Ситуацијата во Украина, според Алексеј Пушков, е крајно невообичаена бидејќи најголемиот дел од населението одбива да ја признае актуелната влада и бара заштита од ултранационалистичките трендови.
Пушков, во интервју за агенцијата Интерфакс, изјавил дека Западот не смее да го игнорира фактот дека Киев има малку или воопшто нема контрола врз границите на Украина и дека низ улиците на украинската престолнина патролираат ултрадесничарски пронацистички сили, кои носат кукасти крстови, му се закануваат на неукраинското население и ги повикуваат чеченските терористи да им се приклучат во борбата против Русија.
Тој додал дека западните лидери би требало да признаат дека народот во неколку украински градови одбива да го признае легитимитетот на сегашната влада во Киев, дека руски знамиња се веат во Доњецк, Харков, Мариопол, Меритопол, Симферопол и Одеса, и дека во тие градови се одржуваа масовни протести против властите во Киев.
Пушков истакнал и дека договорот кој на 21 февруари го потпишаа украинскиот претседател Виктор Јанукович, кој во меѓувреме беше симнат од власт, и претставници на опозицијата, во присуство на шефовите на дипломатиите на Франција, Германија и Полска, не е спроведен. „Западот би требало да размисли каква Украина поддржува. Дали владата во Киев, која не е способна да ја контролира состојбата во Украина без примена на сила?", прашал Пушков.
„Западот треба и да одговори на прашањето зошто го признава правото на народот на Косово, на пример, на самоопределување, а истото право им го негира на жителите на Крим при изразувањето на сопствената слободна волја".
(МКД)
3 март 2014