|
НАТО е пред најсериозното искушение во својата историја(2дел)
НАТО е пред најсериозното искушение во својата историјаМОЖНО Е СЕКОЕ СЦЕНАРИО
Најпесимистичко сценарио за развој на настаните во Украина би било исклучително сериозна глобална безбедносна криза за време на живеењето на оваа генерација, која е современик на овој тек на настаните, што ги следи во живо.
Некако влезе во рутина 1991 година, со сите непредвидливости по распадот на источниот блок, кога се транзитираше и се преживеа низ процесот на создавањето на новите држави. Сега има ситуација во која секое сценарио е можно, каде што НАТО ќе мора многу внимателно да ја одмерува секоја изјава на своите официјални лица, а уште повеќе да внимава на зафатите и на акциите што ќе ги презема на дипломатски и особено на воен план. Украина не е Србија - ниту за НАТО ниту за Русија. Украина е многу, многу поголем залак.
Јазични поделби во Украина
Украинскиот јазик е службен јазик на Украина, кој го зборуваат 65-70 отсто од населението. Во земјата масовно се зборува и рускиот јазик, кој е мајчин јазик на голем број Украинци, особено во источните и во јужните делови, како Крим, каде што етничките Руси се мнозинство.
Политички поделби во Украина
На претседателските избори во 2010 година, прорускиот кандидат и бивш премиер Виктор Јанукович извојува победа над премиерката Јулија Тимошенко. Јанукович обезбеди силна поддршка во источните делови на земјата, додека Тимошенко доби поддршка од западните делови.
Реакции за ситуацијата во Украина
Андерс Фог Расмусен, генерален секретар на НАТО: Немам информации што би укажувале дека воените маневри на руската војска по должината на границата со Украина се закануваат да се претворат во интервенција. Временското совпаѓање на движењето на руските сили со инцидентите на Крим не помага и не придонесува за смирување на состојбата.
Барак Обама, претседател на САД: Ќе има последици за Украина ако продолжи насилството во земјата. Треба да се гарантира дека воени сили нема да интервенираат во ситуацијата ако можат да ја решат цивили.
Џон Кери, шеф на американската дипломатија: САД ја поддржуваат преодната влада во Киев што ќе ја води земјата до изборите во мај. Сега сите треба да се вратиме чекор назад и да избегнуваме какви било провокации. Русија треба да им се придружи на САД и на сојузниците и да помогне во стабилизацијата на Украина.
Владимир Путин, претседател на Русија: Руската влада да ги продолжи контактите со партнерите во Киев и да работи со меѓународните тела за обезбедување финансиска помош за Украина. Властите на Крим побараа хуманитарна помош и на руската влада ѝ наложив да го разгледа барањето, вклучувајќи ја и опцијата, руските региони да обезбедат помош.
Виктор Јанукович, избран претседател на Украина: Никој не ме собори. Морав да ја напуштам Украина поради директната закана по мојот живот и животот на моето семејство. Крим мора да остане дел од Украина со широка автономија. Нема да барам воена помош од Русија.
| | | | Автор: Екипа на „Нова Македонија" / nm@novamakedonija.com.mk | Фотографија: Ека за „Нова Македонија" |
| | (Нова Македонија) 2 март 2014 |
|
|
Views: 219
| Added by: Вељанко
|
|
|