Реномираната германска издавачка куќа „ДТВ" („Германска џебна книга") го објави деновиве романот на Влада Урошевиќ „Мојата роднина Емилија".
Преводот е на Бенјамин Лангер, соопштија од „Магор". Книгата е објавена во едицијата „Премиум" во која се објавуваат автори кои за првпат се јавуваат со книга што го носи знакот на издавачката куќа од Минхен. Особеноста на делото издавачот ја изразува како „чудо оддалечено од нас само со еден замав на крилото".
На задната корица, како препорака за книгата, романсиерката Елке Шмитер пишува: „Влада Урошевиќ е една од оние личности за кои тешко можеме да замислиме дека навистина постојат, бидејќи покрај нив имаат поминато сите рефлектори на 20 век: космополит од внатрешноста, академик со свест за традицијата, а истовремено и инвентивен автор, тој е, накратко, граѓанин на светот од Македонија. Со голем обем на дела, тој отсега, па натаму допрва ќе биде откриван".
„Мојата роднина Емилија" во Македонија беше објавен во 1994 година. Овој „роман во осумнаесет раскази" беше објавен на француски јазик во Париз во 2010 година, а го преведе Жана Ангеловска.
(Дневник)
28 ноември 2013