|
Ќе се реконструира и конзервира античкиот театар во Стоби
Ќе се реконструира и конзервира античкиот театар во Стоби
Проектот за конзервација на театарот во Стоби, кој во почетна фаза се реализираше во октомври и ноември, ќе продолжи напролет. Се очекува до крајот на 2014 година, источната половина да биде целосно подготвена за монтирање нови мермерни седишта со што реконструкцијата на тој дел од театарот ќе биде завршена
НУ Стоби информираше дека активностите во минатите два месеца опфатиле конзервација и реконструкција на радијалните ѕидови 15, 16, 17 и 18 и реконструкција на сводовите меѓу нив, конзервација, реставрација и реконструкција на оштетените делови на вториот циркуларен ѕид во должина од 35 метри и височина од 1,5 до 2 метра.
-Со овие зафати објектот е подготвен за реконструкција на сводовите од тули над централниот радијален коридор и страничните простории, по што ќе следува реконструкција на сводот над централниот циркуларен коридор и лежиштата за седишта, соопшти НУ Стоби.
Проектот предвидува конзервација и на западната половина од театарот, каде што се сочувани оригиналните седишта, како и конзервација на супструкцијата од горниот дел на гледалиштето, каде што седиштата недостасуваат, но се сочувани коридорите за циркулација на публиката.
Изградбата на театарот во Стоби почнала кон крајот на 1 век од нашата ера и била завршена во првата половина на 2 век н.е. Со капацитет за 7.600 гледачи, театарот бил меѓу најголемите објекти за масовна забава во римската провинција Македонија.
Проектот на НУ Стоби за конзервација, реставрација и реконструкција на театарот во Стоби е финансиран од Министерството за култура.
Автор:И.Н
.
(Нова Македонија)
10 декември 2013
|
|
Views: 275
| Added by: Вељанко
|
|
|