Бакалчев и Хаџи Пуља во Музејот на комуникациите во Лисабон го изложија проектот „Гледајќи во огледалото"
МАКЕДОНСКИ АРХИТЕКТИ НА ПРЕСТИЖНОТО ТРИЕНАЛЕ ВО ЛИСАБОН
Одлична посета и голем интерес предизвика претставувањето на македонскиот архитектонски колектив „Метамак" на престижното Триенале на архитекти во Лисабон, Португалија. Архитектите Минас Бакалчев и Митко Хаџи Пуља во Музејот на комуникациите во Лисабон го изложија проектот „Гледајќи во огледалото" - демонтирање на 36 архитектонски објекти - базиран на темата на годинашното триенале „Блиску, поблиску", под кураторство на Беатрис Галилеи.
Лисабонското триенале е голем културен настан и трае три месеци, а годинава зградите ги заменија перформанси, социјално ангажирани практики и нарација.
Нашите претставници бесплатно го добија просторот за изложбата, а спонзорството за изработка на проектот добиле од бизнисменот Тони Каранфиловски.
Архитектурата не е само објект што пренесува идеја
Веќе самиот наслов на темата „Блиску, поблиску" сигнализира дека ова не е класичен архитектонски фестивал на суперстар-архитекти што исфрлаат нови проекти како на подвижна лента, туку манифестација што повикува на активно учество и спојување на луѓето. Многу повеќе од изградените структури фокусот е ставен на работилници, настани, разговори, дебати и граѓански акции, па може да се каже дека тежиштето е ставено на луѓето, идеите и стратегиите. Темата „Блиску, поблиску" ја испитува архитектонската практика во поширок контекст, односно како функционира архитектурата денес, кога Европа е во глобална криза.
Триеналето се концентрира околу промислувањето на архитектурата, па во тој контекст кураторката Беатрис Галилеи вели: „Ние не ја презентираме архитектурата само како објект што пренесува идеја, туку како акт на медијација на таа идеја".
-Проектот „Гледајќи во огледалото" кореспондира со темата, а се работи за еден вид демонтирање на архитектонските објекти кон својата суштина - вели архитектот Бакалчев.
Есенцијата на архитектурата во филмовите на Тарковски
Проектот се состои од три поставки со 36 објекти, првата се состои од цртежи, втората поставка ја прикажува заднината на објектите преку слики од филмовите на култниот режисер Андреј Тарковски, а третата поставка прикажува поединечни архитектонски објекти, изрежани на алуминиумски плочи.
-Сликите од Тарковски се наменски избрани, бидејќи во неговите филмови архитектурата доаѓа до својата есенција. Тоа беше инспирацијата за проектот и референца за тоа објектите да можеме да ги гледаме како модел - објаснува Бакалчев.
Според авторите, станува збор за истражувачки, експериментален проект, но со некои мејнстрим-фрагменти.
-Доаѓаме до интроспекцијата на архитектурата, преку алуминиумските плочи можеме да гледаме во сопствената рефлексија. Просторот во кој изложувавме имаше еден мал вертикален простор, кој беше соодветен за 36-те алуминиумски плочи на кои имаше директна рефлексија од небото. Задоволни сме од интересот на посетителите, кои исклучително добро ја примија изложбата. Лисабон за нас беше посебно искуство - вели Бакалчев.
На Триеналето во Лисабон учествуваа референтни светски имиња од архитектурата, а едно од нив е познатиот архитект Соу Фуџимото.
Колективот „Метамак" лани беше македонски претставник на Венециското биенале за архитектура, а проектот со кој се претставија во Португалија е своевидно продолжение од изложбата во Венеција со некои нови архитектонски елементи. Во колективот членуваат студенти од Архитектонскиот факултет во Скопје и соработници меѓу кои се Александар Петановски, Јана Константинова, Бекир Адеми, Гордан Петров и др.
|
|