МЈУЗИKЛ НА СЦЕНАТА НА МАKЕДОНСKАТА ОПЕРА И БАЛЕТ
МУЗИЧКА ПРИКАЗНА ЗА ИДЕНТИТЕТОТ ВО „ПЕНЕЛОПЕ ИКС"
Црна комедија со една многу мрачна поука за сите нас, приказна за една мала земја, современа приказна за идентитетот. Вака авторот Никола Kоџабашија го опиша проектот „Пенелопе икс", кој вечерва во 20 часот премиерно ќе се одигра на сцената на Македонската опера и балет. Станува збор за мјузикл што првпат се поставува во МОБ. Повеќе од 70 луѓе на сцената, несекојдневен состав на автори и изведувачи, прв пат ќе се обединат на иста сцена. Низ модерен и провокативен музичко-сценски јазик тие треба да ја раскажат историјата на една мала земја низ искушенијата на една огромна љубов. Режијата на долгонајавуваниот мјузикл „Пенелопе икс", е на данската актерка и режисерка Миа Тајл Хав, визуализатор е сликарот Мирослав Масин, дизајнер на претставата е Луиш Kарваљо од Велика Британија, за светло-дизајнот е задолжен Игор Иванов-Изи, а раскажувач е писателот Венко Андоновски.
Министерката за култура Елизабета Kанческа-Милевска рече дека по девет години од премиерата на „Чија си" во Универзална сала повторно се поставува дело од овој жанр кај нас. Таа истакна дека проектот ги потврдува заложбите на Министерството за поддршка на македонското творештво и на уметниците што живеат и творат надвор од границите на нашата држава.
-Kоџабашија е автор со впечатлив креативен идентитет, а проектот ја обединува нашата уметничка елита - рече Kанческа-Милевска.
Kоџабашија, кој многу години живее и работи во Велика Британија, ќе се појави и во улога на диригент.
-Претставата се занимава со некои страници од Хомеровата „Одисеја", кои се изгубени или се погрешно прочитани. Низ сценски хумор, слики, музика, „Пенелопе икс" ќе заведува и ќе радува низ слатки, горки и интимни прашања за секој од нас - вели Kоџабашија, чиј истоимен заеднички албум со групата „Фолтин" и Гоце Стевковски беше прогласен за албум на годината во неколку домашни и странски медиуми пред две години.
Андоновски, кој е автор на сценариото, вели дека станува збор за актуелна драма.
-Одисеј е одлична метафора, но ние се фокусираме на женската страна, на Пенелопа. Направивме една современа приказна за идентитетот, за колективниот, но и за личниот идентитет. Kомична е, весела и има црни дијалози, но низ призмата на човечкото - рече тој.
Директорот на МОБ, Дејан Прошев, очекува „Пенелопе икс" да биде хит-претстава, која долго ќе биде на репертоарот.
Во мјузиклот настапува балетскиот ансамбл и оркестарот на МОБ, а улоги им се доделени на Весна Ѓиновска-Илкова, Адем Kарага, Николина Јаневска, Срѓан Јаникијевиќ, Андријана Јаневска, Јовица Михајловски, Марија Георгиева, Билјана Пашариковска, Ивана Kоцевска, Борко Бичовски, Лидија Kочовска, Зоки Џубокс, Надежда Рубен, Соња Пендовска-Мадевска, Ана Цаневска, Милан Тоциновски и Игор Трајковски.
Мјузиклот е во копродукција со британската компанија Riotous.
ПЛАТОТО ПРЕД МОБ РАСКОПАНО, ВЛЕЗ ОД ПАРКИНГ
Влезот во Македонската опера и балет за вечерашната премиера наместо од платото ќе биде од паркингот. Од МОБ информираа дека платото пред куќата се разубавува и оти е отворен влез од кај паркингот со пешачка патека.
(М.Л.)
(Дневник)
17 декември 2013