ГРАДОНАЧАЛНИЧКА ЛЕКЦИЈА
БУТАРИС: СОЛУНЦИТЕ СЕ ОДНЕСУВААТ СЕЛСКИ КОН СВОЈОТ ГРАД
„Не можам да кажам дека сме Европејци. Искомплексирани сме од Атина, а кон својот град се однесуваме селски. Врв за Солун би било народот да може уште да одгледува стока на терасите". Ваков опис и ваква лекција им даде солунскиот градоначалник Јанис Бутарис на своите 800 илјади сограѓани во своето последно интервју во неделникот „Ексосис", кое го пренесува српскиот весник „Блиц".
Бутарис вели дека трагичната судбина на Солун се всушност доселувањата од 60-тите години на минатиот век кога „неградски“ фамилии влегле во градот и кои не само што не се приспособиле на градот, туку ни по толку многу децении с` уште не можат да го сфатат градскиот живот.
-Тоа го донесе провинцискиот менталитет на претходните градски управи, кои системски се расправале со Атина и притоа постојано негодуваа за тоа.
Ривалитетот меѓу Атина и Солун е одразен и во грчкиот Устав, при што Атина е наведена како главен град на Грција, а Солун е наведен како копрестолнина.
- Дури и денес, со илјадници секојдневни проблеми и ќор-сокаци со кои се соочуваме, народот ми забележува што не сме го украсиле градот за Нова година и за Божик. Градската управа нема пари и мислам дека навистина е трагично кога немам пари да одржувам една народна кујна, да се занимавам со лампиони и со елки. Се прашувам како уште има толку многу луѓе на кои им е до панаѓур... а граѓаните може да помогнат ако секој го украси својот балкон или својата канцеларија – вели Бутарис.
Лекции за градски живот и за пристојно однесување солунскиот градоначалник на своите граѓани им дели и за сообраќајниот хаос во грчкото пристаниште. Тој, освен тоа што сака да ја воведе мерката пар-непар при користењето на приватните возила, вели:
-Kрајно време е граѓаните да научат да ги користат градските автобуси, своите велосипеди и своите нозе.
Според него, туризмот е главната стратегија за тоа како да се донесат пари во градот и тоа преку развој на верски и еколошки туризам со искористување на близината на Олимп.
-Голем успех е тоа што во Солун ги доведовме Турците и Израелците што имаат пари... тоа нас не н` чинеше ништо, освен малку труд и тоа што мене ме нарекуваат обожавател на Турците - коментира солунскиот градоначалник.
Впрочем, Бутарис е познат и по тоа што дојде и во посета на Скопје и во името на добрите односи меѓу двата града и развојот на туризмот тој немаше никаков проблем да н` нарекува Македонци. Бутарис е во предизборна кампања за втор мандат за градоначалник на Солун.
(Дневник)
2 јануари 2014