Авион на турската авиокомпанија „Пегасус", што полетал од Харков, во Украина, вечерва бил принуден од турските военовоздухопловни сили да се приземји во Истанбул по обидот за негово киднапирање од страна на украински патник, пренесоа турските медиуми.
Според непотврдени информации од турските медиуми, украинскиот патник се заканил дека ќе активира бомба доколку авионот, со 110 патници, не се насочи кон рускиот град Сочи, каде вечерва се отвораат Зимските олимписки игри.
Турското Министерство за транспорт во соопштение ја потврди информацијата за инцидентот.
Патникот се обидел да ја искрши вратата што пилотската кабина ја одделува од останатиот дел на авионот, наведуваат медиумите. По алармот даден од пилотот, турските военовоздухопловни сили наредиле итно полетување на авион ловец Ф-16 , што го придружувал авионот на компанијата „Пегасус" до Истанбул.
Авионот вечерва во 18:02 часот по локлано време се приземјил на аеродромот „Сабиха Ѓукчен" во азискиот дел на Истанбул и бил опкружен од силите на редот. Екипи на полицијата за борба со тероризмот го проверуваат авионот и извршуваат проверка на патниците.
Се смета дека патникот, кој ја упатил заканата со активирање бомба, консумирал алкохол. Екипажот, меѓутоа, успеал да го смири и да го убеди да дозволи авионот „Боинг 737-800", да се приземји во Истанбул, соопштија турските медиуми.