Русите испратија авиони за преземање на хемиското оружје од Сирија
Русија во Сирија испрати 10 авиони со опрема за отстранување и уништување на сириското хемиско оружје, соопшти денеска рускиот амбасадор во Дамаск, Азамат Кулмукхаметов
Амбасадорот прецизира дека авионите слетале во сириското пристаниште Латакија.
- Воспоставен е воздушен мост преку кој ќе се испорача технологијата и опремата што се потребни за операцијата за дислокација на хемиското оружје од Сирија. Денеска имаше 10 летови, а ќе има уште, додаде Кулмукхаметов.
Организацијата за забрана на хемиското оружје, што го надгледува уништувањето на сириското хемиско оружје, соопшти дека во изнесувањето на оружјето од Сирија ќе учествуваат руски оклопни камиони.
Данска и норвешка фрегата во моментов чекаат во Кипар за да ги испратат нордиските товарни бродови да го преземат хемиското оружје од Латакија од каде ќе го префрлат за Италија. Сириското хемиско оружје, потоа, ќе биде претоварено на американски брод каде ќе биде уништено на отворено море.
(Нова Македонија)
19 декември 2013