КАРЗАИ ЈА ПОДДРЖА РУСКАТА АНЕКСИЈА НА КРИМ
Официјален Вашингтон ја осуди поддршката што авганистанскиот претседател Хамид Карзаи и ја даде на Москва, за руската анексија на полуостровот Крим.
Карзаи, кој по два претседателски мандати, по изборите во Авганистан, закажани за идниот месец, се повлекува од функцијата, претходно изрази разбирање и поддршка за руската интервенција во Украина, несогласувајќи се со американската улога на главен противик на руските потези на украинска територија.
Претставник на Пентагон го критикуваше ваквиот потег на претседателот во заминување, означувајќи го како „бесползен“ и како изјава која „не помага“ во сегашната ситуација во Европа.
- Не само САД, туку и нашите партнери во НАТО и целата Алијанса верува дека постапката на Русија претставува насилство врз меѓународните обврски и врз територијалниот интегритет на Украина, рече претставникот на американското Министерство за одбрана.
Во Вашингтон се тврди дека „само малку земји, како Венецуела и Сирија, ја признаа анексијата на Крим“ инсистирајќи дека големо мнозинство од меѓународната заедница го осудува таквиот руски чекор.
Американскиот претставник, го потсетува авганистанскиот претседател, дека Русија во осумдесетите години на 20 век го имаше „окупирано“ и Авганистан, поддржувајќи ја тогашната комунистичка Влада во Кабул.
Карзаи, кој една деценија беше дел од авганистанската политичка сцена, е во судир со САД и со западните држави кои го критикуваат за корупцијата во власта и за „исчезнатите“ милијарди дадени за обнова и развој на оваа средноазиска земја. Тој реагираше со блокирање на потпишувањето на договорот за останување на странските трупи во земјата и по 2014 година.
Засега не се знае дали таков договор, посебно меѓу Вашингтон и Кабул, воопшто ќе биде потпишан, но безбедносни експерти тврдат дека дури и сите сили на НАТО да ја напуштат земјата, на Авганистан и понатаму ќе му требааат странски трупи за гарантирање на неговата безбедност.
(Утрински Весник)
26 март 2014