МАКЕДОНКА МЕЃУ ПОВРЕДЕНИТЕ ВО ВЕРИЖНИОТ СУДИР ВО СРБИЈА
Македонка е задржана во Ургентниот центар во Белград по повредите што ги добила во двата верижни судира што се случија вчера утрото поради густата магла на автопатот Белград-Загреб.
Во судирот, во кој учествувале 36 возила од Германија, Швајцарија, Македонија и од Бугарија, загинале двајца, а десетици биле повредени.
Државјанка на Македонија, која има 48 години, била згрижена во ортопедско одделение во белградскиот Ургентен центар. Жената имала повреди на пршлените и на колковите.
Во несреќата има и повредени деца, а тројца се во критична состојба, јавуваат српските медиуми.
Во судирот учествувал Македонецот Рахман Идризи, кој од Германија патувал кон Македонија. Тој бил полесно повреден.
-Беше страшно. Луѓето трчаа да помогнат, децата пискаа, а од густата магла не се гледаше прст пред око - изјавил Идризи за српските медиуми.
Автомобилот на Идризи бил меѓу првите во колоната што се судрила.
-Ништо не се гледаше. Возев полека кога пред мене чув силен удар и вресоци. Потоа одеднаш видов автомобил пред мене, се обидов да закочам, но тогаш во мојот автомобил удри друг автомобил и ме исфрли напред - изјавил Идризи.
(Дневник)
22 декември 2013