|
KОРУПЦИЈАТА Е ЕВРОПСКИ АЖДЕР
KОРУПЦИЈАТА Е ЕВРОПСКИ АЖДЕР Првиот сеопфатен извештај за состојбата со корупцијата во 28. земји-членки на Европската Унија одекна како гром и тоа глобално - годишно корупцијата ја чини Унијата 120 милијарди евра! Еврокомесарката за внатрешни прашања Сесилија Малмсром, која го презентира извештајот во понеделникот, ќе рече дека тоа е износ рамен на годишниот буџет на ЕУ. Една нигериска новинска агенција ќе ја пренесе веста како ударна, што само по себе кажува многу во која насока се движи „европскиот дух". Европа падна на првиот критериум, кој нам ни го тријат од глава со години. Зборовите на посветената комесарка Сесилија ќе треба да се запаметат: во Европа денеска нема место отпорно на корупција. Некаде повеќе, некаде помалку. Но и земјите од северот, кои речиси и да не знаеле што е тоа корупција, денеска го одгледуваат во дворовите ова миризливо, но отровно цвеќе. Сепак, во извештајот паѓа в очи дека корупцијата најмногу вирее на југот од Европа, каде што веројатно можеме да зборуваме за ендемска корупција. Еден грчки политички аналитичар, пак, им враќа на северњаците, со тезата дека она што тие го викаат „услуги" на југот на Европа (значи и кај нас во Македонија) се вика „корупција".
Европската комисија уште пред две години зацрта план за борба со корупцијата, но се чини антикоруптивните мерки зацртани во Стокхолмскиот план не даваат добри резултати. Сега ќе треба да чекаме на новиот извештај, исто така по две години, но можете да се обложите дека резултатите нема многу да се подобрат. И кога зборуваме за корупција, па и за кај нас во Македонија, не мислиме само на оние ситни подароци што по навика им ги даваме на лекарите, ѕидарите, молерите, касапите за некоја услуга, туку за систем на поткуп тежок милиони и милиони евра. Станува збор за „лепење" пари на парламентарци, па дури и премиери, за да протуркаат некои закони (лобирање е совршен еуфемизам), да се добие тендер, да се добие изградба на некој автопат, или да се пробие некој лек на пазарот. Нашиот песимизам го основаме и затоа што битката за да се освои дел од тие испарени 120 милијарди е битка со невидливиот аждер. На пример, група германски новинари се изненадиле кога во својата истражувачка сторија откриле дека стотици и стотици германски фирми се регистрирани на една адреса во едно мало гратче во Америка или дека најбогатите компании летаат со приватни авиони регистрирани на Девствените Острови. Зарем мислите дека владите ќе ги уловат тие крупни ајкули?! Полесно е да се каже крадецот е на југот на Европа. Ако ова треба да биде парадгимата на европеизацијата и за европскиот пазар како совршенство, тогаш Европејците треба да кажат гласно - не благодарам! Христо Ивановски (Дневник) 6 февруари 2014
|
|
Views: 183
| Added by: Вељанко
|
|
|