|
НАТО е пред најсериозното искушение во својата историја (1дел)
НАТО е пред најсериозното искушение во својата историјаЦелосно е јасно дека Русија повеќе не е онаа истата од 1991 година. Во последниот, т.н. украински случај оваа и сегашна Русија очигледно нема да дозволи со етничките Руси да се случи она што се случи со Русите во прибалтичките републики, но и во преостанатите поранешни советски републики што почнаа да го негираат сето она што го проживеале заедно со Русите во составот на поранешната заедничка државаУКРАИНА МЕЃУ ЗАПАДОТ И ИСТОКОТ
Многу индикатори изминативе години укажаа дека Русија сѐ порешително ќе ја брани својата традиционална сфера на влијание. Гледано од нивен агол, тоа е историска, традиционална сфера на влијание. Тоа е просторот што некогаш бил контролиран од царска Русија и подоцна Советскиот Сојуз. Но по малку е недипломатски и можеби дрско таквиот став да се внесе во документите на една држава, па се користат еуфемизми и се зборува за партнерски земји од окружувањето, односно од Заедницата на независни држави.
Но целосно е јасно дека Русија повеќе не е онаа истата од 1991 година. Во последниот, т.н. украински случај оваа и сегашна Русија очигледно нема да дозволи со етничките Руси да се случи она што се случи со Русите во прибалтичките републики, но и во преостанатите поранешни советски републики што почнаа да го негираат сето она што го проживеале заедно со Русите во составот на поранешната заедничка држава.
Демонстранти на Крим поставуваат руско знаме
Имајќи ги предвид сите овие информации, во овој момент и во врска со т.н. украински случај, Русија испраќа јасен сигнал - подготвена е да ги брани националните интереси. Бидејќи оваа порака е многу јасна, се поставува прашањето колку Украина или новокомпонираните украински власти треба да се плашат од руска интервенција. Колку е легитимно ова прашање толку е легитимен и одговорот - за кои всушност власти станува збор. Кои се во моментот украинските власти или институции што се легитимни носители на власта?
РУСКА ИНТЕРВЕНЦИЈА?
Меѓународната заедница или поточно кажано меѓународната јавност, се разбира, со исклучоци, сега воопшто не е сигурна што всушност се случува во Украина и кој всушност сега ја има власта. Секако дека за Русите би било многу побезопасно доколку се продолжи со ваквата дипломатско-политичко-безбедносна игра што трае изминативе дваесетина години. Тоа е игра на топло-ладно, со одвреме-навреме ослободување на украинскиот национализам на површина, па потоа повторно негово придушување. Русите секако имаат придобивки од таквата игра. Добија на време - за освестување, но и на простор - за маневар, надвор од матичната држава. Практично, Русија имаше многу веродостојна и доверлива тампон-зона, една територија што државата ја раздвојува од влијанието на Западот. Истовремено, Русија можеше да гради партнерски врски кон НАТО и тоа и го направи. Понатаму, можеше да воспоставува некои нормални или уште поблиски односи со силите од Европа, кои пред сѐ ја препознаваат како партнер. Првенствено станува збор за Германија, па и Франција, на кои и Русија им е потребна како таква, како сојузничка земја.
Руската црноморска флота во Севастопол на Крим
Во овој момент очигледно ќе дојде до исклучително сериозно преиспитување, што всушност е иднината: дали Русија ќе мора да ги радикализира своите постапки и дали може да се замисли сценарио во кое Украина во иднина ќе може да биде земја што ќе се движи во баланс (како целовит, државен ентитет), односно ќе се расцепи помеѓу влијанието на западниот дел на земјата и украинскиот новокомпониран национализам или, пак, ќе се обиде да гради нови пријателски врски со „големата мечка".
АЛИЈАНСАТА ВО ЌОР-СОКАК
Од друга страна е прашањето за НАТО. Како во моментов ќе реагира НАТО? Кога беше во прашање Грузија во 2008 година, НАТО се држеше настрана. Во моментов сѐ уште нема цврст став или уште помалку има реакција. Се чувствува дека НАТО се двоуми. Дали е тоа прашање на неодлучност поради неподготвеност или нерешителност поради тактичност? Всушност, во таквата матрица генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмунсен, изјави дека нема цврсти докази дека ќе има руска интервенција во Украина. Навистина ли? Колку е тоа веројатно при воени маневри на руската војска на својата западна граница, при подигнување на воената готовност на дел од руската авијација и на руската црноморска флота, па дури и во присуство на руски оклопни транспортери со боева муниција во Севастопол?
Сега НАТО е пред најсериозното историско искушение. Кога беше создаден Северноатлантскиот сојуз, ситуацијата беше релативно едноставна. Поедноставно кажано, тоа беше американска воена испостава, во која војската на вујко Сем беше и остана доминантна. Исто така, во Студената војна ситуацијата стратегиски беше едноставна - имаше противници и од едната и од другата страна на Железната завеса. Но затоа изминативе две и пол децении НАТО имаше и сѐ уште има големи проблеми да ја дефинира својата улога, а особено по 1991 година. Украинскиот случај дојде како ќор-сокак во еволуцијата на НАТО.
|
|
|
|
Views: 166
| Added by: Вељанко
|
|
|