Споменикот, монументално дело во мермер, е висок 3,30 метри, а е дело на вајарот Бранко Конески.
-Поставивме паметник кој вечно ќе трае. Блаже Коенски е голема личност, еден е од кодификаторите на современиот македонски јазик. Токму затоа му се оддолжуваме со овој споменик - рече градоначалникот Марјан Ристески, најавувајќи дека наскоро ќе биде поставен споменик и на Круме Кепески, при што плоштадот каде што се наоѓа и споменикот на Марко Цепенков ќе биде именуван како Литературен плоштад.
Претседателот на Советот м-р Никола Димески најави дека и понатаму на значајни личности ќе им се оддава почит и ќе се поставуваат паметници, со цел да се зачувува нивното дело и лик.
Авторот на споменикот Бранко Конески вели дека му бил предизвик да го изработи овој паметник, бидејќи е потомок на македонскиот великан Конески.
-Го имав истиот однос како и при изработката на Марко Цепенков. Со поставувањето на паметникот на Кепески ова ќе биде една целина, еден мој сопствен опус, како и творештвото на Конески - рече вајарот.
Во рамките на чествувањето на годишнината од смртта на Конески во Библиотеката "Борка Талески" се одржа манифестацијата "Сеќавање за Конески" на која беа прочитани беседи и литературни творби од и за Конески.
Автор:Ка.М.
(Нова Македонија)
7 декември 2013