|
Пред и по „Црниот квадрат“ на Маљевич
Пред и по „Црниот квадрат" на Маљевич
Светот е сцена..
Рускиот музеј во Москва вчера ја отвори изложбата посветена на двете етапи на творештвото на Казимир Маљевич - пред и по „Црниот квадрат", славното дело од 1915 година со кое почнува историјата на супрематизмот како движење. Изложбата „Казимир Маљевич. До и по квадратот" опфаќа околу сто дела, вклучувајќи и цртежи, костими и сцени од авангардната опера „Победа над сонцето", која премиерно била изведена во 1913 г. во театарот „Лунапарк" во Санкт Петербург.
Пред сто години во Русија е почнат новиот тренд во уметноста, кој подоцна го добива називот супрематизам, а идејата на Маљевич првпат е откриена токму во оваа оперска претстава, низ костимите и декорацијата креирани според негови нацрти. Во вториот чин уметниците ја кинат завесата на која сонцето не е претставено како жолто-црвено и тркалезно, туку во форма на црн квадрат. Авторите на операта, Алексеј Кручионик и Михаил Матушин, со тоа го покажале својот однос спрема традиционалната уметност. Црниот квадрат, кој стана симбол на Маљевич, така ја претставил победата на активната уметност на човекот над пасивната форма на природата.
Рускиот музеј во Москва поседува најголема колекција на дела на Маљевич (1878-1935 г.), дури 101 слика, повеќе од 50 графички дела, две архитектонски и повеќе дела од применетите уметности.
Славниот „Црн квадрат на бела заднина" првпат бил изложен во 1915 г. на последната футуристичка изложба, по што настапува супрематизмот - укинување на секој природен, предметен и историски аспект со идеја дека „супрематистичкото боено мислење покажало дека волјата може да го исполни создавачкиот чин тогаш кога уметникот ќе го укине предметот како сликарска основа". Подоцна насликал „Бел квадрат на бело", слика што ја претставува крајната цел на супрематизмот - апсолутна беспредметност.
Вредноста на неговите дела почнала да достигнува астрономски суми по неговата смрт. „Супрематистичка композиција" е продадена во 2008 г. на аукција во Њујорк за 60 милиони долари, со што стана најскапото дело на руски уметник продадено на аукција. Маљевиќ пак живеел во сиромаштија. |
|
|
|
(Нова Македонија)
7 декември 2013 |
|
|
|
|
Views: 341
| Added by: Вељанко
|
|
|