Борис Вишеславцев - Од книгата "Етика на преобразениот ерос" 4 дел
Трансфинитното и апсолутното
Кантор ја согледува нужноста (или попрво - слободата) на трансцендирање на трансфинитното. Неговата концепција на бесконечното му овозможува правилно да го постави проблемот на Апсолутното.
Во преписката со еден "голем теолог" (непознат епископ) тој вели: "трансфинитното со сета полнота на своите вообличувања и форми (mit seiner Fulle von Gestaltungeng u Gestalten) нужно укажува на Апсолутното, на ’вистински бесконечното’, на чија величина не може ништо да му се додаде ниту да му се одземе и кое поради тоа треба да се гледа квалитативно како апсолутен максимум. Тоа како да ја надминува способноста за човечко поимање и му бега на математичките дефиниции, додека трансфинитното не само што ја исполнува просторната област на можното во божественото сознание, туку богато го развива се попространото поле на идеално истражување и, по мое уверување, ја постигнува во создадениот свет, во извесен степен и во различни погледи - стварноста и битието, за посилно да се изрази величината на Творецот благодарение на неговата апсолутно слободна волја, отколку што тоа би можело да биде направено преку светот и тоа конечниот".
Еве како на друго место Кантор го одредува Апсолутното:
Бесконечното, како Апсолутно или infinitum, не дозволува никаква детерминација, тоа не само што е надвор од границите на секое конечно одредено, туку е и надвор од границите на секое одредено бесконечно и нема над себе ништо друго. "Апсолутното може само да се тврди, но не и да се спознае (mur anerkannt, aber nie erkannnt), тоа не може да биде дури ни приближно спознаено (annahernd)".
Овде, прилично силно, го согледуваме спротиставувањето на Апсолутното и трансфинитното: ова последното е присутно во "создадениот свет" и до извесен степен е поимливо. Првото е - трансцедентно на светот и на познанието. Сепак, кај Кантор постојат и невнимателни изрази кои такаречено го поистоветуваат Апсолутното со бесконечното: Тоа е "величина", "максимум", "вистински-бесконечно".
Причината за таква грешка е сосем разбирлива: таа се состои во околноста кон поистоветување на Апсолутното со последниот символ, со последната категорија која не приведува кон Апсолутното и која се трансцендира. Тоа се статуите на боговите кои ги сретнуваме пред влезот во светината и кои мора да ги оставиме зад себе за да влеземе во светилиштето (Плотин), тоа се "идеограми" на Апсолутното (Рудолф Ото), вклучувајќи ги и оние најдобрите, највозвишените и неизбежните како бесконечноста, сеединството и највозвишеното добро. И овие "божествени имиња" мора да останат зад нас во последниот транс, во последното iper (грчки: над, преку, од онаа страна), како што на тоа инсистира Дионисиј Ареопагит (во суштина, веќе и Плотин, а на крајот на краиштата - и целокупната мистика).
Актуелно бесконечниот транс
Овде е неопходно да се нагласи дека трансот кој стои во основата на феноменолошката редукција (глава VIII, 6) е актуелно бесконечен транс кој може да биде направен само со помош на категоријата на "сеединството". Целиот свет на појави во целина се доведува во прашање и се става во загради, de omnibus dubito. Само таквиот транс ја открива "трансцеденталната" сфера на смислата и категориите. Потенцијалниот транс (потенцијалната бесконечност) секогаш останува иманентна на овој свет, останува движење во овој свет, останува прогрес или регрес во времето, во просторот, во поврзаноста на причините и последиците. Искуствената наука знае само за ваков прогрес, за ваква потенцијална бесконечност - и во тоа Кант има право. Но тој нема право во поглед на трансцеденталната сфера.
Трансцеденталната сфера на "идеите", смислата, суштината, категориите е "сеединството", актуелно бесконечен систем, дури и неговиот приоритетен и најчист образец, како што тоа го покажува Платон, нарекувајќи го овој систем систем на "умот" (nus). Токму затоа последниот трансцензус во сферата на трансцедентниот Апсолут (гл. VIII, 11) исто така, е актуелно бесконечен транс, бидејќи тој остава зад себе некакво највозвишено, идеално сеединство, кое многу лесно може да се помеша со Апсолутното, земајќи предвид дека тоа е оној последен степен на "умот".