Петре Филиповски
Петре Филиповски (прекар: Гарката) роден во село Гари, Дебарско во 1780-тите, починал во Крушево во 1854, бил еден од најистакнатите претставници на мијачката (дебарската) резба, кој потекнува од родот Филиповци од с. Гари во Мала Река. Патот на неговата наобразба и обука во резбарскиот занает се истражува врз основа на семејни преданија и стилска анализа на бројни иконостаси на територијата на Света Гора, Грција, Албанија и Македонија во текот на 18 век и раниот 19 век. Карактеристиките на неговата работа
„нагласено присуство на човечки, растителни и животински фигури обликувани во згуснат простор, со скусени пропорции, како и специфичната архитектоника на иконостасите што ги изработил“
се препознаваат во постарите резби на епирските зографи, распространети најмногу во северозападна Грција, во Албанија и во Македонија во 18 век. Со сигурност се знае дека дело на неговата тајфа се иконостасите во црквата на:
Лесновскиот манастир (1814),
црква „Св. Спас“ - Скопје (1824),
црква „Св. Ѓорѓи“ - Призрен (1829) и
Бигорскиот манастир (1835).
Се смета дека соработувал при изведбата на иконостасот во црква „Св. Богородица“ - Скопје (околу 1840), во Рилскиот манастир (1841-1842), во црква „Св. Благовештение“ - Прилеп (по 1838). Последното остварување бил иконостасот во црква „Св. Никола“ - Крушево, која била запалена во 1903.
|