Фрескописот и иконописот од Македонија во „Византија на Балканот"
На подготовката на книгата работеше интернационален тим од Италија, Русија, Србија и Македонија
Во издание на фондацијата „Христијанска Русија" со седиште во Милано, во Италија е испечатена и објавена книгата-календар „Византија на Балканот" во која значителен дел е посветен на културното наследство на Македонија.
На подготовката на книгата работеше интернационален тим од Италија, Русија, Србија и Македонија. Текстот го напиша познатиот византолог од Москва, проф. д-р Ана Захарова.
-Во книгата-календар вниманието на широката публика во Италија е насочено кон презентација на најзначајните достигнувања во фрескописот и иконописот од Македонија и Србија во периодот од 11 до 14 век, истакнува охридскиот новинар и публицист Стојан Савески, кој учествуваше во подготовката на делото.
Книгата е иницирана од италијанска страна и е печатена во тираж кој ќе овозможи доста масовна популаризација на круцијалните остварувања во уметноста од византискиот период, присутни во многубројните храмови ширум Македонија и во неколкуте музејски збирки.
-Книгата има намена и на календар за следната 2014 година, што значи дека следната година љубителите на уметноста и на културата од Италија ќе имаат можност поблиску да се запознаат со културните и духовни вредности на Македонија, нагласува Савески.
Фондацијата „Христијанска Русија", која е формирана во 1957 година, има развиена публицистичка дејност со цел да ги афирмира високите вредности во уметноста во христијанскиот свет.
(Утрински весник)
2 декември 2013