ЕУ ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАТА БИ МОЖЕЛА ДА ДОЗВОЛИ ОДГЛЕДУВАЊЕ ГМО-ПЧЕНКА
Европската Унија до крајот на годинава би можела да дозволи одгледување генски модифицирана пченка 1507. Ако со тоа се согласат поголем дел од земјите на Унијата, тоа ќе биде прв закон што дозволува сеидба на генски модифицирано семе на нејзина територија.
Предлогот на ЕK за одгледување на пченката 1507 сега треба да го разгледаат и министрите на 28-те земји-членки на ЕУ и конечна одлука би можела да биде донесена до крајот на месецов.
Пченката 1507 е производ на една од водечките светски компании за генски модифицирани организми. Научниците и еколозите предупредуваат на штетноста на таквите производи за здравјето на луѓето и животните, како и на недостатоците на европските закони за безбедност на храната. Американската компанија „Дипонт пајонир", чиј производ е пченката 1507, тврди дека таа е отпорна на инсекти, влага и суша. Еколозите во исто време предупредуваат дека ГМО посевите се всушност пестициди, кои ги трујат другите билки.
- Никаде во светот не се прават тестирања на три, пет ниту на десет години, бидејќи се скапи. Европската агенција за безбедност на храната, мора да воведе соодветни тестови и да обезбеди пари - порачува од канцеларијата на „Гринпис" при ЕУ, Марио Kонтиеро.
Членките на ЕУ имаат многу спротивставени ставови за одгледувањето генски модифицирани организми, но во случај ресорните министри од Унијата да не донесат одлука, комисијата има овластување до крајот на годината да одобри продажба и одгледување на новиот вид ГМО-пченка. Според првите реакции, Шпанија и Велика Британија се подготвени да ја сеат пченката 1507, а таа нема да биде присутна во Франција, Австрија, Полска. Во прилог на нивното одбивање оди предупредувањето на научниците за последиците од употребата на ГМО-плодови.
(Дневник)
16 декември 2013