„Прегор" ново друштво на Македонците во Албанија
Македонците во Албанија формираа уште едно друштво и тоа веќе е регистрирано во Основниот суд во Тирана. Станува збор за друштвото „Прегор" со седиште во Подградец чиј претседател е Петар Шкмби (Спировски), пренесува МИА
-Нашата цел како друштво ќе биде интеграција во институциите на системот во Албанија и зачувување на нашиот македонски идентитет, култура, јазик, фолклор и обичаи во поширокиот регион на Подградец, изјави Шкмби.
Тој најави тесна соработка со огранокот на македонското друштво „Преспа" за Подградец со цел што подобра интеграција на Македонците од ова подрачје во албанското општество.
Во Подградец има голема концентрација на Македонци, дел староседелци, дел доселени од охридско-струшкиот регион, дел од областите Мала Преспа, Голо Брдо и Гора. Доселени Македонци има и од селото Врбник, од околијата Девол, како и од повеќе села од околијата Подградец, како Лин, Тушемиште и други села.
Македонците во Албанија се организирани и во друштвата Преспа", „Илинден", „Мир", „Мед", „Гора" и „Мост".
(Нова Македонија)
10 декември 2о13