Празнина КОЈА сјае: Македонија Friday, 2024-11-22, 1:37 PM
Welcome Guest | RSS
Main | Publisher | Sign Up | Login
Main Menu
Main Menu
My articles [58]
Main Menu
Statistics
Rate my site
Total of answers: 5
Statistics
Login form
Search
Site friends
  • Create a free website
  • Online Desktop
  • Free Online Games
  • Video Tutorials
  • All HTML Tags
  • Browser Kits
  • Main » Articles » My articles

    КОГА НАДОАЃА СТЕРНА

    КОГА НАДОАЃА СТЕРНА

    (Конески и еден личен обид да се доживее предењето на македонската кадела)
     
    Се меркам низ зачадените темјаносани ѕидишта на храмов. Се вѕирам во пожолтените восочни лица на светците барајќи одговор за моите несовршени сознанија за генезата на моево стебло. Прашувам, како да ја доградам оваа кула наречена јазик, а градбата не почнала од мене. Јас сега сакам да ја претворам во манастир, во светилиште, но по секоја стапка знам дека нема крај или барем јас не можам да го видам. Им велам, вие го знаете одговорот, го криете во своите камени пазуви и само зрачец ми пуштате од тоа скриено сонце. Да се залажам, само да вдишам од бесмртната светлина, а потоа пак ги затворате своите дланки обвиткани со кодот на светите записи. Тонам во оваа измаглина премрежена со исчекувања. Со животворната светлинка на платнената нитка и восокот се обидувам да ве смилостивам за одговор. А таа, трепери во етерот, ги обвиткува темните столбови на оваа сакралност што ми тежи врз градиве. Сакралност извезена со боите на небото, земјата, огнот и сонцето. Се прашувам: до кога вака? До кога ќе трагам по симболите на мојот род за да ја допрам вистината за неговата потрага? Одѕвонува ехото на еден глас: „да се знае, да се знает". Ги допирам вклесаните знаци во мермерот и тие со своите зраци ја засекуваат притемнетоста. Меѓу ѕидиниве или во мојот ум? Немам одговор. Само потрага по `недостојноста` на некој игумен од пред многу века кој ме задолжил да ја откривам тајната на минатите времиња.

    Редовно зјаам во ѕидиштата и столбовите на црквите. Нив, тука, ги има барем на секој чекор. Во нив `леноста` на животот исчезнува, тоне во бездната што се отвора во мене и ме тера да пресликувам во тетратчево нечии чкртаници, крстовидни фигури, `неуспели розетки и цветчиња`. И пораки што нечии смежурани раце, со последната телесна сила ги вкамениле како последна желба над својата вкоскенета глава. Постојано … стремеж кон слава, повик за `спас од анонимноста`. Јас сум само еден `забатален калуѓер`. Јас само барам начин да ја надвијам мојата срамежливост, да ја потхранам мојата суета и конечно сè да тргне… Од овој манастир на брегов, надвиснат над бракот на огнот, водата и ветрот, неспокојно се растргнувам помеѓу Хиландар и Лешок…

    … Ме прашуваш: мислиш дека е лесно да оставиш дира зад себе? А јас втренчено гледам во тебе и помислувам дека надежта за смилостување сè уште пирка низ фиданкиве засадени околу нас, надежта за подадена соседска рака, за топол братски утрински поздрав. И одеднаш станувам свесен колку чини откорнувањето од заборавот, од пластот на времето.

    И во тие ретки мигови на сознание остриот бодеж на нечија цензура го сече како сабјата на Крали Марко, оптимизмот на `слугата божји`. Во мигот кога помислувам да го фрлам тетратчево преку седумдесет и седум гори, преку седумдесет и седум мориња, реки, планини, езера… од пепелта на изгорените надежи како феникс излетуваат пораките запишани на неговите страници. Знаците како пеперутки танцуваат околу мене и во моите мисли почнува да пупи нова жед. Нова пупка се претвора во цвет пред моите уморни зеници. Помислувам: морам да се откорнам од заборавот! И знам, сечилото има две острици… Потоа некој друг ќе ја преземе мојата `оставнина` и ќе го мори истата жед, а за мене ќе пишува пофалбени синтагми како што сега јас тоа сега го правам за некого пред мене… Но, да го надвладееш поривот на саможивост, и покрај острилото да останеш на своето, на она што мислиш дека си ти, иако не знаеш ниту кој си ниту кај си ниту со кого си и против кого си… Во овие мигови на недоумица, само се предавам на прелеста на брановите кои ме заплискуваат на овој брег, на мелодијата која извира од бисерната површина и се врежува во мене во песна со желба некогаш да биде пеана. Моите песни сакам да сведочат за силата на времето, за догматовидниот дел од човековото егзистирање контрадикторен на својата флуидност и релативност.

    Обвиткан во тишината, си замислувам дека ја откривам енергијата на макотрпното врежување која блика од втиснатите камени симболи. `Како со нокти да се гребани тие букви, само да остане уште трага во верниот камен.` Се самоуверувам, стиховите не можат да се избришат, а каменот бавно исчезнува… Или подобро, се сронува во ситна песок, а зрнцата ги подзема ветрот и ги разнесува кон висините, кон ѕвездите… И во еден миг нечија ѕвезда ќе се спои со зрно космичко, со отсјајот на нечие дело и ќе засвети уште посилно за да ги топли и грее корените на родот всадени во хранителката земја… Нема заборав за таа ѕвезда, за зачетникот на животот, за креаторот на новиот збор… Се прашувам: како да ги препознаеш своите ѕвезди на темното небо? Ја кревам често главата кон висините, набљудувам, ја впивам во себе светлината. На многу од тие светли точки им давам имиња, им посветувам денови, а потоа ги славам, ги носам во срцето или во мислите и тие никогаш не згаснуваат зашто им ги предавам на моите поколенија. Со надеж дека ќе ги носат во срцето…

    И после секој разговор со самотијата околу мене, бледнее во манастирската светлина, пред мојот замаглен поглед, Игуменот `велик за христијаните`, за да се појави повторно однекаде и некогаш, низ одбројувањето на часовите. Трепери немирно светлината на полилеите. На парченцата од стаклениот мозаик гледам како умира денот. Во зајдисонцето на еден живот, најчесто, се раѓа `прославата на човековото достоинство, самоутврдувањето на човечката личност, клетвата над човечката беда`, победата над заборавот…

    `Како ќе се живет?… Како можат луѓе да живеат во таа плачевна долина?`, шепотиш растреперен пред мене. Те мори насилството, те засега неписменоста на својот род, те изнемоштува ропството. Го вкрстуваш својот `меч` со заканата на заборавот. Ми велиш – бев автобиограф без поприште, втор Хомер без ловоров венец, најжесток негатор на духовните насилства! Климам со главата, друг одговор пред тебе немам. Само тивко ти велам: Тебе, самиот Омир те учел како да ги извезеш стиховите, надвиснат над јазот на историјата, над расцепот помеѓу себеси и опкруженоста…

    Не ги ни дослуша моите зборови, моите мисли го докоснаа и како комета излета низ витите светителски отвори кон натежнатиот од ѕвезди свод. Се збогати, во тој единствен миг, небото на моите размисли и почна да се точи нов стих, да се остри нов изблик, а мислата да зрее:`Еве на врвот се искачив. Сам./ Тука не ме следи око ничие./И што? Јас во себе пак го шепотам/ Жалосниот сон на своето величие…` Сакав само да му соопштам: Знам…Усетуваш `дека си избран, сета неволја и тага, и сета ропска потиштеност грда на еден народ да ја истрадаш, молчаливо и тврдо да ја носиш…` Но тој знае дека сум благодарен, длабоко искрен во стихотворењето, дека `пред св. Климента горат безбројни лампади`, секогаш посветени нему…

    Светлината се лее како река пред стаклата на моите очила. Јас сум само професор и бескраен вљубеник во пишаниот збор. Неуморно ги испраќам своите мисли да патуваат, зашто понекогаш си мислам дека само тоа знам и да го работам. Во моите дамари незапирливо тече реката на откорнувањето, реката на откривањето, можноста за врстување со зборовите и мислите, копнежите и стравувањата на дамнешниот сопатник што се претвори во ѕвезда. Помислувам: колку прилежно би стоел зелениот венец на неговата напатена глава!

    … Ме допира бран на нов шепот и ми ја намовнува кожата: `Ме гонеа – рамнодушни и злобни-/ а сега дури и гробјето ваши/ пак ќе го гонат мојот суров гроб,/ в земи туѓ и притеснет бев/ сè дур не дојде едно ново племе/ што ме сака и прославува.` Се стопи конечно неговиот лелеав лик во светлината и само зрачец проструи пред мојот вид. Топлината на зрачецот го обли моето срце и сè се смири в миг. Под тишината трепереше огнот на минатото, на историјата…`Минатото си го претставуваме секогаш неполно: како да замислуваме празни улици, пресушени речни корита, низ кои тече сив полумрак, каде што течел бескрајно разнообразен живот. Само зборот на поетот спасува…`

    …И еве ме, низ ѕвонот на благиот шум на самоста во една крајезерска улица. Стојам среде висока мансарда. Гледам: се ракувам со Браќата од градот крај Езерото, Браќата од крај езерото под Манастирот. Стојам крај чудотворен спој – духовници тргнати во подвиг, `жива вода да црпат – живата вода на поезијата`. Душа со душа се прелева како што се прелеваат далгите на езерото. А книга отворена лежи на масата и предизвикувачки ме повикува да тонам во нејзиниот таинствен шепот. Од неа течат зборови, тенки нитки за срца полни со убавина, а опколени со мразовина, мачнина… Умирал еден поет в зандана: `…сам,/каде што очите на смртникот/ биле светлост единствена.` Копнеел тој, чезнеел и страдал `да види Охрид, Струга да види…` Брата си да го смири… Но брат брата не гушна и болката остана да нè мори в градиве. А сега, од црните зандани, низ влажните ѕидишта, ослободени од секакви граници стојат крај мене нивните светли фигури. Ја кинат пајажината на квечерината со својот благ, сеништен поглед, со тихиот, среќен усмев на усните истрадани, со испружени раце кон своите синови, желни за `слатко ракување`…

    Стојам во аголот на овој храм, во некој агол на мојот живот и нуркам во длабините обидувајќи се да го откорнам бисерот од месестото јадро на школката наречена време, од еден изминат свет, поинаков од овој што јас го живеам, како што мојот свет еднаш ќе биде поинаков за тебе, љубопитен читателу, кој некогаш и некаде ќе го прочиташ овој мој запис за минливоста и незаборавот.

    Те уверувам дека школката-време живее во еден единствен океан и се отвора ретко, само тогаш кога ќе ја допре некоја `нова` струја. Ќе блесне тогаш скапоцениот плод од нејзината внатрешност, создаван макотрпно. Го засенува погледот играта на контрастот. На кадифената срцевина расцветала белина…

    …Како еднаш кога шетајќи низ белузлавата мрежна приквечеринка во една стара московска улица се борев со `чудната тишина` која `времето назад го враќа`… И те сретнав, те познав `по твојот опул мрачен,/ по одот брз и литото палто,/ по ликот сув и мачен.` Ме пронижа твојот стаклен, измачен поглед и `едно остро сознание дека треба да се користи мигот, токму овој миг. Дека е незаменлива оваа прошетка приквечер по улиците на стариот град…`Велиш, малку си сторил за да те сетам сега в песна, затоа си тажен, незадоволен, гневен самиот на себе. Моето срце жедуваше да изнајде зборови на утеха за твојата ненапоена душа со слобода и за топла мајчинска прегратка. Црвот на колебливоста и немоќта бодеше по ѕидовите на животворното јаболко во градиве. Ме разјадуваше болката на зборовните бодежи. Почувствував, ќе ме задави струјата на јароста која ми се искачуваше кон грлото во напливи. Морав да сронам збор низ усниве… Среќен сум дека те сретнав `очи в очи`. Одамна `ме жижна твојата мака`. За другар те сетив. `Не тагувај` велам. `Во први зори/ ти орач беше на пуста нива./Живееш таков и во нас гориш…` Ноќта ги спушташе своите крила, а јас стоев на таа правлива улица пронижан од темнината на твојот глас. Во лушпата на прекорот се криеше аманет: Орај ја нивата незаборавена, земи остен в раце, работи ден и ноќ, `сос пот`, истреби трње,исчисти троскот, нивата да даде побогат плод… Клетва дај, прекрсти се, стани, иди!`Не боја сја, бој сја само Божји прст!`Стоеше пред мене со гордо крената глава, со фесот на неа `накривен како бабаитите со пјускјуно на рамо`, со мешината на гајдата во едната рака и со врзопот `селцки` алишта во другата. Крвта од врзопот повикуваше, видов бела коприна прошиена со ситни рубини…

    Се топи сега сеќавањето во светлината на бескрвната жртва пред олтарот на храмов. Стојам среде него, јас, професорот, роден во едно село близу до градот под Маркукуле. Крај овој нескротлив брег заживејаа легендите што `со торжествен глас` ми ги раскажуваа дедовците. `Уште оттогаш преминала во мене Стерна, страшната подземна вода.` Моќната и немирна вода што во овој миг се прелева пред мојот вид, од која се плашеле моите стари, ` од Стерна што ја правел Марко Крале под Маркови Кули што ја затнал водата со не знам колку арари со бубаќ и ковани со бруќе колку еден аршин големи … Во ниедна доба сум одел да наслушам како приидува водата,/ како гргори, грчи и зајачува под земи…`

    Седи и сега, едно роднокрајно дребно човече крај мене, во тишинава крајезерска манастирска, со `поглед бистар, говор благ и ѕвонлив`. Седи скрснозе и шие ли шие. Се вѕирам во неговите раце да го `фатам` говорот на прстите со сплоснати врвови од крпење и шиење. Проблеснува извезената нитка. Сребрената игла везе златен сплет, а потоа ги зафаќа црвената и црната во бескрајно оро, вешт како мојата `везилка`. Дали некогаш ќе ја откријам тајната на тој вез што одамна ме пленува, се прашувам, додека последната светлинка на денот чудно се прекршува низ многубојниот витраж и се смирува како растреперено од игра дете врз белината на платното. Се впива во симболите, во неуморното везење на мојата македонска приказна, онаа што грга, вреви во ушите, надоаѓа во градите, удира во дамарите, се кикоти под земи како затнатата Стерна… Синко, ми вели терзијата, не можеш да ја затнеш Стерната. Таа го чека само својот час – да биде глуво и спокојно и темно кога ќе рикне. Ќе се прелее нејзиното сребро низ чаирите, ќе ги скрие во своите длабини времињата `кога се правеле вапирски свадби`, ќе ја прекрие `ежовата трева што сè отворала`, заборавените заклучени катанци, замандалени порти. Ќе замириса водата на нашето детство закоравено за промени. `Големата вода` нè потопува влечејќи ги спомените и сеќавањата… и поривот за лет кон ѕвездената прав. И пред моите очи в миг заблескува филигранот на `сребрените снегови` во кој се вкочанил вриежот на детските соништа и желби за нов поинаков лет. Тие детски и момчешки мечтаења ме скокоткаат в градиве секогаш кога ги мерам животните отчукувања преку бројот на чекорите што оставаат вдлабнатини во крупната песок крај оваа езерска вода.

    Да … ме менуваат секогаш, овие средби со тишината во овој храм, крај брегот на златното езеро. Си велам, сиот живот е една римувана песна. Настојување да ја запишам секоја ритмичка стапка на времето што одминува. Да остане трага, знак, макар и на хартија, макар и само два: еден на почетокот, а друг на крајот од еден век. Да се спојат во одгласот на предедовскиот збор, `да чувствуваш`, ти сопатнику низ времето,`присно созвучје со него, нешто како тих шум на вретена што предат една мека кадела од колено на колено… Да не ја заборавиш ругузината и кацијата.` Да не заборавиш дека си пород на Силјана Штркот. Да не го заборавам, всушност, и јас сево ова што го напишав и во оваа божествена тивкост да чувствуваме заедно `како рика маката` во нас, маката дека сме родени во `смачкано племе` што жедува да го вреже звукот на имињата, макар и во хартија, жедува да се откине од небиднината и засекогаш да ги рашири своите `орелски` крилја над немирните езерски бранувања. За миг да остане вкотвена сета моја размисла во еден тивок охридски ден, вкотвена како брод среде раскошот на исконското огледало под кое баботи Стерна…

    м-р Николина Нолевска

    Извор: "Македонија Презент"

    Category: My articles | Added by: Вељанко (2013-12-27)
    Views: 446 | Rating: 0.0/0
    Total comments: 0
    Only registered users can add comments.
    [ Sign Up | Login ]
    Copyright Празнина која сјае © 2024