Нуклеарен руски рулет на европско тло
Стратегиска предност - чиста нула
Тоа што не им успеа на Наполеон и Хитлер, на Буш во 2004 и 2008 година, очигледно некој во Вашингтон мисли дека може да успее денес. Што е фарсична заблуда со митски димензии. Западот е во цајтнот по две основи. Економскиот систем не произведува повеќе добивка. Пари се нема, па за системот да се нахрани му требаат нови територии што не се под негова управа. Пљачка е во прашање, а не човекови права и борба за демократија. Сојузници на планерите им се неонацистички украински банди или издрогирани верски фанатици како во Либија и Сирија. Пленот се нечија територија, во случајов украинската со ресурсите, и евтината работна сила на која претендира првенствено Германија како прв сосед. Но институтот „Стратфор", кој патем учествува во креирањето на стратегијата за поход на исток, ни открива дека Западот планира да го претвори украинскиот „успех" во широка регионална кампања, што значи дека се атакува на руската периферија и на Балканот. Дека „предвидувањата" на Фридман се повеќе од визија на даровит аналитичар говори податокот дека токму сега во Вашингтон е грузиска државна делегација на чело со премиерот Иракли Гарибашвили, кој ќе биде примен од Обама, Бајден и Кери, а според најавите денеска во Америка на „сослушување" оди и премиерот на Молдавија, Јури Леанка. И „Карнеги институтот за мир" најавува можност за натамошен извоз на револуции на границите на Русија или во зоните што се нејзин интерес.
Ама учинокот од оваа изрежирана криза на генетички модифицираната американска политика е никаков. Стратегиската предност, поради и која почнува најновата шаховска партија, и во квантитет и во квалитет е чиста нула. На новородените НАТО-бази во граничниот појас со Русија, рускиот одговор беше поставување одбранбен пресретнувачко-неутрализаторски ем мобилен ракетен штит со разместување на страшните и ефикасни ракети „искандер". Освен што го истакна податокот дека Западот не прифаќа крај на Студената војна и оној дека нуклеарната програма на Иран била фабрикувана причина за поставување ракетен штит на европско тло, и тоа на границите со Русија, ги потврди пророчките зборови на Хелмут Кол дека Америка е џин со бебешка памет.
Русија се позиционира за продолжение на партијата „Прв удар". Ја применува тактиката на Кутузов. Чека Американците и, пред сѐ, Европејците да ги фати руска зима, што редовно води до нивен колосален пораз. На пример, се подготвува ургентно да купи украински еврообврзници за 2 милијарди долари и да ги „лапне" источниот и јужниот дел од Украина, каде што и се сместени индустриските капацитети. А западот на некогашната Украина со задоволство ќе ѝ го препушти на менаџирање на домашната мафија плус неонацистичките банди без европски пасоши и на соседите од ЕУ.
Некој ќе праша каде е тука ЕУ. Што прави или што може да прави овој ексклузивен државен клуб, кој, и по две светски војни, влезе во стапица како неопитен глушец? Одговорот е ама баш ништо. Што на светот веќе му го соопшти и Викторија Нуланд. Или, како што велат во Вашингтон, ЕУ не е заедница на полнокрвни држави туку анекс на НАТО. А НАТО е деташирана канцеларија на Пентагон во која државите-членки уплаќаат рекет за својата безбедност.
Како и да е, по Првата светска војна се распаднаа две империи: Австроунгарската и Турската. По Втората светска војна пропадна Британската Империја. По оваа што страсно се трудат да ја почнат САД со своите сојузници, светот ќе изгледа сосема различно.
Марионетките инсталирани од САД се соочуваат со реалноста Победниците во кафеавата револуција, марионетките што ги инсталира Америка во Украина, сега се соочени со реалноста. Украина е банкрот-држава. САД, нивниот спонзор, немаат ниту намера а камоли можност да платат 35 милијарди долари за да ја спасуваат. Не се ни во политичка ни во финансиска кондиција. ММФ како испостава под нивна контрола исто така не е во позиција да истресе толку пари. Ќе понуди реформски пакет што е практично неостварлив во сегашни услови, а без проруските региони, кои пак не се под контрола на Киев и новата власт на Клич и Арсениј. Брзо ќе се види дека на Америка ѝ биле важни само капацитетите што можат да се оплодат како капитал. На пример јагленот, обработливата земја и индустриските комплекси, кои за белја сите се на истокот. Сѐ на сѐ, марионеткиве на Нуланд ја прокоцкаа шансата од 21 февруари, кога во очај Брисел реши да дејствува рационално и самоспасувачки, па испреговара со тогаш уште постојната украинска влада план за излез од кризата. Но, чудесно, токму во тие 12 часа ситуацијата во Киев се радикализира до таа мера и под директно раководство од Вашингтон, што обидот за спас и на Европа и на Украина пропадна.
Германско искуство со освојување на Украина
Интересно е однесувањето на Германија денес, особено што таа има директно искуство со освојувањето на Украина во два наврати, во 1918 и 1941 година, и двата завршени со срамен колосален пораз. Германија, односно владата на Меркел, меѓутоа покажува дека зборовите на бившиот канцелар Кол не се однесуваат само на новата империја отаде Атлантикот. И старите и „мудри" европски држави со богато стресно минато изродиле потомци џуџиња со пилешки мозок. Конкретно Германија, која единствена во Европа има функционална економија, ја поддржа украинската неонацистичка кафеава револуција само заради профит. Односно, Германија се надеваше дека ќе може да ја експлоатира Украина преку евтината работна сила. Таа сега е поевтина дури и од кинеската. Саатницата на украинските работници е 2,5 евра. Кинеската денес изнесува 3,17 евра. Во Полска е 6,46 евра, во грогираната Шпанија за оние што уште работат е 21,88 евро, додека во потентната Германија е 35,66 евра. Може да се замисли само каков „мајдан" виделе на Маиданот во Киев германските „инвеститори". Но како што редовно бива во животот, и овде домашните сметки не се совпаѓаат со оние на пазарот. Изгледа овој пат сѐ што ќе добијат и Германија и остатокот од ЕУ е навалица на украински иселеници квалификувани за играње на шипки по баровите и баеги вооружени гангстери со нацистички светоглед.
Руската војска на Крим, Украинците мобилизирани
Украинскиот премиер Арсенија Јаценјук изрази загриженост дека земјата се наоѓа на работ на катастрофа и го повика рускиот претседател Владимир Путин да ја повлече војската од неговата држава. - Ова е црвена тревога. Ова е вистинско објавување војна против мојата земја. Го повикуваме претседателот Путин да ја повлече војската и да се придржува до меѓународните обврски и до билатералните и мултилатералните договори потпишани меѓу Украина и Русија - рече Јаценјук во Киев. Реакциите настанаа откако горниот дом на рускиот парламент му одобри на претседателот Путин користење на војската за да се заштитат етничките Руси во Украина. Киев на тоа одговори со мобилизација на резервниот состав на армијата. Според информации што ги пренесуваат странските медиуми, руските специјални единици во текот на вчерашниот ден навлегле на територија на Украина и под своја контрола ги имале сите витални точки на Крим, додека еден конвој камиони полн со војници бил упатен кон главниот град на полуостровот, Симферопол.
| |