Србија со предлог до Македонија за заеднички дипломатски претставништва!
Србија им нуди на соседните земји воспоставување на заеднички дипломатски претставништва во странство според „скандинавскиот модел", а најблиску до договор се со Македонија и Црна Гора, пишува денеска српскиот весник „Вечерње новости"
Со цел за смалување на трошоците за дипломатската мрежа, Министерството за надворешни работи на Србија понудила во наредните недели на државите од регионот да воспостават заеднички претставништва во странство. За тоа веќе се направени контакти со Скопје, Подгорица, Сараево и Љубљана за дипломатски претставништва во Африка, Азија и Латинска Америка, пишува весникот.
Шефот на дипломатијата Иван Мркиќ за „Новости" изјавил дека годинава можело да биде постигнат договор.
-Најблиску до договор сме со Македонија и Црна Гора. Продолжуваме со плановите за ширење на дипломатската мрежа, а ќе им понудиме на оние кои се заинтересирани да ни се придружат. Тоа ќе ги намали трошоците, но и ќе го зголеми регионалното влијание во земјите во многу делови во светот, објаснил тој.
Скандинавскиот модел се покажа како успешен и Мркиќ го наведува примерот на Токио, каде во една зграда се сместени дипломатските служби на повеќе од 15 земји од Латинска Америка.
(Нова Македонија)
4 јануари 2013