Двајца француски војници биле убиени во судирот со вооружени групи во понеделникот ноќта, во главниот град на Централноафриканската Република, Бангуи, на петтиот ден од воената операција Сангарис, со кој треба да се воспостави безбедност во земјата, објавија француските власти.
Францускиот претседател Франсоа Оланд, кој вчера допатува во Бангуи, изразил почит за жртвите и ја нагласил својата поддршка за француските единици, кои со африканските сили работат на воспоставување безбедност во ЦАР, заштита на населението и гарантирање на пристапот за хуманитарната помош.
Ова се првите загуби на француските сили од покренувањето на операцијата Сангарис во четвртокот со амин на ОН. Француските војници во понеделникот почнаа чувствителна операција за разоружување на милициите и на вооружените групи по новиот бран насилства во кој минатата недела загинаа околу 400 луѓе во главниот град. Франција распореди 1.600 војници во својата некогашна колонија, каде што избувнаа насилства откако муслиманските бунтовници дојдоа на власт во март. Во земјата населението е претежно христијанско.