ОРИГИНАЛЕН НАЧИН НА ЗАШТИТА ОД KРАЖБИ
СТРУШКИОТ МУЗЕЈ ГО ЧУВА МАКЕДОНСКОТО МИНАТО ВО БАНКА
Скапоцените експонати од колекцијата на струшкиот музеј со години ги чува во банкарски сефови. Поучени од лошото искуство пред 20 години, кога се случила кражба во музејот, се решиле да не ризикуваат, па предметите ги депонирале на сигурно. Во музејот има археолошко одделение, но нема галериски простор. Затоа музејските работници смислиле интересен начин да се заштитат од кражби - изнајмиле сефови во банка. И така е веќе со години.
Исчезнувањето на 166 исклучително вредни антиквитети од Музејот на Македонија, каде што истрагата е с` уште во тек, отвори многу прашања за безбедноста на музеите во земјава.
Сашо Цветковски, директор на Музејот „Д-р Никола Незлобински" во Струга објаснува дека освен природонаучната збирка, другото не е изложено зашто немаат адекватен простор каде што би ги презентирале другите предмети.
- Но, веќе со години, с` што е вредно во музејот го имаме ставено во изнајмени банкарски сефови. С` што е највредно, сите предмети од особено значење се депонирани во банката. Последна ревизија на сефовите правевме во јануари, годинава.
Темелна ревалоризација
Во струшкиот музеј е отпочнат процесот на вреднување и превреднување, обврска која институциите ја добија со донесувањето на Законот за заштитата на културното наследство кој стапи во сила на почетокот на 2005 година. Тоа требаше да го сторат сите институции кои се занимаваат со чување, грижа и презентација на какво било материјално или нематеријално (духовно) културно наследство.
-Поради обемноста на материјалот, тој процес с` уште трае. Целта не е само да се изврши ревалоризација, туку во вистинска смисла да се даде научна или историско-уметничка вредност на предметите. Затоа се прави една голема селекција. Токму поради тоа, со овој процес не треба да се брза бидејќи работата треба да биде темелно завршена. Се работи за илјадници предмети што треба да бидат адекватно и правилно валоризирани - вели Цветковски.
Во процесот секако има и материјал што отпаѓа од збирките. Цветковски ја објаснува музејската работа во тој аспект. Kако пример ја зема керамиката што археолозите ја пронаоѓаат на ископувањата.
-Откако ќе завршат теренските истражувања, во музејот се носи целиот материјал кој е студиски. Сиот материјал се бележи во влезната книга, секој предмет си добива свој број во влезната книга. Од таа голема маса студиска керамика, се разбира дека треба да се направи селекција. Тоа што е вредно останува и влегува во инвентарната книга - објаснува Цветковски.
Еден од најстарите музеи
Во 1928 година, кога лекарот од Русија, Никола Незлобински го основал музејот, постоел само биолошкиот оддел, природонаучниот. Со текот на годините се проширувала дејноста и веќе од седумдесеттите, особено од осумдесеттите години почнала да се оформува археолошката збирка. Веќе почнале да работат археолози како кустоси, па се формирала историската збирка со браќата Миладиновци. Уметничка збирка поврзана со делата на Вангел Kоџоман, а од поново време постои и етнолошка збирка.
Депоата од природонаучниот дел се на последниот кат во административната зграда. Издвоени се и секоја година се третираат на посебен начин, како и самата збирка.
-Постои дезинфекција, дезинсекција и дератизација на предметите, целосна постапка која се прави секоја година. Од таа страна збирката е заштитена - вели Цветковски.
Оваа збирка била проширена во шеесеттите години и оттогаш е во актуелната форма. Во депоата има уште многу предмети, препарирани животни кои заслужуваат да бидат изложени, но просторот е ограничен.
Годинава беа одбележани 85 години од основањето на музејот. Во приземјето на административната зграда направена е Спомен-соба за Никола Незлобински.
Весна И. Илиевска
(Дневник)
18 декември 2013