ВАСКО ДУКОВСКИ, КЛАРИНЕТИСТ Кларинетистот Васко Дуковски, кој веќе десет години живее во Њујорк, е гостин на концертот на Македонската филхармонија за нејзиниот јубилеј - 69 години постоење, со премиерна изведба на дело од современиот шпански композитор Оскар Наваро. Дуковски дипломира на престижното музичко училиште „Џулијард" и активно настапува и музицира на сцените во САД и во Европа. Негова пасија е изведбата на современата музика, но со ист жар ја презентира и македонската музичка традиција.
Што ве предизвика да го изберете токму овој концерт за настапот со Македонската филхармонија? - Стариот класичен репертоар за кларинет е пресвирен и комплетно застарен, не е релевантен и доволно атрактивен за модерната публика. Кларинетот како инструмент толку многу еволуираше во последниве 20 години, па затоа не треба да се претставува преку „стариот" познат звук. Концертот на Оскар Наваро е нешто поинакво, комбинација од различни стилови, во него доминира модерен звук, кој е многу поблизок до рафинираното уво на современата публика. Во него има многу драма, мистерија, простор за фантазирање и креативност, а и слобода за уметничко изразување.
Класичното музичко образование го заокруживте на престижната школа „Џулијард" во Њујорк. Тоа не ве ограничи да се фокусирате само на класиката, напротив, како што и самиот велите, не гледате граници во музиката и нејзините стилови. Ве задушуваат ли како изведувач однапред зададените параметри во класичната музика? - Однапред зададените параметри во класичната музика не ме задушуваат, но тие, за жал, се виновни што 90 отсто од класичните музичари денес се евтина копија на постарите мајстори, кои всушност биле вистинските уметници за мене. Тие имале препознатлив стил, уникатна естетика, имале свое јас и свој глас. Во секој стил на музика постојат одредени правила и форма, но тоа не значи дека не можат да се изменат и да се одбегнат во одредени ситуации.
Вашите афинитети ротираат околу современата, нова музика. Со што ве привлекува оваа музика? Дали естетиката на современата музика повеќе му одговара на вашиот сензибилитет? - Не знам дали би ја нарекол современа, но со сигурност би ја нарекол музика од нашето време. Има период во животот кога еден човек што се занимава со музика или генерално со која било уметност треба да реши дали ќе биде уметник или не. Дали неговата уметност ќе биде релевантна во сегашно, а не во минато време. Музиката, како и сите други уметности, треба да оди напред, да се развива и да се истражува. Звукот како основен сегмент на музиката се менува заедно со светот и навистина е жално во 21 век, векот на најголемите иновации, да се изведуваат само дела од старите мајстори и луѓето да мислат дека денес нема композитори од рангот на Бах, Моцарт, Бетовен. Има многу добри современи композитори и наша одговорност како млади музичари е да ја изведуваме нивната музиката и да ги инспирираме да пишуваат за нас. Во секое музичко училиште во светот се учат само животот и делото на старите мајстори. Генијалните композитори од денешницата целосно се маргинализирани и малку музичари ја изведуваат нивната музика.
Вие сте и неуморен промотор на македонската музичка традиција во САД. Кој сегмент од нашата традиционална музика ве привлекува најмногу? - Многу е тешко да кажам кој сегмент од нашата традиционална музика најмногу ме привлекува, има толку многу различни стилови на музика и во секој стил има нешто несекојдневно, специјално, убаво. Но во секој случај, старите македонски танци за мене се нашето најскапоцено музичко богатство. Секое наше оро има приказна, порака и значење.
Веќе десет години живеете во Њујорк. Претпоставувам дека не е лесно да се избориш за статус во град во кој важат највисоките стандарди за успешност и во кој има безмилосна конкуренција. Крут ли е овој град кон младите музичари, какво е вашето искуство? - Њујорк е многу интересно место, всушност, тоа е град во кој живее целиот свет. Темпото и ритамот на живот се премногу брзи, и тоа само по себе не дозволува, а и не остава простор за непотребни работи и лаги. Кога станува збор за музиката, сурово е, се бориш со ајкули и со лавови истовремено, треба да си добар и под вода, а и во пустина. Ако не си способен да се бориш со нив, ќе те изедат. | |