Бугарија, Словенија, Австрија, Србија, Унгарија и Македонија не го послушаа Брисел
Маја Томиќ
Земјите - членки на ЕУ, но и Србија и Македонија, остануваат во намерата да бидат дел од „Јужен тек" и покрај неодамнешните критики од Брисел, пренесуваат странски агенции. Бугарија веќе се изјасни дека нема да се откаже од проектот. Тоа го потврди деновиве бугарскиот министер за економија и енергетика Драгомир Стојнев, по средбата со комесарот за енергија Гинтер Етингер во Брисел, каде што присуствувале и колеги од земјите од ЕУ што се дел од „Јужен тек". Бугарија, Словенија, Унгарија и Австрија биле согласни дека Комисијата треба да ги води преговорите со руската страна. „Комесарот Етингер треба да ги штити интересите на сите. За Бугарија ова е еден исклучително важен економски проект кој ќе создаде илјадници работни места и ќе придонесе за економскиот раст. Ние нема да се откажеме од него", изјави Стојнев како реакција на неодамнешната препорака на ЕК, да се променат договорите меѓу земјите и Русија, во спротивно дека ќе се соочат со кривични постапки. Причината била дека тие се спротивни на европското законодавство.
Словенечката премиерка Аленка Братушек, исто така, деновиве изјави дека во периодот кога нејзината земја го потпишувала договорот со Русија за „Јужен тек", документот одговарал на законодавството на ЕУ и дека земјата нема намера да се откаже од проектот.
И владата на Србија неодамна се изјасни дека ЕУ и Русија треба да ги решат спорните прашања за „Јужен тек" и дека договорот меѓу Србија и Русија е направен во согласност со српското законодавство.
Министерстворо за економија на Австрија неодамна наведе општа клаузула во билатералниот договор со Русија, според која, законодавството на Австрија секогаш има апсолутен приоритет во споредба со одредбите од Договорот. Иако Австрија веќе даде позитивен одговор за минување на трасата на „Јужен тек" низ нејзина територија, се' уште нема официјален договор со „Газпром".
Исто така и Македонија, како членка на Европската енергетска заедница, која со Русија има спогодба за приклучување со крак, се изјасни дека не се откажува од „Јужен тек". Според изјавата на вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, спорните прашања околу потпишаните договори меѓу земјите и Русија, односно Газпром", треба да се решат низ дијалог меѓу ЕК и Русија.
По сите овие укажувања Европската комисија, како што е познато, реши да им биде адвокат на државите од ЕУ во преговорите со Русија, што треба да почнат во Москва во јануари идната година, по што ќе се знае дали ќе претпрат ревизија потпишаните документи.
Според „Бета", анонимни извори во ЕУ велат дека е чудна реакцијата на ЕК, затоа што договорите за „Јужен тек" не се разликуваат од оние за „Северниот тек", кои Германија ги изгради заедно со Русија.
Со изградбата на „Јужен тек", практично „Газпром" се проширува во Европа. ЕК веќе му даде зелено светло да ја преземе делумно или целосно контролата над неколку компании. „Газпром" ќе ги контролира целосно германските „Vingas" и „WIEH", а делумно холандските „WINZ" и „Vintershell".
„Јужен тек" ќе тргнува од под Црно Море на рускиот брег, до Бургас, Бугарија. Ќе минува низ Бугарија, Србија, Унгарија, Словенија и Италија, а останатите држави ќе се приклучуваат со крак. За Македонија се' уште е неизвесно дали кракот ќе влегува од Србија или од Бугарија, за што треба да се прави дополнителна процена.
(Утрински Весник)
23 декември 2013
|