Празнина КОЈА сјае: Македонија Thursday, 2024-12-26, 11:43 AM
Welcome Guest | RSS
Main | Православен календар | Sign Up | Login
Main Menu
Main Menu
Свет [246]
Main Menu
Statistics
Rate my site
Total of answers: 5
Statistics
Login form
Search
Site friends
  • Create a free website
  • Online Desktop
  • Free Online Games
  • Video Tutorials
  • All HTML Tags
  • Browser Kits
  • Main » Православен календар » Свет » Свет

    Студената војна никогаш не заврши? (2дел)

    Студената војна никогаш не заврши?

    УКРАИНА Е ГЛАВНАТА ПРИЧИНА

    Аналитичарите, пак, прашуваат зошто Западот дури сега крева паника за руските ракети „искандер" ако се знае оти тие биле разместувани во регионот изминативе 18 месеци. Одговорот, според нив, е што Западот сака да ја придобие Украина на своја страна, па се обидува на секаков начин да ја прикаже Русија во лошо светло. Западот и Русија изминатиов период соработуваа за Иран и за Сирија на Блискиот Исток, но во меѓувреме ги заострија односите поради Украина.

    Русија и ЕУ водат жестока битка за да ја придобијат Украина на своја страна. Таа е една од клучните земји во сферата на руското влијание во која и Западот и Русија имаат големи економски, енергетски и безбедносни интереси. ЕУ се обидува да ја привлече Украина со договори за асоцијација и за слободна трговија. Русија, пак, би сакала да ја види земјата со 45-милионско население во својата Царинска унија, заедно со Белорусија и со Казахстан. Москва би сакала да ја види Украина и во својот безбедносен блок, Организацијата на договорот за колективна безбедност (ОДКБ), во која веќе членуваат земјите од поширокото украинско соседство, Белорусија, Ерменија, Казахстан, Киргистан и Таџикистан. Во обид да балансира меѓу Западот и Истокот, Киев во 2010 година реши да не се приклучува кон ниту еден воен сојуз, вклучувајќи ги и ОДКБ и НАТО. Сепак, според некои набљудувачи, економските договори што ЕУ ѝ ги нуди Украина, освен економска, предвидуваат и безбедносна соработка и всушност претставуваат тројански коњ на НАТО, зашто овозможуваат проширување на Алијансата во регионот.

    НЕМА ИРАНСКА ЗАКАНА

    Белградскиот аналитичар смета дека доказ дека Студената војна никогаш не завршила може да се препознае и во фактот што по распаѓањето на Варшавскиот пакт и Советскиот Сојуз никој на Русија не ѝ понуди членство во НАТО, бидејќи таа и натаму останува директна крајна цел на Алијансата.

    - Ако оваа констатација не е точна, зошто тогаш во ера на борба против светскиот тероризам дури 80 отсто од воените вежби на НАТО се маневри во кои во импровизираното војување се уништуваат оклопно-механизирани сили и се вршат десантни операции на морнаричката пешадија и падобранци. Овие вежби, главно во балтичките земји, се наменети за уривање државни одбранбени системи, а не на упориштата на терористичките групи. Западот на овој начин индиректно му испраќа порака на Кремљ дека секирите се повторно откопани - тврди Лазански.

    Тој исто така прашува што ќе им е на САД противракетен штит во Европа по постигнувањето на неодамнешниот договор за нуклеарната програма на Иран, кој беше декларирана цел на штитот. Според него, нема логика Вашингтон и Брисел да градат скап штит наменет за одбрана од ирански ракети со нуклеарни боеви глави ако опасноста веќе не постои.

    БИТКА ЗА ЦЕНТРАЛНА И ЗА ИСТОЧНА ЕВРОПА

    Москва токму по неодамнешниот договор за иранската нуклеарна програма ги интензивира барањата до Вашингтон да се откаже од штитот во Европа. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров оцени дека спогодбата со Техеран го прави штитот непотребен зашто тој требаше да спречува закани од Иран.

    Ракетниот штит вклучува бази со пресретнувачки ракети во Романија и во Полска што можат да соборат балистички ракети со различен дострел. Базите треба да профункционираат од 2015 година, односно од 2018 година, наведува Стратфор.

    Американскиот тинк-тенк посочува оти Москва го смета за потенцијална закана секое зголемување на военото присуство на НАТО во Европа и стравува дека технологијата што се употребува за развивање на штитот еден ден може да претставува закана за нејзините ракети.

    Москва со години бара правни гаранции од НАТО и од САД дека системот нема да цели кон нивните ракети. Но, како што посочува американски Стратфор, проблемот со штитот, но и со нуклеарките на САД во Европа, не се сведува само на технички и на правни аспекти туку се однесува на битката меѓу САД и Русија за влијанието во Централна и во Источна Европа. По падот на Советскиот Сојуз, Русија беше загрижена за постојаното ширење на западното влијание во нејзиното соседство (преку прошарувањата или обидите за проширувања на НАТО и на ЕУ во регионот од крајот на 1990-тите, во период кога Русија беше слаба). Но Русија денес е силна и понатаму се противи на секое зголемување на присуството на НАТО и на САД во Централна и во Источна Европа, а особено во сферата на руското влијание. За Русија штитот е изговор на САД да распоредат воени капацитети во едни од стратегиски најважните земји во Европа.

    Според Лазански, распоредувањето на руските ракети во Калининград не е враќање назад во периодот на Студената војна, туку отворање едно ново поглавје на истата војна. Сличен став има и црногорскиот генерал Благоје Граховац.

    - Се наоѓаме во период на големи политички игри и превирања, кој по ништо не се разликува од времето на Студената војна - вели Граховац.

    БЕЗИЗЛЕЗНА СИТУАЦИЈА?

    Каква разврска тогаш би имала оваа старо-нова Студена војна? Американски Стратфор прогнозира оти Русија во иднина ќе продолжи да притиска за решавање на прашањата со штитот и со повлекувањето на американските нуклеарки од Европа. Русија ќе се обиде да им стави до знаење на Американците дека откажувањето од штитот (и можеби од нуклеарките од Европа) е цената што ќе треба да ја платат за соработката на Блискиот Исток, пред сѐ во однос на Сирија (договорот за хемиското оружје), Иран (договорот за нуклеарната програма) и Авганистан (поради повлекувањето на Американците до крајот на 2014 година). На САД ќе им биде потешко да го правдаат штитот и ќе немаат позиција сериозно да им се спротивстават на Русите во период кога се обидуваат да затворат низа отворени прашања на Блискиот Исток, оценува Стратфор.

    Американците се обидуваат да ги уверат земјите од Источна Европа дека не им го вртат грбот поради соработката со Русија и нагласуваат оти штитот не зависи од прашањата поврзани со Блискиот Исток. На Москва, пак, ѝ одговара оваа безизлезна ситуација на САД, додека на источноевропските земји им останува само внимателно да следат дали Америка ќе ги исполни ветувањата.


    Нови американски нуклеарки во Европа

    Американците сакаат да ги модернизираат своите нуклеарки во Европа, но критичарите велат дека Вашингтон всушност создава ново оружје, што е спротивно на ветувањата на Барак Обама дека нема да развива нов нуклеарен арсенал.
    Според некои процени, во Европа има околу 200 американски нуклеарни бомби „Б61". САД неодамна објавија модернизација на програмата „Б61", со која новите нуклеарки „Б61-12" треба да ги заменат постарите типови (3,4,7 и 10), како и бомбите за пробивање бункери „Б61-11 и стратегиските нуклеарни бомби „Б83". Првата бомба „Б61-12" треба да биде завршена до 2020 година, а до 2024 година треба да бидат заменети сите стари бомби, наведува германски „Шпигел". 
    Оливер Меер од Германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања вели дека плановите за модернизација на нуклеарките во Европа претставуваат закана за преговорите за нуклеарно разоружување меѓу НАТО и Русија. 
    - Европа мора јасно да му каже на Вашингтон дека не ѝ требаат нови нуклеарни оружја. Истовремено, НАТО мора итно да ѝ даде конкретни предлози на Русија за контроверзниот штит. Ако сето ова пропадне, Европа ќе добие нови тактички нуклеарни оружја и нуклеарното разоружување ќе биде невозможно со децении - нагласува Гоц Нојнек од Институтот за мировни студии во Хамбург.

    Автор: Игор Даниловиќ / Александар Србиновски

       (Нова Македонија)

        19 декември 2013

    Rating: 0.0/0
    Views: 214 | Added by: Вељанко
    Total comments: 0
    Only registered users can add comments.
    [ Sign Up | Login ]
    Copyright Празнина која сјае © 2024