Познатиот професор од Факултетот за политички науки во Белград, Предраг Симиќ, вели дека само партии со десна ориентација можат да ги направат големите отстапки Веле Митаноски
Д-р Предраг Симиќ е професор на Факултетот за политички науки од Белград (во два наврати - шеф на Катедрата за меѓународни односи) и угледен дипломат. Тој е поранешен амбасадор на Србија во Париз, а сега се подготвува за дипломатски пат во најмногубројната земја во светот, Кина. Во овој момент, тој е и еден од најдобрите политички аналитичари во Србија. На Правниот факултет „Јустинијана Прима" во Скопје, одржа трибина на тема: „Србија, Балканот и евроинтеграциите", додека во Охрид учествуваше на втората Меѓународна конференцијата за културно наследство, туризам и медиуми. Како гледа професорот Симиќ на евроатлантизмот и перспективите на регионот Западен Балкан, вклучително и на Република Македонија?
- Јас од почетокот бев на становиштето и верував дека Македонија ќе биде првата земја од регионот и земјите на поранешна Југославија што ќе влезе во НАТО. Ја гледав како прва за прием според безбедносните проблеми. Ја гледав како сидро на стабилноста на југот од Балканот. Но, тоа не се случи, иако во меѓувреме Македонија даде најмногу, инвестираше во својот прием, меѓу другото и со учеството во Авганистан. Зошто е тоа така? Причините се и надворешни и внатрешни. На надворешен план, евроатлантизмот минува низ сериозна криза. Процените се дека НАТО се' повеќе ќе се приближува кон ЕУ, а ќе се оддалечува од САД. Од друга страна, самата ЕУ има проблем со своите перспективи, со својата ориентација. Каде оди таа? Многу работи ќе зависат од брзината на економското закрепнување на ЕУ, од надминувањето на најдолгата криза во нејзината историја. Во криза лесно се подлегнува на стереотипи и не случајно тие на нас гледаат како на нова Грција или Португалија. На внатрешен план, Македонија тргна во хомогенизација, но од аспект на избирачкото тело и партиската прагма. Ќе ви кажам само една досетка што скоро ја слушнав во Грција: „Ако сакате да ја научите грчката историја, тогаш појдете во Скопје!?" Јас не сум за тоа да се прават компромиси на сметка на националните интереси, но се покажа дека само партии со десна, да не речам националистичка ориентација, можат да ги направат големите отстапки. Она што му успеа на Вучиќ, не го направија ниту Ѓинѓиќ, ниту Тадиќ.
Една последна анкета покажа дека за Македонците најпосакувани комшии и пријатели се Србите. Србија ги започна преговорите за членство во ЕУ, откако со посредство на Брисел, тргна во средување на односите со Косово. Возможен ли е тој модел и за Македонија?
Со Рамковниот договор од Охрид, Македонија веќе беше модел за разрешување на меѓунационални односи. За мене е изненадувачки што проблемот со името трае толку долго. Имам разбирање за стравувањата кај Македонците. Нема расположение за промена на името. Што би значело тоа Република Македонија да си го промени името? Јас, исто така, би имал проблем, ако, на пример, се бара Србија да си го промени името. Идентитетот на еден народ е многу големо прашање. Проблемот го усложнува и самиот факт што Македонци живеат во сите 4 држави од своето опкружување. Дури и да се преименува во Горна или Северна, не сум сигурен дека проблемот би бил решен. Од друга страна, економската состојба во Грција, исто така, е голем фактор. Предвидувам статус кво состојба на подолг рок.
Во една таква ситуација се поставува прашањето за алтернативите. Не е исклучено да расте евроскептицизмот, особено во Македонија и Србија. Евроентузијастите велат дека Србија конечно го исправи својот курс, по 100 години лутање.
Србија мислеше дека во 1918 година ја направи својата држава и го реши своето национално прашање. По распадот на Југославија, Милошевиќ веруваше дека е тоа само привремено решение и дека ќе се реинкарнира старата градба. Затоа во 1992 година, со Црна Гора, ја правеше СРЈ, како „две очи во една глава". Косово остана во границите на Србија само во телевизиските емисии! Западнавме во една парадоксална ситуација да не знаеме до каде ни се границите и каква земја сме. Што сме ние? Дали се одвоивме или сме остаток од бивша Југославија? Во една пригода го прашав вашиот сега веќе покоен политичар Арбен Џафери: „Арбене, кога ние вистински ќе се помириме?", „Кога вие Србите ќе престанете да бидете гнездо за туѓи јајца", гласеше одговорот. А и не само Србија. Може ли некој прецизно да одговори колку земји има на Балканот? Логиката на разбивањето на Југославија беше да се почне од Словенија и по ред, преку Хрватска, Босна, Косово - после Дејтон, па Македонија. Се мислеше дека по падот на Милошевиќ, ќе дојде крајот, но, очигледно тој крај е одложен. Што се однесува до алтернативите за ЕУ, односно дали Русија и Кина можат да бидат реални опции? Тешко. Единствено може да биде тоа Русија, но само ако заживее замислената евро-азиска унија. Кина е на 7.000 километри од нас, уште и со свои приоритети. Од друга страна, меѓу нас и Русија, сега стојат две земји на НАТО. Јас отворено говорам за слабостите, лутањата, загрозените перспективи на ЕУ. Но, сепак, сметам дека ЕУ засега е единствениот реален геополитички проект. Чисто економски - над 60 проценти од вкупната размена на Србија се одвива со земјите на ЕУ.
Значи ли тоа дека Србија ги реши своите проблеми?
Не само што не ги решила, туку само започнала да ги решава, со многу предизвици и непознаници што ќе следат. Има многу Срби кои живеат надвор од нашите граници, како што има делови од други нации што живеат кај нас. Ние и формално ги започнавме преговорите, но во најзначајното 35. поглавје се односите со Косово, заедно со прашањата од демократизацијата и правото, односно правната држава. Но, кој гарантира дека, попатно, нема да ни стави сопки Унгарија, врзано со Унгарците нас, кои ги има повеќе од 300 илјади. Во 7 општини во Војводина се мнозинство. Војводина е преголема за Србија да се преуреди како федерација. Тука е и интересот на Романија за влашката популација во Тимочка краина, Бугарија, исто така. Како што е бесмислен спорот меѓу Македонија и Грција, за името, исто така, е бесмислено прашањето со тужбите на Хрватска и Србија за геноцид во Хаг. Поради притисокот на јавноста, никој не сака да ги повлече. Во Хрватска национализмот е во неверојатен пораст, дури и самата ХДЗ не може тоа да го држи под контрола. ЕУ не донесе решение, туку работите ги врати назад, затоа што нивните дијагнози и лекови се покажаа неделотворни за многу наши болести.
Како гледате на иницијативата на српскиот шеф на дипломатијата Мркиќ, за дипломатска соработка по скандинавски модел на земјите од поранешна Југославија?
Идејата не е нова. Јас сум умерен оптимист по тоа прашање, единствената пречка е наследството од војните и распаѓањето. На таква соработка работат земјите и дипломатиите од Латинска Америка, од земјите на Магреб. Ќе ви кажам едно искуство, така работевме и ние во Париз, во еден „балкански круг", каде беше и вашиот амбасадор. Нема да верувате, на состаноците доаѓаше дури и словенечкиот амбасадор, како што нема да верувате дека денеска најголемите југоносталгичари се од таа поранешна република, сега членка на ЕУ. Исто како што денеска хрватските историчари најмногу се занимаваат со теми од југословенството. Се согласувам дека е некаква борба помеѓу економското штедење и политичките интереси. Се разбира, не може под ист покрив да сме во Вашингтон, Москва или Брисел, но зошто не во земјите од Африка, Блискиот и Далечниот Исток, земјите од некогашниот неврзан блок? Зошто не би било заедничко огромното здание во Њу Делхи, останато како наследство од големото пријателство на Тито и Нехру. Ова има врска и со се' уште незавршената сукцесија. (Утрински Весник) 27 јануари 2014 |