Во изминатите девет дена, повеќе илјади Италијанци маршираа на улиците на неколку градови ширум Италија, како знак на протест поради намалените примања и високата стапка на невработеност.
-Владејачката класа ја сочинуваат крадци и мафијаши, кои ја уништуваат нашата земја. Заслужуваме подобро!-извикуваше еден од лидерите на протестите, Данило Калвани, следен со бурни поздрави од насобраните луѓе на римскиот Пјаца дел Пополо.
На митингот во Рим присуствуваа околу 3.000 лица, што е многу помалку од очекуваното, затоа што поедини лидери на движењето „Вилушка" одбија да дојдат поради страв дека меѓу демонстрантите ќе има и насилници.
Бранот протести на движењето „Вилушка", кои ги започна група на земјоделци на Сицилија, му дадоа до знаење на претседателот Џорџо Наполитано, за да го предупредат дека Италија би можеле да ја зафатат насилни општествени немири, доколку владата набрзо не спроведе реформи со кои би им помогнала на загрозените граѓани.
Протестите на движењето „Вилушка" се повеќе добиваат антиевропски карактер, затоа што голем број Италијанци ја обвинуваат Европа за повеќегодишни мерки за штедење и економски проблеми. Движењето доби поддршка од неколку групации на крајната десница а неколку говорници порачаа дека Италија би требала да излезе од еврозоната.
На еден транспарент пишуваше: „Драга Лиро, напола вредеше, но беше двојно посилна," додека голем број демонстранти порачаа дека сакаат враќање на националната валута.
(Нова Македонија)
18 декември 2013