На 2 декември во цела Грција за прв пат со многубројни празнични богослуженија беше чествуван споменот на новопрославениот светец на Православната црква, старец Порфириј (Кавсокаливит) (+1991). Икони од преп. Порфириј имаше во многу цркви и манастири ширум Грција уште пред неговото официјално впишување во диптихот на светиите од страна на Вселенската патријаршија пред неколку дена. Беа составени и тропари во негова чест. Објавуваме во превод на македонски два тропaра на преподобниот, што овие денови одекнуваа во православните храмови во Грција.
Тропар, глас 1, подобен „Пустынный житель":
На Евија рожба, на вселената веселба,
на богословието тајник и на Христа искрен пријател,
Порфириј го чествуваме, верни,
со благодат од младост исполнет.
Измачувани се тешат,
болни се лечат, верно повикувајќи:
слава на Тој што те укрепи,
слава на Тој што те освети,
слава на Тој што преку тебе ни дарува чудеса.
Друг, глас 5, подобен „Собезначальное Слово":
Како награда за трудовите и благочестивиот живот, Порфирие, Господ од висините ти даде благодат мудро да ги предзнаеш идните нешта; свештен цвету на Eвија, ти од Атон таинствено се пресади во градините на бескрајната слава, за да се молиш на Христа за оние кои те восхвалуваат.