Времето врвело... Тажната ѕвезда скитала ваму-таму по небесната шир. Тоа траело многу долго. Решила, сепак, малку да се потруди, па почнала да сјае посилно и тргнала да се движи по друга траекторија, по нов пат. Таа помислила дека сама го одбрала новиот пат, а не знаела дека одамна тоа и било зацртано. Тоа движење на оваа ѕвезда не останало незабележано.
Ја виделе мудреците и разбрале дека се исполнило времето за кое било пророкувано во Светите Книги. Ѕвездата за тоа ништо не знаела. Мирно пловела по небото, кога вниманието и го привлекло нешто необично.
Од небото слегувале ангели пеејќи прекрасни, чудесни песни. Сите се собрале околу некоја затскриена пештера. Ѕвездата погледнала во пештерата. А таму, Богомајката со Исус. Од радост ѕвездата почнала да сјае повеќе и посјајно од сите големи ѕвезди. Тоа била најубавата и најсјајната светлина која можела да се замисли и која некогаш се видела на небото.
А после ова, Бог ја повикал оваа мала ѕвезда, ја пофалил пред сите ѕвезди, дури и пред најголемите, ја зел на дланката и ја сместил на највисокото место на небото, па така и нам, и на сите луѓе на планетава, засекогаш да ни свети, и луѓето кога ќе ја видат таа чудесна ѕвезда, да се присетат дека токму таа ја осветлила онаа пештера во која бил роден нашиот Спасител, Исус Христос.