Полицијата денеска се судри со група демонстранти, кои се обидоа да го пробијат полицискиот кордон пред зградата на Владата на Подгорица, за време на протестите на кои над 300 граѓани бараа смена на власта и оставка на сите пратеници.
Група демонстранти фрлале со камења врз полицијата пред зградата на Владата на Црна Гора, на што полицијата одговорила со употреба на солзавец.
Полицијата соопшти дека во судирите со демонстрантите се повредени девет полицајци, од кои еден е потешко.
Според полициското соопштение приведени се 20 демонстранти, меѓу кои и четворица малолетници.
Во судирите се оштетени три полициски возила.
Демонстрантите се растурени откако на местото на протестите се распоредени и припадници на специјалните полициски единици, кои употребиле пендраци и солзавец.
Протестите ги организира Фејсбук групата „Револуција во Црна Гора - сите на улица". Групата од вчера најави дека ќе организира протест пред зградата на црногорскиот Парламент во Подгорица, каде ќе бара смена на актуелната власт, по примерот на настаните во Босна и Херцеговина.
Еден од организаторите на протестот Љубо Варагиќ изјави дека доста од пљачкање на Црна Гора и дека е време за промени. - Сакаме да работиме и живееме. Бараме Владата на Црна Гора и сите пратеници да поднесат оставка, истакна тој.
Демонстрантите за време на протестот извикуваа пароли „Крадци", „Сакаме оставки" и „Промени".
(Нова Македонија)
15 февруари 2014