Сега кости миросани Патрика Арсенија веселјатсја б’лгарскаго ради в’скресанија. Добре ни дош’л си, Отче, слава нам и лепота! Посетил си народ скрбен, что лежал во т’мнота. Наши дрехи великденски пред тебе би постлали, но нам пастири л’жевни дрехи не оставили. Пред стопи твои, Владико, цветја би усејали, но, под зверско им дишенје, цветја нам увенали. 

    Но набрзо се покајал за убавиот пречек. Како што пишува самиот:

    Какво беше неговото владикување, кои беа неговите погрешки, како отворено се разобличи, тука не е место да опишувам. Ќе го кажам само ова: уште во првата година на Натанаиловото владикување училиштето се разори ... Он (Натанаил) прати свој заптија, Турчин вооружен, којшто ме фати за мишки и при пискоти од моите ученици ме свлече по стрмната скала ... Колку чудно е што грчкиот владика Мелетија, најнепомирливиот мој непријател, цели осумнаесет години ме трпеше ... и никогаш не ме паделе, а првиот бугарски митрополит, очекуваниот месија, бесчесно го нападува Прличев од неговата татковина.

    Поради овој конфликт Прличев останал без својата служба во Охрид (Варош) и морал да замине како учител во Месокастро (сега дел од градот Охрид). Овој настан допринел да се зголеми разочарувањето кај Прличев кое и онака постоело. Во Месокастро како учител останал три години и потоа заминал во Струга за учител поради притисокот на митрополитот Натанаил.

    Таму во 1878 година Прличев ја создава на општословенски јазик со изразени руски елементи одата Рабов освободитељу посветена на рускиот цар Александар. Во Струга успеал да собере 4.000 лири од кои половина испратил дома, а со останатите заминал во Бугарија на повик на македонската емиграција.

     

    Во Бугарија

     

    Надевајќи се дека ќе најде поприште за своите литературни амбиции, по 1870 година Прличев го свртел своето внимание кон Цариград и кон тогашните бугарски весници и списанија, затоа што во Македонија во тоа време не постоеле книжевни центри, ниту можност за книжевна дејност.

    Пишува дописки од Македонија за весниците ПравоМакедонијаЗорница и за списанието Читалиште. Подоцна, (меѓу 1879-1881 година) минал извесно време во бугарска средина, и соработувал со софискиот весник Балкан. На повик на македонската емиграција Прличев заминал за Софија. Меѓутоа кога пристигнал во Бугарија родољупците кои го поканиле станале невидливи.

    Прличев набргу бил назначен за учител по грчки јазик во Габровската гимназија, а кога грчкиот јазик како наставен предметен бил укинат, тој себеси се понудил за помошник директор на Народоната библиотека во градот, но неговото барање не било прифатено. Тогаш Прличев се почуствувал како туѓинец во бугарската средина и кај него се јавил конфликт меѓу бугарското созание и чуството дека ни Бугарите не го прифатле како свои.

     

    Македонскиот период 1883 - 1889

     

    Иако Прличев никогаш не раскинал до крај со бугарската идеја, сепак тој во последните години од својот живот целосно се посветил на својата татковина Македонија. Тој станал учител на македонската младина, односно воспитувач на илинденската генерација, генерација која целосно раскинала со туѓите идеи и влијанија и целосно се посветила на самобитноста на Македонија и македонскиот народ. Додека Прличев учителствувал во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј", низ клупите на оваа гимназија минале голем број на македонски револуционери и дејци: Пере Тошев, Ѓорче Петров, Даме Груев, Петар Поп Арсов и бардот на македонскиот литературен јазик Крсте Петков Мисирков. Оваа своја македонска позиција Прличев ја афирмира некаде по 1882-та, по враќањето од Бугарија. Тогаш, ќе се настани за постојано во Солун, па од таму, во едно писмо до жена си ќе го запише и ова:

    Солун е срце, а ние вените на Македонија! 

    Истата година, во 1882 година, во еден допис до цариградскиот протестантски весник Зорница ќе се застапува за македонските гледишта врз јазикот и правописот на Словените во Европска Турција. Во овој период, ја напишал, како одговор на барањето за соработка со софискиот неделен весник Балкан, автобиографски интонираната Мечта на еден старец, а една година подоцна таа ќе биде развиена во Автобиографија.

     

    Од Битола до Солун

     

    По враќањето во Македонија најпрво бил учител во Битола, а по две години бил повторно назначен за учител, како што тој самиот вели во својата татковина, во Охрид, а во учебната 1883/84 година станува учител во Солунската егзархиска гиманзија.

     

    Солунските години

     

    За учителските години во Солун постојат многу малку научни истражувања поради немањето интерес на грчката и бугарската наука за овој период, а од друга страна солунските години не се опфатени во неговата Автобиографија и покрај тоа што таа била создадена во Солун. Во последните години со овој период од животот на Прличев се занимава науката во Македонија која што се обидува да даде дополнително светло за овие настани, бидејќи во Солун бил сконцентриран најголемиот интелектуален потенцијал кој станал подвижник на најзначајните процеси во македонската национална историја.

     

    Влијанието врз младата македонска интелигенција

     

    Каков бил погледот на самиот Прличев за градот Солун и Македонија дознаваме од неговото Слово на св. Кирил и Методиј кое го одржал на прославата на 1000 годишнината од смрта на Методиј во Солунската егзархиска гиманазија.

    Благодарение Вам, мили мој колеги, что оставихте татковината си и дојдохте да послужите на нашата татковина, или подобро да кажа, на татковината на св. Кирил и Методиј, и да празднувате в самиј Солун праздникот на Солунските светии ... Оскудело нам мудрих мужеј число... Цели просветени држави во текот на педесет години одвај можат да произведат еден велик маж. Срдечно благодарение Вам, мили мои сотрудници, что дојдохте да целувате светата земја, дето стăпнали нозете на св. Кирил и Методија. Ниту нужда имаше от нашето благодарение. Доволно сте наградени от самата си сăвест. Даже и блаженство е вселено во срцата Ваши, дето служите на Кириловото отечество. Идењето Ваше во Солун надали е подолно од поклонение на Божиј гроб... којто ке произведе оште много Кириловци и Методиевци, които ке бăдат светила на училштата ни , ке бăдат благолепие на црквите ни, ке бăдат стăлпци на верата, и ке прославјат Македонското име... Повторувам, оти учителите не се должни да проповедаат. Тие дошле не за друго, освен да ги учат вашите деца да станат добри граѓани и да си ја подигнат татковината, оваа убавица Македонија, оваа топла и благодатна Македонија, оваа плодовита Македонија, која ги подарила светите Кирил и Методија. Не сте ли уверени, господа, оти нашата Македонија денеска е најдолна од сите земји во светот? Не е ли голем срам за Македонците, кои едно време преку Александра Великого го покорија целиот свет, кои после преку светите Кирил и Методија покрстија милиони Словени и ги просветија, денеска ние да бидеме најдолни од сиот свет во просвештението...Мајка Македонија многу е ослабнета. Откако го породи великого Александра, откако ги породи светите Кирила и Методија, оттога мајка Македонија лежи на своето легло ужасно изнеможена, совршено примрена Мајка што родила великого сина надали ќе може да роди и другего? Затоа толку ретки се на светот великите мажи. Цели просветени држави во текот на педесет години одвај можат да произведат еден велик маж...

    Во Машката егзархиска гиманзија Св. Кирил и Методиј Прличев станал воспитувач на илинденската генерација во македонското национално-ослободително движење кое преку Лозарите и револуцијата водела до Крсте Петков Мисирков и Димитрија Чуповски. Дополнително светло за животот и делото на Прличев во овој период дознаваме од неговиот колега Петар Даниилович Драганов и ученикот Јоан Крајничанец.

    ... Иако беше учител во Бугарска гимназија и иако се борел и страдал за бугарштината, тој, како што вели самиот во својата автобиографија, не можеше да го совлада бугарскиот јазик и повеќе си зборуваше и пишуваше на брсјачко наречје. Тој не тераше да изговараме во нашите преводи од грчки и француски јазик не: винóто, водáта, млјакото, туку како што е во брсјачкото наречје: ви́ното, вóдата, млéкото. Во IV клас ни ја предаваше на грчки Одисејата и преводот му беше одвај разбирлив, така што од Одисејата ништо не можевме да разбереме.

    Ова сведоштво на Крајничанец потврдува дека Прличев никогаш не се откажал од своето македонско наречје, или попрецизно охридското брсјачко. Прличев до крајот на својата учителска кариера, па и во Солунската гимназија предавал на македонски и ги терал учениците да изговараат според гласовниот систем на македонски јазик.

    Имено Прличев во сите свои јавни настапи на разни свечености и во други случаеви, па и во своите ракописи од тоа време, со исклучок на својата Автобиографија која била напишана на бугарски јазик и најверојатно била наменета за публикување во Бугарија, ја користел родната реч. Прличев во Солунската гимназија предавал на македонски јазик, свесно и настојчиво.

    Дека е тоа така потврдуваат и писмата на самиот Прличев кои главно биле пишувани на сосем правилен грчки јазик - строг катаревус, но истовремено сите свои слова ги држел на својот македонски јазик. Во одбрана на својот јазик Прличев застанал уште во 1871 година кога весникот Право, јазикот на Прличев го нарекува смърдел от Гъцизм и Арнаутизам. Прличев, Одисејата ја предавал според својот превод, иако учениците мачно го разбирале.

    Според некои толкувачи на делото и животот на Григор Прличев се поставува прашањето: како еден полиглот да не може да го совлада најблискиот јазик на македонскиот? Односно постои претпоставка дека Прличев намерно ја избегнувал употребата на бугарскиот јазик во своите дела и работа и таквото настојување да го употребува македонскиот јазик во наставата било причина за судир со егзархиските луѓе во Солун.

    Сведоштво за овој период од животот на Прличев дава тогашниот директор на егзархиската гимназија Георги Кандиларов кој меѓу другото пишува дека на 6 мај 1885 година, во рамките на една прослава на 1000 годишнината од смрта на Методиј, Прличев одржал говор по кој дошло до инцидент меѓу учениците. Прличев ги изговорил следните зборовите: Нека молкне Аристотел пред нашите браќа св. Кирил и Методија, нека молкне Демостен пред нашите браќа св. Кирил и Методија, нека молкне Омир, Платон и другите. Во тој момент во салата дошло до превирања и Кандиларов го замолил да го прекрати својот говор и поради тоа Прличев се налутил и се заканил и со оставка.

    "Всушност, вистината е друга. Во својот говор Прличев, како што е познато, мошне ресно и јасно ги оделил дојденците од Македонците и проговорил за македонскиот културен развиток и македонската перспектива. Тоа не можело да го остави рамнодушен Бугаринот Кандиларов, особено кога видел како тој говор го примаат младите Македонци што токму во тие години ги почнаа своите бунтови имено против бугарскиот јазик и бугарската егзархиско - софиска пенетрација во Македонија. Особено пак кога Прличев словото го кажувал на многу убав македонски јазик што имало специфичен резонанс во таа свечена атмосфера”.

     

    Обид за издавање на Илијадата

     

    Во 1886/87 година Прличев се нашол повторно во Бугарија со цел да го објави својот препеев на Илијадата и со написот Критик и преведувач, во кој биле изложени погледите на Прличев за неговиот јазик, концепцијата за општословенски јазик и одговор кон критиката на Бончев и др. Но бидејќи писмениот јазик на Прличев немал ништо општо со тогашниот бугарски литературен и книжевен јазик не можел да најде издавач и овој обид останал неуспешен.

     

    Врските со преставниците на македонскиот национален сепаратизам

     

    Од коресподенцијата на Прличев дознаваме дека тој определено време бил близок со раководителот на Македонската лига Васил Дијамандиев, како и со еден од основачите на Тајниот македонски комитет Коста Групче, а најверојатно и со третиот охриѓанец Темко Попов и стружанецот Наум Евро. Од друга страна Прличев бил во роднински врски со Димитар Македонски и организаторот на Културно - просветното друштво св. Климент од Охрид, Димитар Христо Узунов. Според некои сите тие врски не биле врски само по роднокрајска линија и Прличев починал на прагот на новата македонска епоха.

     

    Осамнување и смрт

     

    Со децении бил навредуван, дразнет и унижуван, а очекувал дека тоа најмалку ќе се случи. Бил лично незадоволен од својот живот (неговата девиза е Совршенство или смрт), а на литературен план не го реализирал родниот литературен јазик и сето тоа допринело во последните години да се повлече и дистанцира од луѓето. Во 1890 година Прличев се пензионирал и се повлекол во родниот град Охрид. На 6 февруари 1893 во Охрид поетот починал. Смртта на Прличев означувала крај на една ера и почеток на нова ера во која дел од неговите ученици ќе ја формираат Македонската револуционерна организација, а Крсте Петков Мисирков ќе ја создаде За македонцките работи.

    Гробот на Глигор Прличев се наоѓа зад црквата Света Богородица Перивлепта во Охрид, а спомен-домот посветен на него се наоѓа исто така во Охрид, на улицата Самоилова, близу до црквата Света Софија.

     
    ГЛИГОР ПРЛИЧЕВ
     
    Григор Прличев/ В хилјада и седемстотин шездесет и второ лето

    Хилјада и седемстотин шездесет и второ лето
    В Охрид од Цариграда дошел Салаор.
    Се претставил пред Арсенја, наша патрика чеснаго,
    И му рек'л слово горко, слово жалосно:
    "Царска волја е да тргнеш денеска за в Цариграда,
    На тебе од врли Грци голем поплак е."
    Собрал Патрик свое стадо в црква свјатиј
    -Климентова
    Благослов му дал последен, р'це заплетил.
    Д'лго време липал старец во м'лчанје всенародно
    И по бела брада ронел с'лзи горешчи
    "Слушајте ме мили чеда, јас ќе ида в Цариграда:
    На мене од врли Грци голем поплак е.
    Грцкиј Патрик ќе ни строши славна охридска
    столица
    И мене до смрт ќе држи в заточение.
    Ќе прати владици Грци, лицем светци, срцем
    в'лци.
    Ќе ве дават, ќе ве стрижат, ќе м'лзат до крв
    Меѓу народа ќе сејат несогласје и раздори,
    Да се мрази син со татка и со брата брат.
    И ќе викнете до Бога и крило не ќе најдете,
    Смирени ќе наведете глави доземи.

    Ќе ми бидете сираци; така било написано.
    Елате ми да ви гушна за последен п'т.
    Чрна т'га поразила старо, младо, м'жи, жени,
    Вси со р'це заплетени с'лзи проливат.
    Тој ги гушка, тие т'жни му целуват десна р'ка,
    И од р'ка как од извор с'лзи се лејат.
    Вјахнал Патрик брза коња и неволно уп'тил се.
    Тога грмкиј плач народен небо процепил.
    Умилил се чесниј Патрик, свалил шапка навезана,
    Погледнал на сино небо, лјуто прок'лнал:
    "Ох! послушај, милиј Боже! Хаир никога да немат
    Стамче беј и Бујар Лигдо, Нејко челеби!"
    Милостивиј Бог послушал патричка горешча клетва;
    Слава нихна, семе нихно погубил со шум.
    И сега во куќи нихни ткае пајак пајачина
    И на пусти стрехи нихни хукат хутове.
     
    Климент Охридски го основал првиот универзитет на Словените на овие простори, а Наум Охридски го основал првиот словенски манастир на брегот на Охридското Езеро. Во втората половина на X век, во рамките на Самуиловата држава е организирана Охридската автокефална Архиепископија, во достоинство на патријаршија, а подоцна, по паѓањето на Самуиловото Царство, повторно е сведена на степен на архиепископија и како таква постои цели осум века, се до 1767 година кога е укината од страна на турскиот султан Мустафа III, а нејзините епархии се присоединети кон Цариградската патријаршија.
     

     

     
    Category: My articles | Added by: Вељанко (2013-08-10)
    Views: 2079 | Comments: 1 | Rating: 0.0/0
    Total comments: 1
    1 Вељанко  
    0

    Only registered users can add comments.
    [ Sign Up | Login ]
    Copyright Празнина која сјае © 2024