(ФОТО) ТРИ ПРЕТСТАВИ НА ФЕСТИВАЛОТ НА КУКЛЕН ТЕАТАР
Второто издание на меѓународниот фестивал за куклен театар „Фенер" ќе се одржи од 29 ноември до 1 декември. Фестивалот го организира „Буден театар", во соработка со Македонскиот народен театар.
Отворањето ќе биде со претставата „Палечка малечка" на „Буден театар", што ќе биде изведена во клубот „Менада". Станува збор за своевидна претстава–прошетка, во која децата заедно со актерите се движат низ разни пунктови за игра, поставени во инспиративниот амбиент на кафулето „Менада" во Старата скопска чаршија.
Претставата е инспирирана од познатата Андерсенова приказна, но е авторско дело на актерката и режисер Милиана Ленак. Ќе биде изведена два пати.
На сцената на театарот „Центар", ќе гостува Државниот куклен театар од Варна со претставата „Приказна за дрвото што пее" и унгарскиот театар „Штурче" со претставата „Копче".
Викендов во фоајето на МНТ ќе се одржат креативни работилници на кои децата ќе можат да создаваат фенерчиња, костим и маски. Иницијативата да се формира фестивал за куклен театар произлезе од потребата да се подигне квантитетот и квалитетот на културната понуда наменета за најмладата публика.
Фестивалот го поддржува Советот на град Скопје и Бугарскиот културен центар.
(Дневник)
25 ноември 2013