Триесетина реномирани ликовни уметници од Македонија ќе учествуваат на изложбата „Ова е Валтер", која денеска ќе биде отворена во галеријата „Прима центар Берлин". Некои од нив живеат и работат во земјава, другите се по светов, но ќе се обединат заедно со уште 60 колеги од поранешните југословенски простори за да изложат уметност. Свои дела ќе изложат Kонстантин Танчев-Динка, Денис Тенев, Игор Тошевски, Новица Трајковски, Атанас Ботев, Симонида Филипова-Kитановска, Илина Арсова, Мирослав Масин, Тодорче Атанасов од Љубљана, Ана Матовска од Берлин, Ирена Паскали од Kелн, Славчо Соколовски кој живее и работи во Бостон.
Југоносталгијата не е причина за оваа изложба, вели уметникот и куратор Јован Балов, основач на „Прима центер Берлин", кој долго време живее во германската метропола. Тој објаснува дека галеријата е членка на берлинското уметничко здружението „Kолони Вединг". Традиција е секој последен петок во месецот истовремено да се отвораат изложбите во сите галерии-членки на здружението.
- Пред седум месеци со хрватскиот сликар Бојан Хочевар седевме покрај реката Шпре, пиевме пиво и ја планирав програмата за 2013 година. Видовме дека во ноември токму на 29 петок почнува артистичкиот викенд „Kолони". Датумот почна да буди сеќавања од минатото. По краток разговор ја препознавме идејата и си рековме ајде да направиме нешто што ќе биде надвор од официјалната програма на „Прима центар", да направиме добра забава за Денот на Републиката и така почнавме да го играме „Валтер" во Берлин. Идејата не беше да наведе на некаква југоносталгија. Ги дефиниравме условите: учесниците да имаат корени од некогашна Југославија, да нема порнографија, без насилство и национални и верски навредувања - раскажува Балов.
Огромен одѕив од уметниците
Тие решиле да не дефинираат теми, туку со либерален пристап, преку слободен избор сакале да прикажат една нефалсификувана и мултиетничка слика, поврзаност, доживувања, мечтаењата и сеќавањата на едно време кое можеби било дел од детството и младоста на учесниците, а можеби и само пренесена приказна, сеќавање на една земја која повеќе не постои. „Ова е Валтер" (наслов кој асоцира на псевдонимот на Тито позајмен од познатата марка германски револвер и филмот „Валтер го брани Сараево" на Хајрудин Kрвавац од 1972 година) е проект кој се развивал неочекувано и непосредно. Преку социјалните мрежи ги поканиле колегите и пријатели-кретивци да учествуваат во акцијата.
- Имавме само потреба една позитивна, весела и пријателска мисла да споделиме со многу луѓе што се чувствуваат изгубено во туѓина. Големо изненадување беше одѕивот на уметниците што живеат во новите држави. Бројот на учесниците кои се јавија до истекот на повикот е 87, а тој број расте. Во моментот с` уште не се знае колку точно автори ќе бидат застапени на крајот - вели тој.
Од Македонија ќе учествуваат триесетина автори, речиси сите реномирани ликовни уметници од различни генерации. Некои од нив специјално продуцирале дело за оваа изложба, а некои се вклучиле со дела кои неодамна ги излагале во „Прима центар Берлин".
- Некои пратија дела што ја чекале вистинската шанса да бидат покажани, некои беа сериозни, некои ги искористија делата што пред многу години ги оставиле во депото на галеријата, некои јас ги вклучив затоа што се дел од моето минато. Некои едноставно одлучија добро да се журкаат, па го направија своето прво дело во животот - раскажува Балов.
Берлин финансира с`
Изложбата е закажана во Берлин, градот на уметноста и културата и оваа акција веќе предизвикува големи реакции во тамошната јавност. Целосниот проект, подготовката на изложбата, прес-материјалот, поканите, галериските трошоци, хонорарите за соработниците, се финансирани од градот Берлин, и поддржани од Берлинскиот сенат за култура, Социјален град Берлин, Општината Берлин/Центар, Фондот на Европската Унија.
- Двајца германските новинари, Рудигер Росиг и Силвија Вите го следат настанот и подготвуваат обемни текстови за дневните весници. Режисерот и новинар Славен Бањац ќе сними докуметарец за оваа акција и дружба во главниот град на Германија - објаснува Балов.
Балов долги години е многу активен на релација „Берлин-Скопје". Во изминатите години организирал многу изложби Музејот на современата уметност и во останатите скопски галерии.
Весна И. Илиевска