Резултатите на истражувањето, кое го спровеле Светската независна мрежа и американската агенција Галуп, покажале дека антиамериканското расположение е присутно не само во земјите што им се спротивставуваат на САД, туку и во земјите-партнери во рамките на НАТО, како Турција и Грција, пренесува Раша тудеј.
Дури 24 отсто од анкетираните во 68 земји сметаат дека САД претставувале најголема опасност за мирот во светот во изминатата година, додека втора земја од тој аспект е Пакистан, со осум отсто од гласовите, а Кина со шест отсто е на третото место.
На четвртото место се Авганистан, Иран, Израел и Северна Кореја, бидејќи пет отсто од анкетираните сметаат дека овие земји претставуваат најголема закана.
Истражувањето покажало дека САД биле сметани за најголема опасност по мирот не само на Блискиот Исток и на северот на Африка, области погодени од американските воени интервенции, туку и во самата Америка, каде такво мислење имаат дури 13 отсто од граѓаните.
Истовремено, истражувањето испитувало и во која земја луѓето најмногу би сакале да живеат кога за тоа не би постоеле никакви пречки, а на врвот на листата, изненадувачки, повторно се нашле САД, каде што би сакале да живеат девет отсто од анкетираните.
(МКД)
2 јануари 2014