Во библиотеката „Гоце Делчев" се изложени 135 книги донирани од Словенката Вида Балтиќ
Најстарите книги во сопственост на велешката библиотека, стари по два и три века, повторно се изложени пред читателите, откако подолго време беа скриени од јавноста. Повеќето од нив се одлично сочувани. „Повторно ја изложуваме најстарата збирка на книги кои се во наша сопственост. Своевремено ги донирала Словенката Вида Балтич, 135 наслови повеќето пишувани на германски, помал дел на италијански или француски јазик. Тие се гордост на библиотеката. Сакаме ова наше богатство да го споделиме со велешани, со нашите читатели, но и со гостите кои доаѓаат во нашата институција и град. Горди сме на ова што го имаме, затоа сакаме пошироко да го промовираме", вели Игор Крајчев, директорот на библиотеката „Гоце Делчев". Најстарата книга датира од 1773 година, отпечатена е на 28 април, а изложени се дел од патописите, дел верска литература, житија, библиски текстови. Има и збирка дела од Шекспир, „Тројцата мускетари" од Дима, Емил Зола, Гете.
„Потребно е да дојде стручен тим, кој би ја истражил оваа збирка. Минатата година некои студенти покажаа интерес, но немаше конкретна реализација. Очекувам дека оваа изложба ќе предизвика поголем интерес. Повеќето книги се во одлична состојба, а дел се во лоша. Ќе побараме помош од музејските работници да ги сочуваме", додава Крајчев. Словенката Вида Балтиќ е сопруга на некогашниот жупан Вилко Балтиќ. Таа живеела од 30-тите до 50-тите години на минатиот век во Неготино, а книгите ги подарила на библиотеката во Велес. (П.П.)
(Утрински Весник)
15 декември 2013