Украина го отвори патот на стратегијата на „Првиот удар" Не попусто се рекло дека за да се планира иднината, уште денес треба да се потсетите на минатото. Украина, според оваа поговорка, веќе ја загуби сопствената иднина, ама и Европа веќе влезе во зоната на неизвесноста. Портокаловата во 2004-та и сегашнава кафеава револуција (бојата ја истакнува неонацистичката милитантна компонента), двете организирани и раководени и финансирани од Америка и Полска, Германија и Велика Британија, а во изведба на милитантни радикали и НВО-сектор финансиран од Вашингтон, ги осветлија геополитичките димензии на настаните.
Европа и овој пат не успеа да му побегне на минатото. Како што Полска и Чешка беа избрани за повод и причина за Втората светска војна, а Сараево ја катапултира Првата светска војна, сега Украина го отвори патот на стратегијата на „Првиот удар", што е друго име за трета светска војна, која се води за планетарна превласт. САД одамна се подготвуваат за ова сценарио. Не случајно на границите со Русија го разместуваат својот одбранбен штит. Не случајно НАТО постојано „се шири" со нови членки и не случајно сѐ уште постои, иако на другата страна нема воен сојуз со такви димензии. Украинската „револуција" без дилеми значи дека Западот заигра руски рулет, ама со нуклеарни куршуми. Можеби затоа многу сериозни аналитичари, освен загриженоста за насоката во која тргна „посебната" Америка, редовно истакнуваат дека Кремљ мора да ечел од смеење во деновите кога Нуланд и Меккејн ја бодреа „револуцијата". Оти „ладната проба" со несреќниот Михаил Саакашвили и Грузија заврши со руска воена интервенција и трајни корекции на границите на оваа држава на нејзина штета. Како што гледаме, силни се индициите дека истото тоа ќе се случи и со Украина. Новото што го донесе ова наше време е податокот дека Москва подготвено и мотивирано ја дочекува операцијава. Пораката од Москва беше испратена во вид на тазе исцртана карта на најновата Европа, во која практично нема држава на која не ѝ се изменети границите. А, фала му на бога, Европа врие од незадоволни сепаратисти со богато историско сеќавање на сопственото несреќно минато.
Обама остана без повик
Откако минатиот петок го свика рускиот совет за безбедност и потоа заклучоците од состанокот телефонски им ги соопшти на Ангела Меркел и на Дејвид Камерон (значи не и на Обама), Владимир Путин веќе не зборува. Дејствува. Обидите на американскиот секретар за надворешни работи Џон Кери, на редовно отсутниот, а сега разбуден секретар на НАТО, Расмусен, со своите предупредувачки изјави за воздржаност да испровоцираат одговор лично од Путин, беа безуспешни. Наместо тоа, Кремљ им испрати слики, кои, нели, заменуваат илјадници зборови. Прогласи вежбовни активности на армијата на европските граници. Ги напрчи воените воздухоплови, ги развеа руските државни знамиња на кримските институции, а за мајтап, во источна и јужна Украина како морална поддршка им пушти руски пандан на Кличко и сега ладнокрвно го чека референдумот за автономија, односно отцепување на Крим од Галиција. За почеток на втората третина од натпреварот.
Операцијата „Дранг нах остен" што САД ја почнаа во Украина е продолжение на неуспешниот поход на Хитлер, ама оние отаде Атлантикот арогантно упорно го тераат сценариото што Русија ја чинеше 20 милиони жртви. Токму тој факт е непобитен доказ дека Москва и овој пат е подготвена и мотивирана на игра докрај, а за која не само САД туку ниту една западна држава нема ни капацитет ни ресурси за да ја издржи.
Па оттаму и прашањето зошто САД сега и вака се впуштаат во самоубиствена авантура. Како што рековме, стратегијата е стара еден век. Не сметајќи го тука сонот на Наполеон да ја освои огромната руска територија. Се работи за борба за планетарна супремација за која Збигњев Бжежински има напишано дека зависи од тоа дали Америка има капацитет да ја пресретне противничката сила на евроазиската копнена маса. Да не заборавиме, на тоа огромно копно живеат речиси четири милијарди луѓе.
|
|